Презентација на книгата „Човечулец“ од Александар Прокопиев на „Европската ноќ на литературата“ во Софија
Во рамки на 11. издание на „Европската ноќ на литературата“ денеска во Софија, Република Бугарија, ќе биде претставена книгата „Човечулец“ од македонскиот писател Александар Прокопиев.
Манифестацијата „Европска ноќ на литературата ќе се одвива во 18 градови низ Бугарија. Целта е да ја популаризира добрата европска литература преку литературни читања на нестандардни места, во таканаречените „читателски гнезда“, во кои познати личности читаат еден ист дел од книга на секои 30 минути – од 18:00 до 21:30 часот. Публиката има можност да ги менува местата каде се читаат делови од различна литература и да се запознае со современото творештво на различни европски автори.
Организатори на настанот се повеќе амбасади и културни центри во Бугарија: меѓу кои и Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија, како и Европската комисија, Општината на главниот град Софија и фондацијата „Детски книги“.
Читателското гнездо во Софија на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија ќе биде во Центарот за уметности „Арт лабораторија“ на ул. „Ивајло“ бр. 1.
Збирката раскази „Човечулец“ излезе во превод на бугарски јазик оваа година, во издание на книгоиздателството „Книги за сите“. Преводот од македонски на бугарски јазик го направи Деница Проданова, а во читателското гнездо во Софија делови од книгата ќе читаат актерите Ѓорги Георгиев – Антика и Игор Дамјанов.