Енергетската криза се заканува да ја засени новогодишната магија

Новогодишното украсување на градовите е најсилниот адут за поттикнување на празничната магија. Секоја година огромен број туристи ги посетуваат местата кои се накитени со секаков вид на новогодишни украси, од кои најголем дел се изработени од светилки. Дали крајот на годината, што е претставен како „најубавиот период” оваа година во земјава ќе блесне во целосен сјај со оглед на енергетската криза? Од Париз до Лондон веќе светнаа новогодишните светилки, но годинава со рестрикции во времетраењето, како и со избор на енергетски ефикасни светилки.

Две зими владееше пандемија со корона вирус и во тој период граѓаните едвај ги одбележаа празниците, потоа започна руската инвазија во Украина, што предизвика енергетска криза, проследена со инфлација, што доведува до фактот дека веројатно трета зима по ред нема да ја почувствуваме празничната еуфорија, како во времето пред сите овие случувања.

Од психолошки аспект, китењето на градовите и домовите, купувањето божиќни подароци, прославувањето на празниците и почетокот на Новата година, придонесуваат за добро расположение кај луѓето. И од економски еспект, декорирањето на градовите привлекува голем број туристи, па се поставува прашањето како да се направи балансот меѓу почитување на апелите за заштеда на електрична енергија, особено во зимскиот период кога приоритет се дава на затоплувањето на домовите и зачувувањето на новогодишниот дух.

Големите европски градови, кои се познати како топ дестинации за време на новогодишните празници поради исклучителното украсувања и оваа година ќе „блеснат”, но со оглед на состојбата, тамошните власти одлучија да го намалат бројот на часови кога ќе бидат вклучени светилките и се ориентираа кон енергетски ефикасни светилки.

Веќе е декември, а од Град Скопје се уште немаат информирано какви се плановите за новогодишното украсување. Околу тоа, во одговор за МИА, оттаму наведоа дека во претстојниот период на прес-конференција ќе ја соопштат одлуката и сите детали. Сепак, во главниот град веќе голем дел од угостителските локали се накитени.

Од друга страна, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков пред неколку дена изјава дека тој македонски туристички град ќе биде накитен и оти ќе се одржи новогодишна прослава без оглед на енергетската криза.

Филип Стојановски од Центарот за климатски промени, за МИА, во однос на тоа како да се заштеди електрична енергија, а сепак градовите да бидат накитени, рече дека општините треба да употребат ЛЕД светилки или лед модули.

– Со оглед дека се наоѓаме во енергетска криза, а потребата од електрична енергија во зимскиот е зголемена заради загревање на објектите, потребата од заштеда на електрична енергија е нешто што е главен императив во овој период на локално и национално ниво. Општините кои ќе се одлучат за поставување на новогодишно украсување, наша препорака е да се одлучат за решение кое ќе биде енергетско најефикасно, како што се ЛЕД светилки и ЛЕД модули. Начинот на кој можат да го постигнат ова е при пропишувањето на јавната набавка како критериум да се воведе енергетската ефикасност, што е во согласност со Законот за енергетска ефикасност и притоа да се избере понудата со највисока енергетска класа. На овој начин општините би знаеле колкав би бил трошокот за електрична енергија при користење на новогодишното осветлување и на овој начин ќе се поттикнат и понудувачите да размислуваат за поенергетски ефикасни решенија, наведе Стојановски.

Тој додаде дека, воедно, општините кои би се одлучиле за новогодишно осветлување, како дополнителна мерка за заштеда на електрична енергија, која можат да ја применат, е да го редуцираат времето на употреба на шест часа дневно.

Психологот Огнен Велевски за МИА, во однос на тоа како влијае китењето на градот врз расположението на луѓето, рече дека секако влијанието е позитивно, но оти во вакво време народот генерално би бил посреќен доколку средствата, кои би се одвоиле за китење, би се донирале на оние на кои им се најпотребни.

– Во изминатиот период ние како психолози сведоци сме на последиците по менталното здравје на граѓаните. Некако се заредија едно по друго кризите, прво короната, па војната во Украина, па сега енергетската криза, па инфлацијата, па некако од еден шок се влегува во друг. Досега се справуваме со првиот, а овие другите секако дека се дополнителен товар. Тоа секако дека ги троши его-снагите на личноста, кои се важни во справувањето во периоди на криза. Во ваква ситуација, а и по тоа што е на терен, меѓу граѓаните, сметам дека нема простор за каква било новогодишна маѓија или големо славје, туку повторно активирање или обиди за задржување на одбранбените механизми на личноста кај секој граѓанин, за да може активно да се преживее овој период, нагласи Велевски.

