Грлиќ Радман: Најавите се дека е можно на 23 јуни да се организира меѓувладина конференција со С Македонија
Најавите се дека сепак е можно на 23 јуни да се случи и да се организира меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ, секако, тоа ќе биде еден позитивен исчекор напред, а потоа се можни усогласувања и договори меѓу Северна Македонија и Бугарија со поддршка на ЕУ, вели во интервју за МИА шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман.
Хрватскиот министер оценува дека сите услови се подготвени да се почне и оти очекуваат и подготвеност од Бугарија за да се најде заедничко решение.
„Сите прашања што ќе се отворат подоцна можат да се решаваат и паралелно. Мислам дека е многу важно сега да се почне со пристапни преговори со цел да се испрати важна порака на земјите од Западен Балкан – а тоа е дека ЕУ е подготвена да се вклучи, оти Западен Балкан е дел од европскиот простор, дека е важен геополитички и геостратешки простор – подвлече Грлиќ Радман.
Хрватскиот министер, кој учествуваше на „Преспа форумот за дијалог“ во Охрид, вели дека е многу важно да се придонесува за мирот и стабилноста и да се види остварување на желбата на Северна Македонија која е определена за членство во ЕУ и оти, како што вели, заедно сме во европското семејство.
„Француското претседателство секако е важно. Франција сака да покаже, а таа тоа и е, дека е водечка држава во земјите-членки на ЕУ. И Франција и Германија се големи и одговорни земји. Францускиот претседател Макрон лани за време на посетата на Хрватска рече дека нему му е многу важен самитот за Западен Балкан и дека секако е заинтересиран и оти Франција силно ќе поддржи отворање преговори со Северна Македонија и со Албанија, бидејќи тоа е и во интерес и за безбедноста на Европската Унија – нагласува Грлиќ Радман во интервјуто за МИА.