Што беља ли не’ чека?

Секоја сериозна, деморатска политика/партија на избори изегува со комплетен состав на клучните луѓе/места во власта, нудејќи му на гласачкото тело персонализиран избор, конкретен лик за одделен ресор „во замена“ за неговиот глас. Само таа и таква (предизборна) политика добива симпатии кај граѓанинот бидејќи му сугерира лице зад програмата, профил кој влева, или не, доверба во реализацијата на ветеното. Зошто кај нас тоа не се прави односно зошто толкава фама само за местото на првиот човек на владата, а не и за другите? Или, ако првите веќе ги знаеме, вклучувајќи го и оној опскурен политикантски обид за етничка манипулација на една албанска партија, зошто да не ги знаеме и другите? Или другите места се оставени за пазарење? Ако е така, а така барем беше, дури и во изминативе три години, зошто тогаш предизборни програми за сите надлежни сегменти кога евентуалните нови (коалициски) персонални решенија не значат и обврска за исполнување на предизборната програма во конкретната област? Катастрофичниот пример со културата во последниве две години е повеќе од индикативен и токму затоа и влева огромна доза на песимизам, барем кај гласачите на кои културата им е битна област во државава. Па и во животот, ако баш сакате. Ова е особено потенцирано од нејасната персонална слика што ја нудат двете најголеми македонски партии, а впрочем истото важи и за сите други.

Или, ако сакате, ако цениме според она тврдењено на хидроцентралистот (неодамна во Шуто Оризари) дека тој лично стои како гарант за реализацијата на партиската програма, значи ли тоа дека тој лично ќе биде и министер за култура? Иако, наспроти тоа, и кај овие е генерално нејасно кој би ја раководел таа потенцирана „обнова“ во културата, бидејќи до денес тие не експонираа лице кое поконкретно би можело да одговори на некои подетални прашања од „обновата“, како што впрочем тоа не го направи ниту владеачката СДСМ. А без тоа, да простите, и тие и ние си тераме бајрам со умот, што се вели. Зашто, кога планирате таква (обемна) предизборна програма – говорам за двете партии – мора на гласачот да му го понудите и лицето, ликот на оној кој истата ќе ја операционализира, реализира. Или нема да ја реализира, како што се случуваше до вчера! Кај злосторничконо здружение, можеби, (импровизирам), тоа би бил оној мрачно-конфузен тип кој прв ни го сервираа во „културната“ кампања, оној певецон, оној сериозно проблематичен лик (заради многу аспекти) кој не знае ни што и како застапува, ама знае дека застапува… нешто. И кому, како што многупати сме се увериле, не му е многу битно што застапува, се’ дури во тоа има личен интерес. Затоа, сериозно мислам дека во едно културно тотално неписмено злосторничко здружение многу подобра опција е да си ја киднапираат назад пуфлата која де факто е најверзирана во сите нивни шмеќерлаци и бизнис релации во „културата“, нејзините инсталации во Министерстовото за култура и во институциите се се’ уште на истите места – СДСМ се потруди одлично да ги заштити па дури и да игра и со нив! – такашто, за мене, таа е потенцијалниот кандидат бр. 1! Плус, таа е веќе блиска со СДСМ, така што евентуалната соработка не би им била проблем, нели?

Од друга страна, што нуди Социјалдемократскиот сојуз како некаков персонализиран шеф на македонската култура по изборите? Засега, и тие – ништо. Што е чудно, морам да кажам, бидејќи е апсолутно несвојствено владеачката партија да нема конкретен кандидат (не само) за такво место. Почитуваната Царовска, која, ете, од немајкаде, шета по културните институции и не’ уверува што и како оваа влада направила за културата, не може да им биде адут, барем не на ова поле. Или може? Не знам, но г-ѓата Царовска, со сиот респект, не е личност верзирана во културата. Тогаш – кој? Или повторно ќе го чуваат местото за пазарење, ќе го нудат „кому иде“, ако треба и на Амди Бајрам (без намера да навредам)? Зашто, извинете, „експериментов“ во последниве двеипол години – со БЕСА на Гаши – беше тотално промашување, антикултура, навреда за целата македонска култура. Е сега, јас имам неколку имиња како мој предлог – во нивните редови има богата клиентела самопрогласени уметници, „национални“ режисерчиња, полуписмени самопозиционирани министри за надворешни работи во културата, неколкумина анал-итичари… – ама не сакам да бидам до толку безобразен. Иако, ако подобро погледнете во она што се нуди, од СДСМ ни тоа не би ме зачудило. А впрочем, во една ваква констелација, (и да бидам докрај безобразен): зошто и тие не би си ја присвоиле пуфлата, која се покажа како солиден и сестран политикантски играч, плус – на нивна страна како мериторен глас во некогашното Собрание на оној офицерон? Згора на тоа, каков шамар би бил тоа за злосторничконо здружение! Па тие би побудалеле од бес, и омраза! Сериозно, зашто гледајте: се’ и онака се движи по криминалните патеки што ги зацрта парапетчено од Будимпешта, па следствено – зошто не пуфлата?! Прво, жената си ги знае работите, ги запознала сите козји патеки низ „културата“, тресе страшни глупости ама кој пак од политичариве кај нас не го прави тоа, и второ, пак се’ ќе биде како што било, што е главен приоритет во македонската култура за сите власти. И трето, еве јас се обврзувам да престанам да ја викам така како што ја викам, зашто сепак (повторно) би била – министерка, нели.

Ако некој ова го разбрал како шега, еве го разуверувам. После се’ што проживеавме во културата во изминатата деценија, ни останува само смеата и шегата како најздрави методи на опстанок. Иако ништо не е смешно, ама – ќе биде. Сигурен сум. Инаку, зошто ниту една партија не објавува кој за што ќе се грижи во таа нивна идна влада? Мислите дека знаат? Појма немаат, па следствено и моите предлози се во игра барем за оваа позиција. А, од друга страна, со мојот предлог барем ќе знаете на што сте. Со нивните – не знаете што беља ве чека!

Златко Теодосиевски

Back to top button
Close