Паметна инфраструктура за одржлив развој

Интернетот на нешта (Internet of Things) е кованица која влезе во општа употреба во последната декада, иако првиот „паметен“ уред датира од раните осумдесетти години на 20-иот век кога група студенти во Питсбург, Пенсилванија нашле начин да го програмираат апаратот за кока-кола за во секој момент да имаат пристап до информации за достапноста на лименки и нивната температура.

Четириесет години подоцна се претпоставува дека постојат над 30 милијарди уреди кои се поврзани во Интернетот на нешта, дефиниран како мрежа на физички предмети (нешта) кои се поврзани преку сензори или друга технологија. Токму ова е и базата на паметната инфраструктура – систем на различни технолошки алатки кој овозможува размена на податоци и нивна анализа во реално време со цел да се овозможи зголемена ефикасност, одржливост, продуктивност и безбедност.

Аплицирана во општествени рамки, паметната инфраструктура ги користи овие податоци со цел да се подобри процесот на донесување на одлуки и нивно спроведување во пракса. Паметните инфраструктури се базирани не само на нивната физичка структура туку и на четирите „софтверски“ елементи: податоци, анализа, повратна информација и прилагодливост. Податоците се основниот елемент кој е потребен за еден паметен систем да функционира, а со нивната анализа се добиваат информациите врз основа на кои се носат одлуките. Повратната информација овозможува соодветно прилагодување на системот бидејќи една од главните одлики на паметните системи е нивната способност да се адаптираат не само на моменталните потреби туку и на идните барања.

Паметната инфраструктура денес може да биде интегрирана во поединечни објекти или згради, но и во јавната инфраструктура, јавните површини и сообраќајот, кои заедно го формулираат концептот на „паметен град“. Во објектите за домување паметните технологии овозможуваат управување на домашните уреди од далечина, или прилагодување на температурата во објектот во однос на надворешните услови но и зголемена безбедност. Податоците собрани од јавните сообраќајници овозможуваат повратна информација до учесниците во сообраќајот во врска со состојбата на патиштата и препорака за најбрзата рута од една до друга локација како и слободните места за паркинг. Паметните градови пак ги интегрираат сите овие системи, зголемувајќи ја ефикасноста на традиционалните мрежи и услуги и олеснувајќи го пристапот до нив за граѓаните и за бизнисите.

Инвестициите вложени во интегрирање на паметните технологии во инфраструктурата овозможуваат најдобра можна искористеност на ресурсите, со што повратната вредност се исплати повеќекратно. Покрај тоа, ја зголемуваат безбедноста и отпорноста на објектот, заедницата или целиот град преку предвидување на надворешните околности и адаптирање на системите за да се справат со нив, намалувајќи ја притоа можноста за грешки и пропусти.

Паметниот град подразбира и паметен јавен превоз, современо водоснабдување и управување со отпадот, поефикасни начини за греење, ладење и осветлување на објектите но истовремено и поинтерактивна и одговорна градска администрација, побезбедни јавни места и овозможување подеднаков пристап без оглед на полот и старосната група.

Неколку активни проекти во Република Северна Македонија веќе го воведуваат овој концепт во главниот град главно со поддршка од странски донатори, но неговата успешна примена е директно зависна од соработката меѓу институциите, приватниот сектор и граѓаните. Покрај законските рамки кои поттикнуваат употреба на паметна инфраструктура и ги ставаат човечката добросостојба, заштитата на животната средина и намалувањето на штетните влијанија врз околината на прво место, потребна е и посветеност од страна на приватниот сектор но и активно учество на граѓаните во процесите на донесување одлуки.

Back to top button
Close