Прошетка низ изложба „Документот што недостига: За методологијата“ на Христина Иваноска

Во Музејот на Република Северна Македонија денеска од 11 до 13 часот, публиката ќе има можност да ја посети изложбата на уметницата Христина Иваноска со наслов „Документот што недостига: За методологијата (текст, глас и тело)“.

Прошетката низ изложбата е во рамки на „Маалски фестивал“ кој го организира КСП Центар Јадро во соработка со Тиииит!Инк. и Центарот за истражување на национализмот и културата – ЦИНИК – Скопје.

„Документот што недостига“ е долгогодишен истражувачки, концептуален и ликовен проект на Иваноска започнат во 2014 година, кој се однесува на формите, наративите и естетиката на политичкото дејствување на жените во Македонија во првата половина на 20 век и нивното поврзување со денешните форми на отпор. Во фокусот на овогодинешниот проект е списанието „Македонка – Орган на АФЖ“, првото македонско женско списание, издадено во 1944-та година, три месеци по одржувањето на АСНОМ и прогласувањето на македонската држава.

Изложбата „Документот што недостига: За методологијата (текст, глас и тело)“ се задржува на првиот број на „Македонка“ кој се појавува за прв пат во извонредно тешки услови на 7 ноември 1944 г. Фокусирајќи се на својата методологија на работа, Иваноска издвојува три суштински поими на перформативното: текст, глас и тело, околу кои се конципира поставката на изложбата.

Прошетката низ изложбата во Музејот на Република Северна Македонија водена од уметницата Иваноска, се организира со рамки на „Маалски фестивал“ на Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“, а ќе следи и посебно изненадување за посетителите подготвено од уметницата, и од организаторите Тииит! Инк. и ЦИНИК.

Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 30-ти ноември.

Back to top button
Close