Хотелот е слика и за целата општина Ресен. Меѓуградската автобуска станица е исто така руина и практично не постои со години, поради нерасчистен имотноправен спор. Во општината нема ниту јавен превоз од едно до друго туристичко местo.
Градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, тврди дека опшитана сама не можела да организира јавен превоз, а на повикот за јавен превоз, отворен скоро една деценија, не се јавувале приватни фирми.
„Гостите се снаоѓаат…“, а и хотелиерите.
Градоначалникот на Ресен смета дека масовен туризам, каков што имало во минатото во Преспа, не треба да има, и дека за регионот екотуризмот и кампувањето се сосема доволни. Според него, хотелиерите треба сами да си го организираат превозот за туристите.
„И самите би го организирале кога би имале интерес. Во секој случај, ние имаме друга опција. Го имаме Охридскиот аеродром на 60 километри, па гостите се снаоѓаат со нивните туроператори да дојдат и до Преспа без линиски превоз“, вели Тозиевски кој, додека нема јавен превоз во општината, сака да направи еден прекуграничен:„Мојата желба и иницијатива е не само тука да имаме линиски превоз, туку разговаравме и со градоначалникот на Корча и двајцата се заложивме дека и на национално ниво кај надлежните министерства ќе го покренеме прашањето да имаме еден линиски превоз што нашите туристички центри би ги поврзал и со албанските, пред сѐ на почеток со Корча, а потоа да се прошири еднаш, двапати или трипати во неделата и да можеме тоа да го ставиме во пондата“.
За да можат своите туристички капацитети да ги стават на понуда, хотелиерите мора прво да се справат со последиците од повлекувањето на езерската вода, што на крајот значи прилив на трошоци за уредување на плажите.
„Па, зборуваме за илјадници евра. Најмалку 10, мислам, и нагоре, за да се постигне некое ниво, задоволително ниво, како би можеле да се подобрат условите, да им се даде нешто на туристите да останат малку повеќе време. Водата на езерото е повлечена можеби должински околу повеќе од сто метри. Сега моментално има само трева, кал, значи не е ни внатре водата… Мислам, и ако се дојде до водата, сепак не би можело да се плива, бидејќи нивото на водата е многу ниско и има кал. Сега тоа претставува и поголеми финансиски трошоци за нас, бидејќи навистина не знам што можеме да направиме за да ја подобриме ситуацијата на плажата“, вели Лилјана Нечовска, управител на комплексот „Лејквју“ во Отешево.
„Немаме базен, затоа што има законски регулативи што не ни дозволуваат да градиме базен. Претежно се работи за котата на езерото, што беше измерена во 1936. Од тогаш како појдовна точка, од таа точка 50 метри навнатре кон копното не смее да се гради“, додава таа.