Повредени 30 навивачи и 12 полицајци на фудбалски натпревар во Колумбија

Дванаесет полицајци и 30 фудбалски навивачи се повредени во судир меѓу силите на редот и приврзаници на клубот Атлетико Насионал во колумбискиот град Меделин, соопштија денеска властите.

Стотина ултраси од Атлетико Насионал упаднаа во неделата вечер на теренот на стадионот во Меделин, фрлајќи со метални прачки и рекламни паноа врз полицајците пред да интервенираат припадници на одделот за сузбивање немири и да ги присили на повлекување.

Вкупно 12 полицајци се повредени, од кои двајца се под лекарски надзор, соопшти портпаролот на полицијата во Меделин, додека во градската болница се примени повеќе од 50 луѓе.

Натпреварот од колумбиското првенство меѓу Атлетико Насионал и Америка де Кали е одложен поради овој судир.

Од почетокот на оваа година навивачите на Атлетико Насионал преку судир го изразуваат своето незадоволство од поскапување на цените на влезниците и клупската политика. Неколку часа пред дуелот со Америка де Кали, раководството на Атлетико Насионал објави дека ги укинува попустите за влезници за оваа навивачка група.

Атлетико Насионал беше омилен клуб на колумбискиот нарко – бос Пабло Ескобар.

Back to top button
Close