Литванскиот шеф на дипломатијата: Се надевам дека следните два месеци ќе има позитивни резултати за почеток на преговорите
Ниту една земја не може да го држи целиот процес на пристапување кон ЕУ во заложништво, порача министерот за надворешни работи на Литванија, Габриелиус Ландсбергис, при денешната прва посета на Северна Македонија.
ЕУ, рече тој, се обврза и ако сака да го задржи кредибилитетот на своите ветувања мора да има придвижување напред, а за тоа се погласни се повеќе земји.
„Веројатно не постои подобро време кога нашите европски вредности биле ставени на тест и ние се наоѓаме во позиција кога можеме или да се срушиме и да изгубиме кредибилитет или да излеземе од тоа посилни. Досега Европа за време на кризите излегуваше посилна и убеден сум дека и овој пат нема да биде поразлично – рече Ландсбергис.
Тој вели дека се надева оти до крајот на француското претседателство со ЕУ (30 јуни) ќе има позитивни резултати и рече дека не се искористени сите инструменти за да се спречи одвојување на Северна Македонија и Албанија односно и двете земји до крајот на јуни на напредуваат во евроинтеграциите.
„Сè уште се надевам дека следните два месеци од француското претседателство ќе донесат позитивни резултати и нема да има потреба од раздвојување на двете земји. Знаеме дека ќе биде долго време ако процесот се одложи и не би сакале тоа да се случи. Мислам дека не се искористени сè уште сите инструменти за да се спречи тоа, со цел да може двете земји заедно да се придвижат колку што е можно побрзо – рече литванскиот шеф на дипломатијата на заедничка прес-конференција со неговиот македонски колега, Бујар Османи.