Кога злото станува банален принцип на „објективноста“

Да се напише долг трактат за цензурата (по повод блокирањето на емитувањето на Раша Тудеј и Спутник) и ниту еднаш да не се спомне ниту поимот ниту значењето на јавниот интерес, тоа е или базично неразбирање или интелектуална мрзеливост за тоа што треба да биде улогата на професионалните медиуми во интерес на јавноста. Тој пристап не разбира дека цензурата (во демократски општества) е дериват на принципот на јавниот интерес, а не обратно.

Што значи тоа и во теорија и во практика?

Наједноставната дефиниција на јавниот интерес е дека со него треба да се препознава и заштитува добросостојбата на јавноста, за којашто самата јавност има интерес, што ја легитимира власта таа област да ја регулира. Во демократските општества содржината на регулацијата е резултат на јавни, општи и стручни дебати, коишто потоа се преточуваат во законски норми (или „препораки“). Тие дебати не треба никогаш да престанат, бидејќи јавниот интерес не е статичен и не се однесува само на базичните права на луѓето, туку неговата регулација зависи од развојот (или регресијата) на вредностите, интересите и начините за пренос на масовни информации во општествата, особено во вонредни ситуации (војни, пандемии, природни катастрофи од големи размери и сл.). Дебатата, посредувана од медиумите, е во доменот на јавноста, а регулативата е во доменот на државата, која е демократски институционален производ на јавноста. За ова, се надевам, не треба да се води дополнителна голема расправа, бидејќи овие теми, во обемната политиколошка и комуниколошка теорија која се занимава со модерната демократија (за кои паралелите со ранохристријанството и крстоносните војни се петпарачки дигресии), се обработени во стотици илјади томови стручна и популарна литература.

Каква е практиката на заштитата на јавниот интерес и начинот за кој се информира јавноста во Македонија, конкретно, во случајот со воената агресија на Русија врз Украина?

Квантитативната анализа на агенцијата „Пикаса“, објавена во четвртокот (во која се опфатени дури 400 дигитални медиуми во државава), покажува дека во текот на февруари месец годинава се објавени 41.113 вести (со оглед на развојот на настаните, за март бројката ќе биде, веројатно, тројно поголема), од кои во близу 60% од случаите не се наведува изворот (или се вели „според украинските… руските… светските“ медиуми), а во 18.8% се наведуваат конкретни меѓународни извори, во 9% се руски извори и само 3% украински извори. Од меѓународните извори најцитирани се Ројтерс, Би-Би-Си и Си-Ен-Ен, а од руските агенциите ТАСС и РИА, како и Спутник.

Не треба човек да е професионален новинар, а не пак уредник со долгогодишно искуство, за да процени дека македонската јавност има комплетен увид во „спектарот на настаните“ во Украина. Не постои вест, изјава, толкување или настан што, во медиумите, е (намерно) скриена од македонската јавност, за што сведочи и живата дебата по медиумите за семожните аспекти на војната, нејзините причини, тек и последици.

За професионалноста во пристапот на македонските мејнстрим медиуми можеме да расправаме со недели (и за тоа дали, и зошто, имале или немале дописници во Русија и Украина), но граѓаните (македонската јавност) не се третираат како „овци“, бидејќи тие тоа не се. На пример, во медиумските платформи што ги уредувам јас и колегите од „Слободен печат“ се трудиме месечно да гостуваат, да коментираат или да се пренесуваат ставови од стотици соговорници/пишувачи на оваа тема (освен оние кои од разни причини одбиле да го кажат своето мислење), а не постои агол на кризата што новинарски не е „покриен“. Тоа е она што „од петни жили“, секојдневно, „волтеријански“ се трудиме и го правиме.

 

Дали е македонската јавност и јавноста во десетици други демократски држави неправедно информативно „оштетена“ со одлуката на нивните влади да го прекинат емитувањето на Раша Тудеј и Спутник, на што се спротивстави (меѓу другите) и Европската федерација на новинарите? Дали поддршката на ваквата одлука ги прави новинарите, во принцип, „општествено-политички работници“, а несогласувањето со неа врвни професионалци и корифеи на слободата на јавното изразување?

 

Одговорот – да се вратиме на почетокот од овој текст – се крие во вреднувањето на јавниот интерес, наспроти оправдувањето на цензурата. Раша Тудеј и Спутник се неспорна и влијателна пропагандна медиумска индустриска алатка на режимот на Путин, кои се во служба на поддршка на крвавата руска агресија врз Украина. Тоа никој, па ни оние кои во демократскиот свет се противат на таквата одлука, не го спори. Според тоа, прашањето е дали, во принцип, е јавен интерес да се овозможи масовно пропагирање на непредизвикана масивна воена агресија врз демократска, суверена соседна земја, за да се овозможи „избалансирано“ информативно толкување на агресијата? Или, провокативно кажано, според истиот принцип, имал ли право Хитлер да бара неговата ужасна вистина (без наводници) да биде подеднакво пропагандно овозможена (и бранета од „професионалците“, наспроти „општествено-политичките работници“ во новинарството) во демократскиот свет, со вистината на шесте милиони Евреи (меѓу кои 1.5 милиони деца) истребени во нацистичките концентрациони логори?

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

 

 

Back to top button
Close