ЦГК: Активната транспарентност на институциите подобрена за 10 отсто, Владата и МО ги објавуваат сите предвидени информации

Според годишното рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност на Центарот за грашански комуникации, годинава има подобрување дури кај 81 отсто од институциите

Меѓу регионите, на првото место е Југоисточниот Регион (со 84 % активна транспарентност), додека на последно место останува Скопскиот Регион (со 56 % активна транспарентност). Овде, пак, најдобра активна транспарентност има општина Карпош, додека на последно место е Арачиново

Просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2022 година изнесува 73 отсто (од максимално можни 100 отсто) и таа, во однос на лани, е подобрена за 10 процентни поени. Две институции – Министерството за одбрана и Владата имаат по максимални 100 отсто односно ги објавуваат сите предвидени информации од активната транспарентност.

Ова го покажува годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), објавено денеска, кое се прави според проактивното објавување информации од јавен карактер. Во него се вклучени 98 институции, односно Владата и сите министерства и општини.

Подобрување кај 81 отсто од институциите

Својата активна транспарентност годинава ја подобриле дури 81 отсто од институциите, покажува анализата на ЦГК. Активната транспарентност на министерствата и Владата изнесува 85 %, а на општините 70 % и за разлика од лани, министерствата се подобриле за шест, а општините за 10 процентни поени.

Две институции – Министерството за одбрана и Владата имаат по максимални 100 %, односно ги објавуваат сите предвидени информации од активната транспарентност. Три општини се наоѓаат на третата позиција, со високи 97 % исполнетост на обврските за објавување информации според активната транспарентност и се воедно лидери меѓу општините: Битола, Валандово и Карпош.

Региони: Прв Југоистокот, последен Скопскиот

Сите осум региони во земјава остварија подобрување на активната транспарентност во 2022 година, се заклучува во анализата.

По три години, првото место го изгуби Источниот Регион, за на ова место, со дури 84 %, да избие Југоисточниот Регион, којшто за две години забележа пораст од 25 процентни поени во нивото на активна транспарентност.

Како и лани, и годинава на третата позиција е Пелагонискиот Регион, додека на четвртото место се проби Југозападниот Регион. Следи Североисточниот Регион, а дури на шестото место, со пад од две места, е Вардарскиот Регион.

Рангирање на региони (Извор: ЦГК)

Стандардно на крајот се Полошкиот и Скопскиот Регион, иако годинава Полошкиот Регион оствари голем скок од 16 процентни поени во својата активна транспарентност. Скопскиот Регион не само што е последен туку има и мал пораст од 7 процентни поени во однос на лани. со 56 % активна транспарентност.

Овде, пак, според рангирањето на ЦГК, најдобра активна транспарентност има општина Карпош, додека на последно место е Арачиново.

Најмалку информации и министерствата и општините објавуваат за финансиите (само 56 % од можни 100 % општините, 82 % од можни 100 % министерствата).

На барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер, општините одговорија во просек за 12 дена (лани за 17 дена), а министерствата одговорија за 16 дена (лани исто така за 16 дена). 93 % од институциите одговорија во рамките на максималниот законскиот рок од 20 дена.

Извор: ЦГК

„Како и секогаш во овие истражувања, општините се подобри од министерствата како според просечниот број денови за кои одговориле на барањата, така и според процентот на барања што ги одговориле во рамките на максималниот законски рок за одговор. Општините просечно одговорија на барањата за 12 дена, додека министерствата за 16 дена. Процентот на барањата одговорени во законскиот рок кај општините изнесува 94 %, а кај министерствата 89 %. Најбрз одговор пристигна од една општина, само за еден ден, додека најдоцна одговори едно министерство, за 59 дена“,се вели во извештајот. 

 

Победници и губитници

Дури 79 од вкупно опфатените 98 институции (81 %) ја подобриле својата активна транспарентност во 2022 година во однос на 2021 година. Најголемо поединечно подобрување има кај Липково (за 55 процентни поени), Теарце (за 52 процентни поени) и Илинден (за 49 процентни поени). Од друга страна, само 14 институции објавиле помалку информации од лани, додека кај 5 институции нема ни подобрување ни влошување на активната транспарентност. Кај министерствата, најголемо подобрување има кај Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и кај Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Back to top button
Close