Собраниската Комисија за финансирање и буџет го одби амандманот на опозицијата со кој бараше одлагање на зголемувањето на ДДВ за струјата

Собраниската Комисија за финансирање и буџет во рамките на денешната амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2023 година не го усвои амандманот поднесен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ со кој се бараше да се одложи зголемувањето на данокот на додадена вредност (ДДВ) за електрична енергија од 5 на 10 отсто што е планирано да стапи на сила од 1 јануари идната година. За амандманското решение се изјаснија пет пратеници, а против гласаа осум.

Во образложението за потребата од носење на амандманот, пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека со него се предвидува намалување на буџетските приходи за 700 милиони денари со цел да се спречи поскапување на електричната енергија за граѓаните во услови на економска криза. Како што истакна Стојановски, граѓаните само по основ на ДДВ во 2023 година ќе плаќаат за 13 отсто поскапа струја. Покачувањето ќе биде 5 отсто од 1 јануари, а од јуни за уште дополнителни 8 отсто.

Заменик-министерот за финансии Филип Николоски рече дека амандманот не е прифатлив за Владата и додаде дека електричната енергија и по 1 јануари ќе има повластена ставка на ДДВ, но не од 5, туку од 10 отсто наместо 18 отсто колку што е вообичаената ставка.

По завршувањето на расправата и неизгласувањето на амандманот претседателот на Комисијата Стојановски даде редовна пауза од еден час по што треба да продолжи амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2023 година.

Во рамките на амандманската расправа за Предлог-буџетот Комисијата треба да разгледа вкупно 263 амандмани од кои 199 се поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Во Предлог-буџетот за следната година растот е проектиран на 2,9 отсто, а инфлацијата на 7,1 отсто. Вкупните приходи се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП. За капитални расходи, пак, се планирани 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 отсто повеќе во однос на планот за 2022 година

Back to top button
Close