Груби објави фотографии како изгледаат полициските униформи и симболи испишани и на албански јазик
Првиот вицепремиер Артан Груби на социјалните мрежи се пофали како изгледаат полициските униформи и симболи испишани и на албански јазик.
„Уште една успешно завршена мисија, како што ветивме! Веќе се спроведуваат во пракса измените на Уредбата за употреба на албанскиот јазик во полициските униформи и нивните симболи кои ги усвоивме претходно на владина седница“,напиша Груби на Фејсбук.
На униформите кои се предвидува да се употребуваат во општините каде најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат албански јазик, сега полиција пишува и на македонски, и на албански и на англиски јазик.
Од политичката партија Левица, пак, денеска обвинија дека Уредбата што стапи на сила минатата недела е незаконска и противуставна и ја обвинија ДУИ дека „повторно прибегнува кон отворен шовинизам и негирање на македонскиот суверенитет во очаен обид да го спаси својот рејтинг“. Исто така, нагласуваат и дека двојазичноста на униформите ја оспоруваат и пред Уставниот суд.
„Потсетуваме дека Венецијанската комисија донесе мислење дека не смее да се носат подзаконски акти кои ќе се повикуваат на Законот за употреба на јазиците (објавен без потпис на Претседателот на РМ), поради што стапувањето во сила на оваа уредба е спротивна на сите меѓународни начела. Како и во случајот со воведувањето етничка припадност во лични карти – кое ефективно беше спречено поради јавниот притисок на Левица и експертите – повторно само Левица се изјасни против двојазичноста на униформите и истите ги оспори пред Уставен суд“, реагираа од Левица.
По ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја обвинија дека станува учесник во овие, како што велат, иредентистички процеси.
„Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред една година тврдеше дека двојазичните униформи се само дефокус за јавноста и дека тоа е ’уставна материја во која нема да се меша‘. Молкот на ВМРО-ДПМНЕ откако двојазичните униформи станаа реалност потврдува, како и во случајот со етничка припадност во лични карти, дека оваа партија е подготвена да биде учесник во ваквите ИРЕДЕНТИСТИЧКИ процеси, само за да му се допадне на албанскиот политички блок. Повторно се потврди дека ниту еден процес со кој е загрозен суверенитетот и интегритетот на Републиката, не може да се спроведе без учество на партијата на Христијан Мицкоски“, велат од Левица.
извор: 360 stepeni.мк