Воннаставните активности во училиштата имаат голем удел во воспитната компонента за учениците
Во поголем број од тетовските училишта уште кога ќе влезете во ходниците се забележуваат впечатливо уредени креативни тематски катчиња. Налик на сценски постановки, овие изработки на учениците ја прикажуваат нивната креативност, но воедно го претставуваат позитивниот исход од обидите на наставниот кадар да направат воннаставни активности.
Овие слики од училишните ходници не оставаат никого рамнодушен, па восхитувањето за овие креативни активности е огромно и на социјалните мрежи каде се споделуваат од наставниците, но и родителите и роднините на учениците.
Дефиницијата за воннаставните активности вели дека тие претставуваат интегрално и мошне значајно подрачје во севкупната воспитно-образовна дејност на училиштето. Се планираат разновидни активности што ги одразуваат потребите и интересите на учениците и служат за поддршка на нивниот личен и социјален развој.
Бирото за развој на образованието има изработено концепција за воннаставни активности во основното образование во која се опфатени планирањето, организирањето и спроведувањето на овие активности во училиштата.
Со оглед дека во дефинирањето на воннаставните активности се вели дека тие придонесуваат за когнитивниот, социо-емоционалниот и психомоторниот развој на учениците, МИА разговараше со повеќе наставници околу нивните искуства, поточно како воннаставните активности придонесуваат во промената кај учениците и нивен развој од воспитно-образовен аспект.
Во ООУ „Андреја Савевски-Ќиќиш” разговаравме со Наде Антовски, со звање наставник-ментор.
Воспитувањето и знаењата на учениците се подигнати за едно ниво, ова беше одговорот во една реченица на наставничката, која потоа ни образложи за повеќе сегменти од полезноста на воннаставните активности.
– Во нашиот ходник е поставена изработка по повод денот на јаболката. Учениците работеле на час, биле поттикнати да бидат повеќе концентрирани и успеале во таа намера. Го работеле паното и така се поттикнати да го запаметат полесно сето ова што првпат го имаат слушнато. Учениците, освен што се посветија на изработки поврзани со јаболкото, индиректно беа поттикнати на повеќе други работи. Вака поднаучија што значи да бидат трпеливи, да бидат застанати мирни во еден ред, не се туркаат, да си го дочекаат редот и да го дадат својот придонес во таа естетика на креацијата и стануваат свесни дека направиле нешто добро и позитивно, вели наставничката Антовска.
Даниела Апостоловска, која исто така го има звањето наставник-ментор, а моментно е помошник-директор во ООУ „Братство-Миѓени”, објект Спортски центар во градот, ја препознаваат како учителката со бројни воннаставни активности.
Таа со учениците има снимено документарен филм, а заедно со музичари од Тетово и одделение имаат направено песна и музички спот. Таа вели дека има толку многу активности, па била „принудена” да отвори и профил на социјалната мрежа Јутјуб за да ги евидентира и на тој начин запамети сите овие работи.
– Секоја воннаставна активност остава нешто како трајна вредност кај учениците. Пример, во наставните програми имаме предвидено работа на тема традиција. Што направив јас. Ги зедов учениците и ги однесов многу блиску, кај мојата свекрва, за да им ги покаже веќе подзаборавените традиционални везени, плетени и ткаени чаршафи – милје, за кои веќе некои од децата не ни знаеја дека постоеле од порано. Тоа не може ученик да го заборави, имаше несекојдневна посета, некои се запознаа првпат, изворно го гледаат, полесно го паметат и тоа е тој интересен начин да се учи, тие едноставно се фасцинираа од начинот на запознавање, вели Апостоловска.
Изработката на филмот, песната и спотот, според неа, донеле драгоцено животно искуство, но и значајна воспитна компонента кај учениците. Апостоловска смета дека тоа што заедно со музичари од градот ги подготвувала учениците како да пеат на сцена, ги поттикнало да ги почитуваат уште повеќе овие професии. Дел од нив кои тогаш се инспирирале сега се веќе определени факултетското образование да го продолжат на студии за музика, филм, глума.
– Снимивме документарен филм за песната „Благуњо дејче пожаранче”. И јас станав актерка, замислете за децата од шесто одделение кое доживување е тоа. Бевме до Пожаране со нив, учевме да пееме, да глумиме, ние ги живеевме тие професии и вокации. Преку тие активности децата го допираат животот, кој им претстои. Се вложува време и труд, но големо е задоволството да ги видиш децата среќни. Да направиш додадена вредност, се потсетува Апостоловска.
Двете наставнички ја потенцираат и потребата, но и значењето на родителите да се вклучат во спроведувањето на воннаставните активности.
– Ништо од ова не би направила доколку не сум имала соработка и поддршка од родителите. Тоа зад мене е дело и на сите родители, оние кои биле послободни и имале можност да придонесат за унапредување на воспитната компонента кај учениците, вели Апостоловска.
Освен трајни вредности кои ги научиле и остануваат дел од нивните личности, со ваквите активности учениците оставаат и траен белег од својата работа и посветеноста и во училишните објекти. Еден приказ за тоа на пример во ООУ „Андреја Савевски-Ќиќиш” е уредување на ѕидовите со неколку мозаици, уметнички дела кои се израз и резултат на креативноста на учениците и нивниот наставник по ликовно образование.