Еролд Муслиу не исклучува спојување на АНБ и АР во еден момент
Спојување на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) е една од можностите за поефикасен безбедносно-разузнавачки капацитет на државата, но во Северна Македонија се уште нема услови за такво нешто, оцени директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. Според Муслиу, реформата во безбедносно-разузнавачкиот сектор, спроведена по скандалот со масовното прислушување, е успешна од законски аспект, но потребно е повеќе време за да се покажат резултатите. Тој потсетува дека пред само три години беше донесен Законот за АНБ, а за АР минатата година што, според него, е краток период.
„Дали треба да се спојат службите или не, тоа е прашање на демократскиот капацитет и култура во нашата држава, дали ние во оваа фаза сме спремни да влеземе во такво поефикасно решение, затоа што во регионот речиси сите држави имаат една служба во која елементот на безбедносниот и контраразузнавање и разузнавчакиот дел се во едно. Јас мислам дека во оваа ситуација кај нас се уште не се стекнати услови за да може да се дискутира за евентуално вакво решение“, оцени Муслиу.
Тој, сепак, не ја исклучува можноста за спојување на институциите во иднина, бидејќи дел од аргументите на поборниците „за“ се водат од економско-финансиски причини.
„Буџет има АНБ, буџет има АР, буџет има военото разузнавање во Министерството за одбрана и некои експерти сметаат дека доколку бидеме сите во едно, под една капа, средствата ќе се слеваат на едно место, капацитетите технички и човечки што ги имаме ќе ги здружиме, но кажувам дека треба да оставиме уште малку време“,вели Муслиу.
Според Муслиу, безбедносната реформа не е само шминка, како што оценуваат дел од пратениците на опозицијата, осврнувајќи се на политичко-безбедносната криза и злоупотребите на техничките капацитети на поранешната УБК.
„Од законски аспект реформата е успешна. Применети се сите препораки и вредности што ги имаат сите европски и сојузнички безбедносно-разузчнавачки служби. Нормално, ниту еден систем, ниту еден закон не е перфектен, секогаш има место за подобрување. Го спомнавте моментот на надзорот и контролата, дефинитвно има тука доста да се работи, но јас, како директор на Агенцијата за разузнавање, која припаѓа на безбедносно-разузнавачкиот сектор во нашата дражава, сум задоволен каква е моменталната состојба“,рече Муслиу.
Во однос на соработката со Агенцијата за национална безбедност, Муслиу вели дека имале неколку заеднички акции, како протерувањето руски дипломати, во кои учествувале и од воената служба за безбедност. Но, потенцира дека се уште има потреба од засилување на меѓусебната координација.
„Се уште постојат елементи за подобрување, пред се, од административно-технички аспект. Во рамки на координацијата, Советот за координација на службите е еден сегмент, другиот сегмент е канцеларијата која е фактички оперативното тело на Советот за координација“,рече директорот на Агенцијата за разузнавање.
За првиот човек на Агенцијата за разузнавање, не претставува хендикеп тоа што опозициската ВМРО-ДПМНЕ е на став дека Законот за Агенцијата за разузнавање во јануари 2021 година бил донесен на шверцерски начин.
„Апсолутно е неточно, во фазата на носење на законот, ние ги испочитувавме сите процедури. Имаше јавна расправа во парламентот, меѓутоа тогашната опозиција донесе банални илјада амандмани, во кои клучните забелешки им беа од кога треба да стапи во сила законот. Па, имаше амандмани во кои бараат да стапи од 2023-2024 година. За волја на вистината, само неколку од тие амандмани имаа суштинско значење и ги инкорпориравме во новиот закон“,вели Муслиу.
Во однос на обвинувањата за злопупотреба на европското знаме при носењето на законот, Муслиу одговори дека ЕУ помогна во реформата на безбедносно-разузнавачкиот сиситем и од тие причини е оправдано што законот се донел со ЕУ-знаме. Придобивките од законот, вели тој, се во повеќе сфери, меѓу кои – јавно дефинирање на Агенцијата за разузунавање, кои се точните активности во работата на АР, а се унапредиле и работничките права на вработените во АР.