Ни брак, ни сватови, а можеби ни веридба

Посетата на Жозеп Борел на Скопје и Тирана беше неуспех. Тој дојде да понуди само „волја“ на ЕУ за почеток на преговори за двете земји кои целосно застанаа зад европските санкции на Русија. Пишува Љупчо Поповски
Еди Рама, албанскиот премиер, е специфично колоритен политичар не само за балканските простори, туку и за пошироки европски пространства. Кога неделава шефот на европската дипломатија (надлежен и за безбедноста) Жозеп Борел во Тирана ги повторуваше истите зборови кои ги кажа во Скопје – дека Албанија и Македонија одамна го заслужија отворањето на преговорите со ЕУ и дека ќе продолжи да поддржува да се случи тоа за време на француското претседателство – тоа не предизвика никаква специфична реакција кај Еди Рама. Повеќе резигнираност отколку и минимално задоволство.
Неговиот одговор беше во рамките на неговата колоритност: „Добивме и ќе добиваме изјави за љубов и заслужуваме да бидеме сакани, но нема да ги правиме подготовките за брак како порано. Овие не се појавуваат, не затоа што не сакаат, туку немаат време да се венчаат. Кога ќе бидат готови, нема да има огномет, тоа ќе биде истрошен брак“.
Репликата на Борел беше амбивалентна: „Кога зборуваме за брак, има повеќе видови бракови“.
Различни бракови
Навистина, има повеќе видови бракови. Еден од нив е посветен на Македонија и Албанија кога треба да се дели „заедничката постела“ околу санкциите против Русија поради инвазијата на Украина. Борел беше преполн со пофалби дека двете земји во овој кризен момент покажале дека се едни од најсигурните партнери на ЕУ, дека нивната надворешна политика е 100 отсто усогласена со европската, дека тие се одговорни членки на меѓународната заедница затоа што „ова е морален избор, а не избор заради калкулации“. Но во таа „заедничка постела“, барем засега ќе нема некаква помош за штетите што двете земји ќе ги претрпат од воведувањето на санкциите против Русија.

Во кругот на бесконечноста
Во основа, ова беше пропадната турнеја на Жозеп Борел. Тој како да дојде во Скопје и Тирана ( а потоа и во Сараево) само да се осигура деке двете земји нема да скршнат од патот на европските санкции за Путин, да каже колку војната во Украина е опасна за безбедноста на Европа и вкупната геополитичка ситуација, да биде уверен дека двете земји му припаѓаат на европското демократско семејство, но дека не знае дали и официјално ќе станат негови членови. Грубо кажано, Македонија и Албанија да ги извршат обврските посветено и со сите ресурси, а ЕУ и натаму ќе вага и превагува. Можеби до бесконечност. А во исто време, двете земји кои веќе преговараат со ЕУ, Србија и Црна Гора, не се приклучија на европските санкции.
Бујар Османи утредента се обиде да го оправда Борел, велејќи дека шефот на европската дипломатија во својот опис на работата го немал проширувањето. Без оглед на мотивот на тоа што го кажа Османи, ние, а и ЕУ, паметиме други луѓе кои беа на неговото место. Еден друг Шпанец, Хавиер Солана, со својата политичка моќ покриваше половина Европска комисија, па дури и Федерика Могерини изгледаше поагилна, попосветена и работеше со поголема жар на европската перспектива на Македонија и другите земји од регионот.
Стево Пендаровски и Димитар Ковачевски беа многу поостри од Османи. Македонскиот претседател денеска му рече на Борел дека ЕУ не може уште да ја држи настрана земјава која е докажан европски партнер. Особено во новите геополитички прилики и руската инвазија на Украина и дека отпочнувањето на пристапни преговори за земјава е тест за кредибилитетот на Европската унија. Ковачевски ги повика ЕУ и сите земји членки треба да делуваат стратешки околу интеграцијата на земјите од Западен Балкан. Состојбата на статус-кво никому не му оди во прилог, рече тој.
Веројатно разбирајќи дека пораките што ги испрати во Скопје и Тирана беа песимистички, Борел во интервју за Дојче веле се обиде да даде една оптимистичка црта: „Војната во Украина е повик за будење за цела Европа. Војната во Украина ја истакна потребата од поголемо единство. Таа ја покажува потребата да не се остави Западниот Балкан да заостанува зад европскиот развој. Затоа мислам дека е добра прилика, дека е историски момент, и би сакал да им испратам порака на сите инволвирани во овој процес да ги зголемат напорите да се надминат проблемите и пред крајот на француското претседателство, двете земји да ги започнат преговорите“.
Двете земји се заглавени во чекалницата поради блокадата на Бугарија. Ако војната во Украина е повик за будење за цела Европа“, тогаш главната порака треба да биде испратена до Софија, а не до Скопје.
Единственото опипливо нешто што му успеа на Борел е – да го зголеми евроскептицизмот во Македонија. Тоа не е мал успех – од негативната страна. Оваа земја навистина е проевропски посветена, какви што не се барем половина од општества во самата ЕУ. И сега, токму за време на оваа ужасна војна и поткопувањето на целата безбедносна и економска архитектура во Европа, да ја подјадеш таа супстанца не е мала работа. Се разбира, никој не тврди дека Борел тоа го прави намерно, но по 17 години кандидатура да се каже дека „нема датум на хоризонтот, но има волја“ не е во согласност со постојаната реторика од Брисел дека регионот мора да стане дел од ЕУ.
А дали некој воопшто забележа барем еден збор во последниов месец и пол за оние француски најави дека во јуни ќе се одржи нова конференција на лидерите на ЕУ за Западен Балкан? Можеби Македонија и Албанија ќе треба уште да чекаат, а овде да почне драматично да се ситни довербата во ЕУ. А ако Путин се појави како некаков победник во војната во Украина – дури тогаш ќе биде целосно нејасно каква порака би можеле да испратат европските лидери која би можела да ја слушне овдешната јавност, а да не ја прими со целосно потсмевање. Жално е за државава и за нејзините граѓани – но времето на ЕУ како да почна да истекува слично на песочен часовник.






