ДКСК бара кривичен прогон на Даштевски и други лица од ДИК за набавката на „фингерпринт-уредите“
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) одлучи да поднесе иницијатива за поведување постапка за кривично гонење за сите одговорни во Државната изборна комисија (ДИК) до Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупција, а во врска со набавката на опремата за гласања со идентификација на отпечаток на прст. Антикорупционерите сметаат дека при набавката на т.н. „фингерпринт-уреди“ е сторена штета врз Буџетот на Република Северна Македонија преку пропуштање дејствија, ненавремено постапување, непостапување и злоупотреба на службената положба во корист на трети лица.
Овие наоди се образложени во извештај од 19 точки на кои ДКСК работеше подолго време. Некои од главните наоди се дека не може да се констатира со задоволителен степен на уверливост, зашто првично проценетата вредност на набавката порасна од 300 000 000 на 720 000 000 денари, односно од околу 5 на 12 милиони евра. Сомнежи кај ДКСК има и поради фактот дека првиот тендер пропадна, па имаше промени во комисијата за јавната набавка, за потоа вториот обид да биде успешен.
„Од споредување на содржината на тендерската документација од поништената постапка со верзиите на тендерската документација од реализираната постапка се забележуваат разлики во содржината на техничките спецификации. Тендерската документација со дефинираните технички спецификации, критериумите за избор на најповолна понуда и критериумите за способност на економските оператори била предмет на чести измени. Иако измените биле спроведени согласно одредбите на Законот за јавните набавки и во насока на исполнување на дел од барањата на економските оператори, истите влијаеле на квалитетот, целосноста, точноста и прецизноста на информациите за начинот на кој ќе се спроведе постапката за јавна набавка. Иако жалбите од незадоволните економски оператори биле одбиени од Државната комисија за жалби по јавни набавки, истите укажуваат на слабости во процесот на претходна проверка на пазарот и содржат наводи за дискриминаторски и непропорционални критериуми за квалитет“се вели, меѓу другото, во извештајот на ДКСК.