Тој оцени дека секој граѓанин би бил многу посреќен доколку парите за китење на градот се донираат онаму каде што е најпотребно.

– И тоа да го знаат граѓаните и да бидат убаво запознаени со тоа, затоа што тоа многу повеќе ќе влијае на јакнење на колективниот дух и подигнување на моралот и надежта кај сите граѓани. Малку на шега да кажам како човек, не само како психолог, ние и така живееме во место каде сме научени да живееме постојано активирани на високо ниво на одбрамбени механизми, па имам надеж дека овие дополнителни кризи ќе се надминат и нема да остават подлабоки последици по емоционалното и воопшто психичкото здравје на луѓето, наведе психологот.

Тој, осврнувајќи се влијанието од новогодишното декорирање врз расположението на луѓето, рече дека со тоа луѓето добиваат чувство дека некој се грижи за нив.

– Секако дека позитивно влијае. Тргајќи од себе, а и гледајќи ги реакциите на сите граѓани знаеме дека градот кога е убаво накитен, нуди една атмосфера која ја топли душата, а и несвесно пружа едно чувство на контрола дека сега е време за новогодишни празници, па согласно тоа активно се реагира од страна на надлежните и се добива чувство дека некој се грижи за нас, истакна Велевски.

Психологот, осврнувајќи се на ставовите на нашите грѓани во однос на тоа дали треба да се кити или не, рече дека во едно општество секогаш постојат две и повеќе страни со спротивставени мислења.

– Едни сакаат да биде накитен, а други не. Сепак, по тоа што можеме да го видиме на терен сметам дека овие вторите се многу повеќе денес, зошто сме свесни кои се условите што се понудени за живот, па согласно тоа, ставот е оправдан дека треба да се штедат средствата за да можеме да побрзо да се избавиме од оваа ситуација, потенцираше Велевски.

Зборувајќи за тоа дали и доколку не се декорира градот ќе можат да се одбележат празниците онака како што доликува, Велевски рече дека е убеден оти поголем дел од граѓаните ќе најдат начини соодветно, по сопствените потреби да ги одбележат новогодишните празници.

– Оваа пандемија која помина, начинот на живот кој го живееме, како и плус овие две претходно наведени ситуации кои отежнуваат, нѐ натераа да се „свртиме кон нас” и сами да наоѓаме начини да се справуваме со ситуацијата која ни е понудена во моментот. Оттука, а и од пракса погледнато до сега, убеден сум дека поголем дел од граѓаните ќе најдат начини соодветно, по сопствените потреби да ги одбележат новогодишните празници. И да не е декориран градот, кој е надворешен фактор за добросостојба (кој не зависи од нас, а може да влијае на нас), најпаметно би било да погледнеме во себе за време на овие празници, да се потсетиме на вредностите кои ги имаме во нас, да се присетиме на сите убави моменти, кои сме ги поминале во текот на годината, да се чуеме со роднините и пријателите и блиските и далечните… Така, ќе имаме шанса и обичниот ден, по завршувањето на новогодишните празници да го доживуваме како празник, наведе Велевски.

Психологот, зборувајќи за влијанието врз децата доколку не се накитат градовите, со оглед на тоа што тие не знаат што е криза, рече дека доколку не е накитен градот, не мора да значи дека не може да биде накитен и домот.

– Не мора китењето да биде скапо или не знам колку гломазно. Има многу канали на интернет кои нудат доста евтини и креативни начини, кои можете да ги создадете со вашите деца, така се влијае на нивната креативност и имаат чувство дека сами создаваат магија, нешто кое е многу важно за позитивен детски развој, потенцираше Велевски.

Која и да биде одлуката на градските власти во однос на китењето, апелите за штедење на електрична енергија треба да ги почитуваме и во нашите домови. Празнична атмосфера со помалку светилки, но со надеж дека следната година новогодишната еуфорија ќе се врати во целосен сјај.

Back to top button
Close