Пехчевски од Еко-свест: Ако одговорот на властите е јаглен, мазут и дизел, тогаш животната средина и здравјето се секундарни
Се зголемува бројот на домаќинства и во деловите што не се покриени со централното греење, се зголемува бројот на автомобили додека истовремено се зголемува нивната просечна старост, повеќе помали и поголеми индустрии се префрлаат на позагадувачки горива заради цената итн. Мерките што се спроведуваа или се планирани се недоволни за да го амортизираат сето ова. Дури и некои од мерките што можеше да донесат подобрување на долг рок, како подобрувањето на јавниот превоз, се целосно ставени на пауза, вели Давор Пехчевски, експерт за квалитетот на воздухот од Еко-свест во интервју за Фактор, дополнително осврнувајќи се на обидите топланите Исток и Запад да работат на дизел наместо на природен гас и зголемување на употребата на високо-загадувачки фосилни горива како одговор на енергетската криза, што за него е неприфатливо бидејќи се ставаат под знак прашање здравјето на граѓаните и животната средина.
“Не само топланите Исток и Запад во Скопје, туку и кое било навраќање кон зголемување на употреба на високо-загадувачки фосилни горива е неприфатливо во 2022 година. Ние изминативе две години во земјава се соочуваме со интензивен увоз на јаглен, реактивирање на електрана на мазут, а еве сега и прилагодување на топланите да работат на дизел. Ова, покрај другото, е и огромен одлив на финансиски средства. Дополнителен проблем е што овие средства се потрошени нетранспарентно и нема никаква информација што точно, во колкави количини и со каков квалитет е набавено. Доколку главниот одговор на кризата од страна на властите е јаглен, мазут и дизел, тогаш пораката што е испратена до граѓаните е дека се е дозволено за да се обезбеди енергија и дека животната средина и здравјето се секундарни”, истакнува Пехчевски од Еко-свест.
Според Пехчевски, државата мора да се насочи кон инвестирање во енергетска трансформација и зголемена употреба на обновливи извори на енергија и тоа мора да биде приоритет на властите.
“Треба да се инвестира во енергетската трансформација на земјата кон зголемена употреба на обновливи извори на енергија. Конкретно за решенијата за загревање на домаќинствата, веќе постојат понови технологии базирани на обновливи извори, што се истовремено и поевтини и поефикасни. Исто како што се интензивира дискусијата за инсталирање на соларни системи за производство на струја како дел од мерките за надминување на кризата, мораме да почнеме да зборуваме и за воведување на обновливи извори за загревање и ладење”,вели тој.
Загадувањето на воздухот во земјава одамна ги надминува сите безбедносни нивоа и тоа за повеќе пати. Доколку се погледнат извештаите за квалитетот на воздухот во Европа од Европската агенција за животна средина, нашата држава редовно е во топ три најзагадени земји според концентрациите на ПМ 2.5 честички, а здравствените последици се големи. Токму затоа и Пехчевски алармира итно да се започне со интензивно работење на промена на начинот на загревање, како и зголемување на свесноста кај граѓаните, но и кај институциите за потребата од итни инвестиции за намалување на загадувањето.
“Здравствените последици од ваквото загадување се страшни и според анализите се движат од 3000 до 4000 прерани смртни случаи годишно, проследени со многу повеќе случаи на хронични заболување на респираторниот и кардиоваскуларниот систем. Дел од она што мора да се почне да се спроведува за да се спречи ваквото зголемување на емисиите во Скопје е интензивно да се работи на промена на начинот на загревање и тоа со посебен фокус на социјално-економски ранливите категории, да се започне со воведување на локални системи за централно греење базирано на обновливи извори во приградските населби како Драчево и Сарај, да се реорганизира и модернизира јавниот превоз, да се зголеми просторот за немоторизиран сообраќај и пешачење на сметка на просторот за автомобили, да се воведат сразмерни и одвраќачки казни за индустриите што загадуваат, да се спроведат плановите за управување со отпадот и да се воведат мерки за намалување на емисиите од градежни и земјоделски активности”, заклучува тој.