Поминот во времето

Фрагмент од „Една историја покриена со шал“ од Миѓен Келменди

 

Велосипедот

Мендух Али Бег и Нурије имаа само една ќерка, Софија, која  како што му се чинеше на Ариф,  беше на иста возраст со Заке. Имаше убава и долга коса што се сјаеше со црвенилото на самракот,  кожата и беше бела и нежна, погледот тажен,  а изразот скаменет, поради што на  Ариф му се чинеше како да не е жива. Софија оживуваше и се исполнуваше со живот само кога го возеше велосипедот. И го беше донел татко и од Италија, заедно со една штотуку испечатена книга, што ја беше купил во книжарницата “Флора“ во Тирана,  од госпоѓата Севасти Ќириази Доко, со назив “Мајсторијата на пишувањето писма“. (Мајсторијата на пишувањето писма е една од основните мајстории на цивилизацијата. Без писма и без пратки светот се враќа во предисториските времиња“, пишуваше госпоѓа Ќириази Доко во предговорот. “Поради писмата  никој не останува отуѓен од овој свет, ниедна порта не му е затворена“, давајќи  потоа  сеопфатни објаснувања за тоа како се пишуваат пријателски писма, трговски, јавни, официјални писма, како се пишуваат честитки, сочувства, покани за гостувања и за свадби, како се пишуваат потврди, полиси, чекови, како треба се адресира писмо до службено лице, до министер, до генерал, до амбасадор, до  конзул, завршувајќи со тоа како  се адресира писмо упатено  до неговото кралско височество, Кралот на Албанците и до нејзиното кралско височество, Кралицата.

Возењето велосипед Софија како да ја трансформираше, ја разведруваше,  ја окрепуваше и  ја исполнуваше со живот. Качувањето на седлото, виорењето на косата, бранувањето на здолништето, студениот воздух што го чувствуваше во градите и помеѓу врелите нозе ја радуваше, ја исполнуваше со чувство на вознемиреност, со еротски треперења, ја обземаа бласфемични емоции, етерични, космогонични,при што посакуваше да излезе од фустанот,  од кожата, сакаше да се претвори во една отворена, загреана вулва,  дојдена  од вселената за да го пречека семето на една нова цивилизација, што ќе го роди семето на еден нов Бог, кој ќе ги направи луѓето посреќни, посакани, почувствителни, кадешто девојките ќе бидат слободни во љубовта и  во бракот и ќе можат да возат велосипед без колебање.

Нејзиното појавување со велосипедот низ сокаците на Пеќ нив ги вкочануваше, како под  наредбата на фото Пепа неколку мигови пред чкрапнувањето на фотоапаратот, за потоа да заживеат коментарите на чаршијата.

Бидејќи му беше единица, Мендух бег ја беше воспитал многу слободно, проектирајќи ја во неа љубовта за сите  деца што никогаш не му се родија. Така што, оваа дополнителна љубов беше нахранила и израснала една девојка која се разликуваше од нејзините врснички, нескршлива, флуидна, онирична, што ја правеше осамена, истовремено со оној поглед што на Ариф му се чинеше како да не беше жива.

Поради празнотијата и далечината предизвикани од богатството и од нејзината слобода, таа преземајќи некаков акт како враќање од некое далечно патување на татко и, со некава жестина како од тоа да и зависеше животот,  ѝ се потчини  на манијата за пишување писма. И почна да пишува, пишува, пишува…

