Корупцијата како нормална состојба

Ивица Челиковиќ

Културата на подмитување, корупцијата и расипништвото со државни пари не се никаков пат што води кон успех, а што на разни нивоа јасно се рефлектира и во економијата. Причините зошто на земјите аспиранти за членство во ЕУ, меѓу кои и Македонија, постојано им се поттура на увид барањето за ефикасни реформи во оваа област, сигурно не се ниту неправдено, ниту, пак, нереално барање.

 

Изборот да се пристапи кон коруптивни дејствија се прави свесно, при што искуствата се загрижувачки и не се сведуваат само на тоа колку често некој државен функционер отуѓил пари од државната каса, злоупотребил службени возила за приватни цели, колкаво количество специјалитети изел и испил во скапи ресторани, или се луксузирал во некој екстравагантен хотелски апартман, чија цена за една ноќ изнесува колку и месечните плати на вработените во некоја текстилна фабрика. Искуствата се загрижувачки, напоредно со тоа што перцепцијата во јавноста околу сеопфатноста на коруптивни однесувања во крајна линија се сфаќа и доживува како нормална состојба во општетството. „На власт е, му се пружила шанса, кога ќе земе ако не сега, ама барем да го прави тоа со мерка“, би рекле многумина.

 

Но каква е таа мерка, и дали е воопшто определива? Ниското ниво на моралните вредности и срозаната јавна свест за потребата од јакнење на борбата против корупцијата се еден од главните фактори што придонесува коруптивното однесување да добива епидемски карактер. Кога можат претпоставените, можат и потчинетите. Во неодговорното и алчно празнење на државната каса сè поретко се случува некој да манифестира и принципиелен став на воздржаност и чесност.

 

Како инаку да се објасни дека високи државни функционери во сиромашна земја како Македонија без ни најмала трошка на чувство за одговорност ја злоупотребуваат својата положба за да си приграбат засебе привилегии и пари од државниот буџет. И тоа во земја во која прилично голем број граѓани преживуваат под прагот на елементарното човечко достоинство, додека илјадници други се иселуваат во потрага по подобар живот кој постои на некое друго место.

 

Сознанието дека корупцијата е всушност глобален феномен не помага многу во расчистувањето на сметот во сопствениот двор. Корупцијата е сериозен предизвик за сите земји-членки на ЕУ. Дури 74 отсто од жителите во Унијата сметаат дека корупцијата претставува крупен проблем во нивните земји бидејќи ја поткопува довербата во институциите на системот. Според некои проценки, корупцијата во ЕУ-членките достигнува ниво од околу 120 милијарди круни годишно, речиси исто колку што изнесува целиот ЕУ-буџет. Освен тоа, корупцијата ги отвора патишатата за перење на пари и организиран криминал. Но едновремено се и големи разликите, посебно меѓу западните и источните ЕУ-членки, кога станува збор за прагот на толеранција и одговорноста на носителите на власта во пристапот и методите кои се применуваат за јакнење на граѓанската свест при сузбивањето на корупцијата на сите нивоа и нејзините разорни ефекти за економскиот раст.

 

Без оглед на сите контроверзи што го следат феноменот корупција во глобални рамки, станува збор, сепак, за прилично нормална состојба – околу 75 отсто од земјите во светот се повеќе или помалку корумпирани, вклучувајќи ги економски најразвиените. Но, според истражувачката програма финансирана од ЕУ на шведскиот универзитетот во Гетебог, кој располага со најголема дигитална база во светот за корупција во јавни институции, не е воопшто лесно да се објасни зошто некои богати замји, какви што се скандинавските, или, пак, Нов Зеланд и Австралија, имаат мошне малку корупција. Напредокот во борбата против корпцијата најмногу се врзува за континуираните заложби за јакнење на свеста во општетството, посебно во јавната администрација, за доследна примена на принципот на нулта толеранција за корупцијата.

 

Длабоко вкоренетата корупција, според „Транспаренси интернешанл“ ја продлабочува сиромаштијата, ја поткопува демократијата и заштитата на човековите права, ù штети на трговијата и ги спречува инвестициите, ја намалува довербата во институциите и во пазарната економија. Македонија е на 87 место во светот, заедно со Косово, на индексост на годишните мерења на корупцијата. Србија е на 96-то место. За да се биде членка на ЕУ се бара исполнување на Копенхашките критериуми, меѓу другото, стабилни институции што гарантираат демократска правна сигурност, како и почитување и заштита на малцинствата. Но на ЕУ често ù се забележува дека и по 15 години членство не успеала да ги демократизира Романија и Бугарија, кои и понатаму се длабоко корумпирани како и нивните соседи аспиранти за членство од Западен Балкан.

 

Досегашната работа на Европската канцеларија за спречување на измами (ОЛАФ), која се следи преку истраги на национално ниво во одделни земји, во голем број случаи зема долго време и со тоа ги намалува шансите за покренување обвиненија. Во помалку од половина од истрагите на ОЛАФ осомничените измамници биле обвинети, а крајниот резултат е дека помалку од една третина од средствата од ЕУ-фондови, што биле исплатени врз погрешни основи и завршиле во погрешни џебови, се вратени назад. Но и покрај тоа, нема никаква дилема дека борбата против корупцијата мора да остане отворен фронт пред кој знамето на ЕУ ќе стои високо кренато. Без оглед на тоа што многумина веруваат дека корупцијата е проблем со кој се соочуваат пред сè неразвиените и сиромашни земји. Грција, на пример, која е членка на ЕУ од 1981 година, е покорумпирана од повеќе африкански земји.

 

Свеста за тоа што корупцијата претставува и дали може да се толерира не може едноставно да се создаде со закони и со унапредување на законската регулатива. Чувството за тоа што е правилно или погрешно секогаш доаѓа одвантре – од граѓанската свест и совест. Две нешта, – како што се констатира во споменатите истражувања на Универзитетот во Гетебеорг, – се постојано зачудувачки. Од една страна, енормното страдање што корупцијата го предизвикува во сите области од општественото живеење, а од друга страна е тоа што сите мерки што се преземаат најчесто остануваат без посакуваниот ефект.

 

Но во крајна линија, довербата во институциите и во оние кои раководат со нив, и начинот на кој тие се однесуваат кон јавните ресурси, има најголемо значење за зголемувањето на животниот стандард. Поголемо дури и од самата демократија, посебно кога обичните луѓе за довербата во институциите најпосле немаат што да речат, освен да зборуваат само со револт. И со потсмев.

 

 

 

 

Back to top button
Close