„Will you tell them?” Промоција на книга и изложба на Јован Јосифовски

Денес, среда (7 септември), со почеток во 19 часот во PrivatePrint Studio, ќе биде отворена изложбата на Јован Јосифовски насловена „Will you tell them?“ (Ќе им кажеш ли?)

 

Изложбата ја преставува најнова авторска продукција на Јосифовски. Изложбата е составена од творби и книга кои се продукт на повеќемесечно истражување и работа на авторот во соработка со PrivatePrint студиото, a во склоп на програмата поддржана од Prince Claus Fund for Culture and Development.

 

Делата на изложбата преставуваат надополнување на неговата работа на книгата насловена „I used to be a lovely boy but turned out queer – an archive of personal belongings“, каде авторот, преку фотографии од семејни албуми, домашни телефонски именици и лични предмети, ги интерпретира своите искуства како и поимот квир.

 

Главната основа на која Јован ги поврзува сите елементи во книгата и го поставува своето истражување е јазикот, поточно начинот на кој работите се кажуваат и како нашата перцепција за нештата се менува преку јазичните формулации. Така, книгата составена од четири поглавја нè носи низ четири различни варијации на читање на темата, дури и кога се работи за чиста визуелна информација. Насловот на изложбата „Will you tell them?“ е истовремено и наслов на последното поглавје на книгата.

 

Книгата ќе биде достапна да се купи за време на изложбата, а потоа ќе може да се најде и во книжарниците каде што редовно дистрибуираме.

 

Изложбата понатаму ќе може да се посети на 9 и 10 септември и од 13 до 17 септември од 12 до 18 часот во PrivatePrint Studio (Локација: Бул. „Партизански одреди“ 62/1-4, Карпош-Скопје).

 

* * *

 

Јован Јосифовски (роден 1993 во Ресен) е дипломиран графичар на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и неговата досегашна практика главно се заснова на работа со колаж и цртеж. Неговите колоритни и директни колажи обработуваат политички, религиски теми, и целат кон провокација и протест. Фасцинацијата од работите што не ги сака, кои го ужаснуваат или од коишто се плаши, како и практиката да твори спонтано и секојдневно резултираат во дела што претставуваат архивирање во слики на неговите мисли, стравови и ставови. „I used to be a lovely boy but turned out queer – an archive of personal belongings“ е негова прва уметничка книга.

Back to top button
Close