Ковачевски си купи бел леб и ги меркаше цените на тестенините

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во друштво на министерот за економија Крешник Бектеши бил во еден од поголемите синџири маркети за, како што вели, лично да се увери дали во маркетите е испорачан бел и полубел леб.

Фото: Димитар Ковачевски – Фејсбук

Ковачевски и Бектеши се фотографирани пред полиците за леб во маркетот, на кои, од приложената фотографија, евидентно е дека има леб, но ретко или, пак, воопшто не може да се забележи бел или полубел леб.

Наместо тоа, полиците се полни со специјалните видови леб кои најверојатно во маркетот биле испорачани уште пред неколку дена. Нивните цени, како што се забележува на фотографијата, се движат од 52 денари, па сè до 95 денари.

Премиерот на една од фотографиите посегнува по векна бел леб, но од приложеното, не може да се утврди неговата цена.

Фото: Димитар Ковачевски – Фејсбук

Заедно со Бектеши потоа одат до полиците со тестенини и ги разгледуваат производите и нивните цени.

Освен цената на лебот, министерот за економија во саботата најави дека ќе следуваат и нови одлуки за замрзнување на цените на други производи и дека се прават анализи за тестенините.

Фото: Димитар Ковачевски – Фејсбук

Ковачевски во објава на Фејсбук пишува дека го разбира револтот на граѓаните за потегот на производителите и на трговците кои одлучија да не испорачуваат леб во маркетите поради незадоволството кое кај нив го предизвика одлуката на Владата за ограничување на цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари.

 

Back to top button
Close