Расприкажаниот, а сепак осамен, руски амбасадор во Скопје

Не мислев дека баш така ќе го извадам од такт „осамениот руски амбасадор во Скопје“, господинот Сергеј Баздникин – или дека барем ќе се случи таква коинциденција со мојата вчерашна колумна. До толку што, со напишани и потоа читани одговори на одличен македонски јазик, да мора ургентно да излезе во централниот дневник на ТВ Сител за елоквентно, по малку и возбудено, 25 минути да ја брани агресивната политика на својата држава кон Украина, а и кон целиот преостанат цивилизиран свет.

Од разговорот дознавме, се разбира, дека политиката на претседателот Путин е за сѐ во право, дека Украинците се главните виновници за руското зло што ги снајде, дека таму Русите ослободуваат, а не освојуваат, и дека Русите внимателно бираат цели за гаѓање и убивање, додека терористичките формации на украинската војска и нивната граѓанска одбрана се виновни за своите цивилни жртви и за разрушувањата на сопствената татковина. Амбасадорот констатира дека против Русија се води „информативен терор“ во светот (во што, претпоставувам, спаѓа и овој текст). Нормално, ни беше појаснето дека мора погрешно да сме запамтиле дека пред некој ден Путин се закани со употреба на нуклеарно оружје, туку дека тоа, всушност, го направиле НАТО и Бајден, Џо.

 

Во едно интервју, ни заштеди господинот Баздникин барем една недела конзумирање на Раша Тудеј и Спутник. И воопшто не погрешив кога вчера напишав дека се работи за искусен и интелигентен дипломат кој – за разлика од многу негови западни колеги кога овде даваат интервјуа – можете да го обвините за повеќе работи, но не и дека е здодевен. Макар и кога, по ред, си ги чита подготвените телевизиски одговори, од што со своите точни прашања не успеа да го „изремети“ ни колегата Кузмановски кој го водеше разговорот.

Па, сепак, беше по малку тажно да се гледа како врвниот руски претставник во земјава е ставен во ситуација јавно да го брани она што не може да се одбрани. Дури и на овдешните вљубеници во Путин („стотици обични македонски граѓани“ кои дневно испраќаат зборови на поддршка до Руската амбасада) им е јасно кој и што прави во Украина и за што е заслужен, само се во безнадежна потрага по аргументи како тоа да го рационализираат, некако да си го оправдаат. Тие уредно и одамна го мразат Западот, но вака бездушно и без очевиден повод и провокација да се разурнува европската „колевка на Русија“, Украина, тоа им е малку многу и за нивните одамна напатени, цинични души.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close