Уметноста може да ги даде одговорите на сите прашања што нè засегаат

Марјан Ѕингаров од Струмица и Иво Пецов од Виница се познати уметници во Бугарија и истакнати имиња во културните кругови во Софија. Тие дошле во Софија за да студираат на бугарската Национална академија за уметности во 1998, односно 1999 година, каде што и дипломирале. Пецов вели дека по завршувањето на Средното уметничко училиште во Скопје, добил препорака од професорите дека Уметничката академија во Бугарија е многу престижно место за неговото оспособување како творец и уметник, што се покажало како пресудно за неговото доаѓање во Софија.

Ѕингов, пак, вели дека немал можност да учи во уметничко училиште, но многу интензивно се занимавал со сликање од втора година средно образование во Струмица, по што дошол да студира на Уметничката академија во Софија. И двајцата никогаш не ги прекинале врските со земјава, било со одржување на нивни изложби или преку контакти со колеги од татковината, наведува Ѕингов во разговор со дописникот на МИА од Софија.

За Божик тие се во своите родни места, бидејќи, според Пецов, семејствата се сплотуваат со чувството на светиот дух и всушност тоа е многу убав период од годината. Имаме среќа, вели Ѕингаров, затоа што двапати го славиме Божик. Според него, враќањето во родните места е многу убав чин, бидејќи средбите со роднините и пријателите се секогаш топли и срдечни. Во Северна Македонија тие ги носат своите чувства и впечатоци, а во Бугарија враќаат нови впечатоци, што според него, е прекрасно чувство.

Во однос на состојбата во уметноста денес, Ѕингаров вели дека таа е мост меѓу Бугарија и Северна Македонија и преку неа се гледаат двете земји и општества, кои треба и можат да бидат многу поголеми пријатели, отколку непријатели, што и не сме. Пецов, пак, повеќе филозофски, вели дека уметноста е мост меѓу сите луѓе кои „животот го гледаат како длабоко споделување, а не само како потрага по елементарно преживување и опстанок”.

Пецов и Ѕингаров раскажуваат дека се дел од проектот „Конекција”, создаден во 2013 година, со цел да се воспостават врска и мост помеѓу визуелните уметности на Северна Македонија и Бугарија. За време на реализација на проектот се воспоставени многу контакти меѓу бугарски и македонски автори од сферата на визуелната уметност. Проектот вклучи македонски уметници кои живеат во Бугарија, кои потоа создадоа можност за организирање изложби и дополнителни проекти, не само во Бугарија, туку и во Северна Македонија.

Пецов објаснува дека благодарение на Културно-информативниот центар (КИЦ) на Северна Македонија во Софија, се создала оваа можност за продлабочување на контактите меѓу уметниците од сферата на визуелната уметност. Тој нагласува дека директорот на КИЦ, Сашко Насев, во самиот проект видел можност за правење добри дела, за негово развивање и збогатување, како и за претставување на уметниците кои мислат дека треба да бидат видени.

 

Ѕингаров раскажува дека се вклучил во проектот во 2015 година. Проектот пред сè бил замислен како начин за меѓусебно поврзување уметници од Северна Македонија, имајќи предвид дека во Бугарија живеат претставници на различни генерации македонски творци. Овој креативен проект, според Ѕингаров, вродил со плод и овозможил уметниците од двете страни на границата активно да соработуваат. Како пример за тоа, тој ги посочува изложбите на бугарската група XXL во Националната уметничка галерија во Скопје, како и на македонската група Зеро во Софија.

И двајцата ги следат случувањата во земјава, но, како што вели Пецов, вестите што го привлекуваат неговото внимание се од сферата на културата. Тој споделува дека е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 2004 година, што му дава можност да учествува на изложби во Скопје и во другите градови во земјава, како и да следи што се случува во Северна Македонија. Пецов вели дека многу го радува што ДЛУМ за своја претседателка ја има Јана Манева-Чуповска, која, според него, може многу да придонесе на ова поле. Тој се надева дека во 2023 година ќе се сретнат и ќе реализираат нови заеднички проекти. Пецов вели дека луѓето ги гледа според нивните професионални квалитети, а не според партиската припадност или какви било други врски во општеството.

– Моите контакти со уметници и поети во Бугарија ги збогатуваат мојот живот и размислувања, а освен уметноста, се трудам и да ги поврзам луѓето од двете земји, вели Иво Пецов. Според него, не може да не се следат случувањата, бидејќи тие оставаат трага во времето и просторот, но смета дека сепак уметноста е вратата кон внатрешниот живот на човекот.

 

Ѕингов признава дека не е рамнодушен кон она што се случува во неговата татковина и е убеден дека патот на земјава кон ЕУ ќе биде доста долг и трнлив. Тој вели дека би бил среќен еден ден земјава да влезе во европското семејство, напоменувајќи дека ги знае проблемите во минатото со Грција и сегашните апсурдни проблеми со Бугарија. Сепак, тој е убеден дека политичарите ќе донесат мудри одлуки, бидејќи тоа е важно, како што вели, за заедничката иднина и затоа што нема друг пат.

– Уметноста и културата се единствениот начин да се препознаеме и да го минеме јазот на времето и одново да се запознаеме за да работиме за општо добро, вели Ѕингов. Тој во ноември имаше своја изложба во Струмица, посветена на 30-годишнината од почетокот на неговата креативна кариера. Според него, тоа било ретроспективна, но и носталгична изложба со неговите 60 дела во Домот на културата во Струмица, како своевиден печат на трите децении од неговата креативна кариера. Ѕингов вели дека во 2023 година ќе организира изложба и за своите бугарски пријатели и колеги во КИЦ во Софија, на кој ќе се претстави со дела од неговиот најнов творечки циклус.

И двајцата посакуваат новата 2023 година да им донесе на Северна Македонија и Бугарија просперитет и многу среќа на нивните граѓани и тие почесто да се свртуваат кон уметноста, бидејќи таа секогаш може да ги даде одговорите на сите прашања што нè засегаат.

Back to top button
Close