Бектеши: С Македонија ќе ги почитува одлуките на ЕУ, но доколку има потреба и добра цена, ќе се дозволи увоз на жито од Украина

Северна Македонија ќе ги почитува одлуките кои ги носи ЕУ во делот на увоз на жито од Украина, но доколку имаме добра цена за трговците, а која нема да направи штета на домашното производство, ќе се дозволи увоз на жито, рече на денешната прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши одговарајќи на новинарско прашање дали државата има во план да го ограничи увозот на жито од Украина.

„Моментално нема никаква одлука од страна на надлежните институции, односно министерствата за економија и за земјоделство. За нас секако приоритет е домашното производство, но имајќи предвид дека изминатите неколку години не покриваме сè од домашното производство, ние ќе направиме големи напори повикувајќи се и на договорот за слободна трговија во делот на земјоделието, кој беше потпишан неодамна со Република Украина. Во врска со увозот на жито, ќе одиме во насока на одлуките кои ќе ги носи ЕУ. Ние увезуваме житарки од Турција, Грција, Србија и од Албанија, но во делот на пченицата и другите жита, ако има добра цена за нашите трговци, ќе увезуваме и од Украина, но тоа да не прави штета на домашното производство“рече Бектеши.

Од европските држави, досега Словачка, Полска и Унгарија најавија дека привремено ќе го прекинат увозот на жито и други земјоделски култури од Украина поради стравувања дека презаситеноста со овие култури ги намалува цените и ja загрозува продажбата од страна на локалните земјоделци, откако евтините житарки и прехранбени производи од Украина ги намалија цените низ целиот регион.

Словачка им се придружи на Полска и Унгарија во одлуката за прекин на увоз на украинско жито

Последна европска држава која најави привремена забрана за увоз на храна од Украина е Бугарија. Вчера ова го соопшти техничкиот премиер Галаб Донев кој рече дека исклучок ќе има за стоката во транзит.

„Значителни количини украинска храна останаа во Бугарија и ги нарушија главните производни и трговски синџири. Доколку овој тренд продолжи, па дури и се зголеми, што е сосема реално по воведените слични забрани од други земји, можно е да се дојде до крајно сериозни последици за бугарскиот бизнис. Принудени сме да ја усвоиме оваа национална мерка, бидејќи одговорните европски власти сè уште размислуваат за адекватен одговор на променетите околности“рече преодниот премиер.

Европската комисија (ЕК), пак, пред неколку дена, остро реагираше на ваквите потези на државите велејќи дека трговската политика е исклучива надлежност на Европската Унија и затоа ваквите еднострани дејствија се неприфатливи.

За ЕУ се неприфатливи едностраните забрани за увоз на украинско жито од страна на Полска и Унгарија

Најголем дел од своите земјоделски производи, а особено жито, Украина ги извезува преку нејзините пристаништа на Црното Море, кои беа деблокирани во јули минатата година со договор меѓу Украина, Русија, Турција и ОН.

Back to top button
Close