Им пишуваше на сите, на целиот Пеќ, и на албанскиот и на српскиот, на муслиманскиот, на католичкиот, на православниот, на богатиот и на сиромашниот.  Им пишуваше на девојките од куќите на Беголи, Зајми, Дранќоли, Кастрати и Келменди. Му пишуваше на српскиот дел од Пеќ, на нивните девојки, на оние од занатското училиште, од дружината “Коло српских сестара“, на џандарите, на кафеаните “Гладстон“ и “Балкан“ , на аптеката на Мартиновиќи, на попадијќите од Патрикана, на Руговјаните дојдени во Пеќ, на шефот на железничката станица Д. Поповиќ, на Хаки –  шефот на станичните магази, на ромското маало што се наоѓаше  покрај  станицата, на сопственикот на хотелот “Корзо“, А. Михајловиќ, на ситните трговци, на бакалџиите, на големите  трговци, на увозниците од големите центри (Лондон, Париз, Виена, Венеција и Трст), на занаетчиите (изработувачите на сукно, шапкарите, амалите, бунарџиите, фурнаџиите, чорбаџиите, филиграните, чорапџиите, фотографите, гледачките, на чуварите на чаршијата, ковачите, јорганџиите, потстрижувачите, кафеанџиите, кондураџиите, месарите, книговрзувачите, леблебиџиите, музикантите, потковувачите, саатчиите, пајтонџиите, свеќарите, берберите, содаџиите, самарџиите и сарачите), и пишуваше на улавата Џуфа,на Адем амалинот, на дружината „Друштво љубитеља природе“, на Дон Ѓерѓ и на сестрите редовнички, како и на сиот муслимански мешијат  на Пеќ.

Писмата  пулсираа со ритамот на нејзиното срце. Од нив извираа најведри  и најчисти чувства, артикулирани со искреност на дете или на ангел. Нејзините писма ја имаа температурата на нејзиното битие. Таа нив ги повикуваше да бидат поискрени, понасмеани, послободни, посакани од себе си  и од нивните блиски, особено со девојките. Апелираше да не се срамат од чувствата, од милувањата, од нивните изразувања, ги повикуваше да зборуваат,  да зборуваат со себе и  со нивните блиски, убедувајќи ги дека ќе откријат  многу нови нешта и покрај оние што мислеле дека ги знаат. Ги повикуваше да пишуваат, им ја објавуваше  како некаква  непозната карта нејзината утопија каде што луѓето би биле еднакви и слободни, а девојќите би можеле да сакаат и да бидат сакани  слободно, каде што ќе се мажат од љубов со оние што ќе ги изберат самите и ќе можат да возат точак  без трунка колебање.

Писмата ги пишуваше со еден висок и култивиран стил, под влијание на оној дел од книгата на госпоѓата Ќиријази Доко, каде што таа објаснуваше како треба да им се обратиш на неговото кралско височество Кралот и на Н.К.В. Кралицата. Кога би ги прочитал писмата на Софија, секој еден во Пеќ би поверувал  дека е крал или кралица.

Писмата на Софија направија да излезе на виделина на виделина сиот ужас и трагедија на Пеќ. Во тој нејзин изблик на чувства и  во таа одважност за нивно објавување, се видоа себе си. Толку многу беа огрубени, затворен и здивени, што им беше срам. На сите. Писмата на Софија ја изобличија маската на Пеќ, откривајќи една пустелија населена само со кактуси, кои што течноста на емоциите, течноста на чувствата, ја криеја и ја чуваа некаде длабоко, многу длабоко. Единственото нешто што го покажуваа беа трњата. Толку длабоко ги беше допрела Софија со нејзините писма што сите започнаа да и пишуваат, да и го отвараат срцето, да и се заблагодаруваат, да и посакуваат среќа,  да ја благословуваат,  да ја сметаат за анѓел, испратен од Бога на земјата.

Нејзините писма овозможија Пеќ да го доживее неколку денови блаженството  од  нејзината утопија. Се склучија неколку бракови од љубов, се купија неколку велосипеди за девојки, се правеа домашни визити помеѓу албанскиот Пеќ и тој  српскиот, за “Големиот Бајрам“ Албанците им носеа баклави и алва, а за “Курбан Бајрам“ некој изрезок овчо месо (таков беше обичајот), а србите  за Свети Ѓорѓи им даваа на албанските деца јајца исшарани со разни бои и секакви слатки, ветувајќи им на нивните родителите дека немаат ниту трунка свинска маст, додека за време на постите настојуваа да не јадат пред погледите на другите, занаетчиите започнаа да разговараат со своите чираци, Патриканата и католичката црква ги заменија црквите на неколку денови, оџите ги заменија џамиите, златарите го поевтинија златото, Ѓон Деда печеше леб и ручеци бесплатно, покриените најпосле се одважија и ги открија лицата, откривајќи ги во сета нивна убавина или грдотија,  џандарите започнаа да се појавуваат во градот без оружјекафеаните  “Gladstone“  и  Balkan“ не земаа пари од  Албанците кои влегуваа во нив, по турбињата се даде многу  “незра“, Рам Ујкани подари еден товар дрва, амалите ги носеа товарите без пари, “Печко певачко друштво“  (Пејачката  дружина од Пеќ) одржа концерт со албански хорски песни кој беше надополнет  хористи од католичката црква, “Друштво љубитеља природе“ (Дружината љубители на природата) организираше излет за Албанците во Ругово, а некој си Чукиќ им зборуваше дека “небото над Пеќ не било поделено така како што тие го поделиле градот“, “Соколско друштво“ (Дружината на соколите) ги замени црногорските костуми со носијата на Руговјаните и на нивните  оседлани  коњи  продефилираа низ Пеќ, додека фото Пепа се растргнуваше на сите страни фотографирајќи го сево ова, бидејќи знаеше дека никој нема да му верува.  Фотографираше како споулавен.

