Финците, Унгарците, Турците, Татарите се народи од жолтата раса – повторно грешки во македонските учебници
Во втората тема „Социо-географски карактеристики и регионална поделба на Европа“ во лекцијата „Основни карактеристики на населението во Европа“ се наведува: „Народи од жолтата раса во Европа се: Финците, Унгарците, Турците, Татарите и други“

По скандалот со новиот учебник по Историја и општество за петто одделение, на социјалните мрежи почнаа да се шират реакции и за содржините што ги има во учебникот по Географија за осмо одделение.
Во втората тема „Социо-географски карактеристики и регионална поделба на Европа“ во лекцијата „Основни карактеристики на населението во Европа“ се наведува: „Народи од жолтата раса во Европа се: Финците, Унгарците, Турците, Татарите и други“.
Учебникот по Географија за осмо одделение е од 2020 година и е на авторите д-р Коле Павлов и проф. д-р Горѓи Павловски. Рецензенти се проф. д-р Мирјанка Маџевиќ како претседател и Сузана Јакимовска и Васко Лазаревски како членови.
Минатата недела беше објавено дека во учебникот по Историја и општество за петто одделение во Тема 2 – „Населението и за континентите“, децата учат дека највисокиот врв на светот, Монт Еверест на Хималаите, е висок 29 305 метри. Монт Еверест е висок 29 305, ама не метри, туку стапки. Ако стапките се претворат во метри, се добива точно 8 849 метри метри
Исто така, во Тема 2 – „Населението и континентите“, во делот каде што се опишуваат географските карактеристики на Македонија, наведено е дека земјава на исток се граничи со Република Албанија, а на запад со Република Бугарија.
Северниот и јужниот сосед се правилно напишани, Србија и Косово на север и Грција на југ.
По многуте реакции во јавноста за повеќе катастрофални грешки во учебникот по Историја и општество за петто одделение, авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска преку социјалните мрежи дадоа објаснување дека грешките биле технички, а тие не можеле да го прегледаат учебникот пред печатењето.
Треба да се утврди дали освен овие забелешки кои досега беа пријавени има и други забелешки и да се утврди дали се тие технички или содржински. Ако се утврди дека во учебниците има помалку од 30 отсто грешки, тогаш ќе се коригираат и ќе се вратат во употреба. Ако има над 30 проценти грешки ќе заземеме став дека учебникот ќе биде повлечен“,изјави министерот Шаќири во гостувањето на Телевизија 24.