Сити подготвува тужба против претседателот на Ла Лига

Раководството на Манчестер Сити ја разгледува можноста да поднесе тужба против претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, по неговите обвинувања дека станува збор за клуб поддржан од фиктивни спонзори.

Тебас зборуваше во истиот ден кога Арбитражниот спортски суд во Лозана пресуди во случајот „УЕФА против Манчестер Сити“, што се однесуваше на суспендирање на англискиот клуб од европските клупски натпреварувања на две години.

Судот ја поништи одлуката на УЕФА, со оглед дека случајот е застарен и дека нема доволно докази, додека клубот е казнет со десет милиони евра, бидејќи не соработувал во истрагата на УЕФА.

Тебас, кој управува со елитното првенство во Шпанија, упати обвинувања против Манчестер Сити, нарекувајќи ја одлуката на судот „фарса“.

– Сити не донесе играчи со свои средства, како што тоа го прави Манчестер Јунајтед. Тие потпишуваат договори со играчи со помош на петро-долари, пари што доаѓаат од продажба на нафта во Обединетите Арапски Емирати. Клубовите во Европа, поддржани од државите, го прават она што го сакаат, со фиктивни спонзори и договорни права, како што е случајот со Манчестер Сити, рече Тебас.

На овие обвинувања одговорија и челниците на клубот од „Етихад“.

– Ние сме свесни за она што го изјави г-дин Тебас на денот кога КАС ја објави одлуката заснована на нашата жалба. Целиот случај сега е испратен до нашиот правен тим за да можеме да видиме каква акција би можеле да преземеме. Ставовите на г-дин Тебас за нашиот клуб се неосновани. Независно тело донесе пресуда дека забраната што ни ја наметна УЕФА е погрешна, се вели во соопштението од Сити.

Ова не е првпат да се судрат двете страни. Сити пред една година испрати официјално писмо до Тебас во кое го предупредуваа за вокабуларот што го користи на своето јавно обраќање кога станува збор за приказната за клубот и неговите сопственици од Абу Даби.

Клубот смета дека една од причините поради кои Тебас го напаѓа Сити е тоа што Пеп Гвардиола и неколку поранешни официјални играчи на Барселона се таму.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close