“Антолог“ ја објави книгата „Чекорите до црешовото дрво“ од Паола Перети

Издавачката куќа  „Антолог“ од Скопје со големо задоволство соопштува дека во рамките на проектот СОЗДАДЕНО ВО ЕВРОПА: МОЌТА НА РАЗЛИЧНОСТА ја објави книгата: „ЧЕКОРИТЕ ДО ЦРЕШОВОТО ДРВО“ ОД ПАОЛА ПЕРЕТИ

Деветгодишната Мафалда носи очила со жолти рамки, има мачор по име Отимо, другарка-Амазонка и најдобар другар по име Филип. Но таа е исправена пред чуден предизвик. Ѝ откриле Старгартова болест која предизвикува постепено губење на видот и слепило. Во дневникот започнува да ги запишува сите нешта што нема да може да ги прави – да ги брои ѕвездите на небото, да игра фудбал со машките, да се качува на црешовото дрво во училишниот двор. Ама, набрзо дознава дека постои и инаков начин на гледање. Со чекорите го мери растојанието до црешовото дрво… во правец на опојниот мирис… и започнува нов список: со нештата што сѐ уште ќе може да ги прави.

Во мракот што ја опфаќа, Мафалда, исто како и Малиот Принц, учи светот да го набљудува со срцето, а не со очите. Горчината што ја чувствува читателот само се засилува со сознанието дека и самата авторка на романот страда од истата болест.

Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“ и на Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Италија.

За авторката:  Паола Перети (1986) е италијанска писателка. Студирала книжевност и филозофија. Дипломирала новинарство во 2011 година. Пред петнаесетина години ѝ откриле ретка генетска болест која води кон целосно слепило. „Чекори кон црешовото дрво“ е нејзин прв роман. Живее во областа Верона, каде што предава италијански јазик на децата на имигрантите.

За преведувачката: 
Искра Димковска е родена во 1982 година во Скопје. Во 2006 година дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, стекнувајќи се со звањето филилог по италијански јазик и литература и германски јазик и литература. Во изминатите години уредник е на издавачката куќа „Сказнувалка“. Од италијански на македонски јазик ги превела „Месечината и огновите“ од Чезаре Павезе (Антолог, 2014), „Жена“ од Сибила Алерамо, (Сигмапрес, 2015), „Прави се сите“ од Паоло Сорентино (Антолог, 2021) и „Доволно е да заврши денов“ од Антонела Латанци (Сигмапрес, 2022). Многу сака сладолед, да вози велосипед и да им чита приказни на Ива и на Леа пред спиење.

„Создадено во Европа: моќта на различноста“ е проект кој опфаќа превод, објавување, дистрибуција и маркетинг на седумнаесет книги кои се идеални репрезенти на моќта на разноликоста што владее на најстариот континент, отворајќи тематски сложени прашања: инклузивност, глобално затоплување, меѓусебно разбирање, правична застапеност на жените, еднаквост, преосмислување на личниот и колективниот идентитет, соочување со загубата, активизам и храброст да се биде различен. Европската литература е литература со исклучителни дела вредни за запознавање. Затоа, кога ќе се каже „Оваа книга е Создадена во Европа“ тоа нè прави сигурни дека во раце држиме литература која ја носи непомирливата моќ на привлечноста и на различноста.

Ние сме сериозно свесни за суровите предизвици пред кои се исправени планетата и човештвото и поради тоа „Антолог“ ја лансира „Се грижиме за планетата“, агенда за одговорно однесување кон природата и заедницата и со објавување на секоја нова книга, опфаќаме конкретни мерки и активности за еколошко, одржливо, етичко и социјално одговорно однесување.

Back to top button
Close