Антолог ја објави „Невидлив“ од Елој Морена
Училишното насилство отсекогаш било присутно меѓу нас, но овој роман е напишан сега и тука, од талентиран автор што го прави ова искуство уште помоќно од она во реалноста.
П риказна за едно дете кое, раководејќи се од најлошиот советник – стравот, посакува да има супермоќи како суперхероите од стриповите што ги чита. Го прави тоа за да се спаси од насилството што го трпи од соучениците. Посакува да стане невидливо, како механизам за бегство, за заштита од суровата реалност што го опкружува, без да биде свесно дека всушност страда. Детето не добива помош од никој, бидејќи е невидливо за сите оние што гледаат што се случува но претпочитаат да не видат, за сите што не сакаат да гледаат и ја вртат главата настрана, и за сите што гледаат но се плашат или едноставно мислат дека тоа не е нивен проблем. Како што вели и самиот автор: „Никој не е невидлив ако другите не му помогнат да биде невидлив“.
„Невидлив“ е приказна раскажана низ призмата на насилникот и жртвата, неговата симпатија и пријателите, родителите и наставниците, и поучна за сите што ќе ја прочитаат.
Романот досега има повеќе од дваесет изданија и е преведен на многу јазици. Невидлив ги добива наградите „Јолео“ и „Аче“ за 2019 година, а бил финалист и за наградата „Менхалибрес“.
За авторот: Елој Морено (1976) е шпански писател. Студирал компјутерски менаџмент и работел во компјутерска компанија. Поради големата љубов кон книжевноста својот прв роман го објавил самостојно и го продал во повеќе од 200 000 примероци. Подоцна објавува уште неколку романи, од кој најпознат е Невидлив (2018). Автор е и на тритомно дело наменето и за возрасните и за децата, веќе прифатено како лектира во многу образовни центри. Сакајќи да им помогне на младите писатели во 2016 година започнал курс за самиздати.
За преведувачката: Виолета Јагев (родена 1953) е дипломиран инженер технолог и преведувач од шпански јазик. Живеела во Перу 17 години, каде што на шпански јазик завршила основно и средно образование и првите две години на факултетот за петрохемија. Дипломирала на Технолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со преведување се занимава од 1979 година и има над 40 книжевни преводи. Добитник е на наградата за превод „Ванѓа Чашуле“ во 2012 година и на наградата „Кирил Пејчиновиќ“ за преведувачкиот опус во 2017 година на Советот на Меѓународната средба на книжевните преведувачи.
„Создадено во Европа: моќта на различноста“ е проект кој опфаќа превод, објавување, дистрибуција и маркетинг на седумнаесет книги кои се идеални репрезенти на моќта на разноликоста што владее на најстариот континент, отворајќи тематски сложени прашања: инклузивност, глобално затоплување, меѓусебно разбирање, правична застапеност на жените, еднаквост, преосмислување на личниот и колективниот идентитет, соочување со загубата, активизам и храброст да се биде различен. Европската литература е литература со исклучителни дела вредни за запознавање. Затоа, кога ќе се каже „Оваа книга е Создадена во Европа“ тоа нè прави сигурни дека во раце држиме литература која ја носи непомирливата моќ на привлечноста и на различноста.