 

БРАКОТ

На Софија, Ариф онаков со шалот што се стемнуваше, со изразените јаболчници и со онаа збунетост на лицето и се чинеше симпатичен.  Сите писма нему му ги доверуваше, така што сета таа епидемија на пишување писма му се закачи на врат на  Ариф  и на оние малкумина што знаеа да пишуваат и да читаат, а особено на Дон Ѓерѓ.

Не потраја долго, иако никој не знаеше со точност колку долго траеше, а не знаеше ниту Ариф кој најпосле заклучи дека и  среќата била минлива и се навикнуваше на тоа. Се поминувало, констатираше.

Сиот тој наплив од писма што доаѓаше кај Софија и што ја беше наполнил куќата на Мендух бег почна да исчезнува, да пресушува токму како Бистрица во Пеќ, додека продолжи да ги пишува само еден човек, кого Софија го викаше „вујко“. Ѝ пишуваше по три пати во денот, поради што Ариф го замрази. 

Во Пеќ се објави веста дека Софија ќе се мажи. Ариф умираше од љубопитност да го запознае зетот. Се беше обидел неколкупати во тоа мноштво од  писма да го воочи она кое имаше љубовна порака, од ковертот, од тежината, од бојата. Ги допираше до увото обидувајќи се да ги распознае отчукувањата на срцето, треперењата, шептењето.  Ништо.

Кратко време потоа, се случи свадбата. Ариф се стаписа кога какао зет на Мендух бег го препозна човекот од околу четириесеттина години, што Софија го викаше „вујко“, истиот оној што го повикуваше по три пати во денот да и ги однесе писмата на Софија.

„Е, море Ариф Руговјанину, од секогаш било вака:

бегот ја зема беглерката

докторот ја зема докторката,

а Рам Ујкани – куцата!“,

Рам Ујкани му го кажа сето тоа низ рима и низ песна на збунетиот Ариф, наведувајќи го на гласно смеење, иако му падна тешко за жена му, која навистина малку поткривуваше, но не и толку за да се стави во песна.

            Седнат на пазарен ден на ѕидот на Чарши – џамија, Рам Ујкани му ја објаснуваше на Ариф врската помеѓу вујкото и мажот на Софија, што тој никако не можеше да ја разбере. Му зборуваше дека за им да останат  богатството и угледот во куќата, тие неретко склучувале бракови  помеѓу пријатели и помеѓу роднини, и не само тука помеѓу нас, туку и во други народи. Му зборуваше  дека и  наспроти сето богатство и углед, Бог не ти ги дава сите без да те лиши од нешто. Му кажуваше дека често се случува во ваквите семејства да се родат деца со „опашки“!  Рам Ујкани изразот „со опашки“ го беше употребил во фигуративно значење, за децата со физички и со ментални маани, но на Ариф цела недела му беше поминала поткраднувајќи  им се  со поглед одзади и ставајќи им и тргајќи им  опашки на роднините на Мендух бег.

Фото Пепа беше решил фотографиите на Софија од деновите на нејзината  утопија да ги развие заедно со снимките од нејзината свадба. На хартијата се појави само Софија,  убава и онирична, постојано со оној истиот поглед за кој Ариф велеше „ти се чини како да не е жива“, во свадбена облека, заедно со еден маж од околу четириесет години, кој би можел да и биде татко.

На фотографиите од деновите на утопијата се беа појавиле само нијанси на сиво.

Back to top button
Close