Русинка по потекло од Харкив, Украина: Тага, страв, гнев, срам и многу солзи – чувства со кои ја примив веста за руската инвазија врз Украина
Повеќе од една година воената руска агресија врз Украина не замира. Повеќе од една година украинскиот народ го живее стравот и теророт од одлуките на Путин и неговата истрајност за целосно уништување на украинската територија, но и народ.
Во тој контекст, и чувствата и страдањето на сите оние бегалци од војната во Украина, на сите оние кои одамна се иселени по светот, оние чие потекло руско или украинско се создало и живеело во мир со генерации во Украина, се исполнети со гнев, срам, неверување.
Со таа болка започнува и изјавата на една Русинка чие потекло е од Харкив, а која живее во Скопје. Таа за Цивил Медиа изјави дека сѐ уште не може да разбере како не можеше да се спречи војната.
„Неверување, тага, страв, гнев, срам – тоа се чувствата на кои се сеќавам по веста за почетокот на руската воена интервенција во Украина, утрото на 24.02.2022 година. И, на солзите, многуте солзи.
Наредните денови постојано следев различни медиуми за состојбата, и постојано се прашував што ли се случува со Харкив, родниот град на мојот дедо. Како се нашите роднини таму? И не само во Харкив, туку и во Кијив..
Дали некој од нив можеби настрадал? Дали се безбедни, имаат ли храна, вода, лекови? Како сега се чувствуваат како Руси кои се ородиле со кој знае колку Украинци? (Не се сеќавам дека некогаш станало збор за тоа или пак дека имале некаков проблем во врска со тоа.)
Не можев да разберам, зошто во оваа повеќегодишна криза не се изнајде некое дипломатско решение? Зошто не можеше да се спречи војната помеѓу двете суверени, соседни и братски земји?
Ужасно е сознанието дека таму, во виорот на војната страдаат недолжни луѓе, деца и возрасни, се девастира нивното минато, сегашност и иднина.
По убедување сум пацифист, што значи дека за мене мирот нема алтернатива. Насекаде и за секого.
Не можам да претпоставам уште колку долго ќе трае ова лудило во кое се „мерат мускулите“, се испреплетуваат информации и дезинформации во зависност од потребите, за кои вистината никако не е опција.
Неизмерно жалам за изгубените животи, загубените души и перспективи, разрушените градови и села, опустошената степа, жалам што ќе помине долго време пред да ја видам повторно прекрасната Украина“, вели нашата сограѓанка која по дедо е Русинка од Украина и чии роднини се скоро сите во Украина.