Бодрум & Кос
Почитувани читатели, ова лето веќе во залез, си земав слобода да прошетам голем дел од Медитеранот, каде имав можност да се запознаам со културите и обичаите на државите и местата низ кои минував. Впрочем, шетањето е учење и осознавање.
Потребата и личната слобода за патување е поради тоа што три години не отидов на летување, ниту ја напуштив границата на Македонија, за да им покажам на органите на прогонот и судството дека немам намера да ја напуштам земјата. Против мене се води истражна постапка како еден од првообвинетите во стечајот на Еуростандард банка. За овој налудничав стечај пишував со месеци наназад и сега ќе се посветам на нешто многу поубаво, на убавата страна од животот кој навистина го сакам и умеам да го живеам на начин кој ме просветлува и мене и моите пријатели и пошироката заедница.
За мене летувањата имаат димензија, најнапред за релаксирање на мојот физикус и ментален склоп како поединец, ама уште повеќе претставува порив да се запознаам со други култури и обичаи.
Гранката која се занимава со летувањата на секој поединец се идентификува како туризам.
Сицилија, Малта, осровот Гозо на Малта, островот Крит во Грција и овој пат местата Бодрум во Турција и островот Кос кој е дел од Грција, беа моја дестинација за релаксација и запознавање со традициите и кутурите на овие дестинации.
Градот Бодрум, сместен на западниот дел од Мало-Азискиот полуостров, е вистински предизвик не само за граѓаните на Турција, туку и за туристите од цел свет.
Ова Мало-Азиско крајбрежје, кое излегува на Егејското и Средоземното море, е древна локација каде некогаш се развивала силна античка култура. Троја, позната по Хомеровата Илијада и Одисеја, градовите Аспендос и Перге во околината на Анталија се прекрасни дестинации кои денес нудат силни артефакти за цивилизациите кои постоеле на овие простори пред 3000-4000 години.
Бодрум е град од понов датум, меѓутоа во ниеден момен не може да бидете во овој град, а да не ја почувствувате древноста, местата како да фатиле патина од старите цивилизации на овие предели.
На само 7 километри од Бодрум е грчкиот островот Кос, познат во светот како остров каде пред многу милениуми наназад се родил и работел таткото на модерната медицина, Хипократ.
Силните белези од минатото на Бодрум датираат од времето на Отоманската Империја, додека островот Кос има многу подлабока и посилна цивилизациска генеза.
Причините за ваквиот апсурд не можам да ги разберам, бидејќи само 7 километри ги делат овие две денес познати дестинации.
Мојата лична перцепција е дека циивилизацискиот развој, посебно на островот Кос, во споредба со копното каде е сместен Бодрум и неговата околина се должи на неговата влажност.
Пријателите со кои заедно патувавме исто така го почувствуваа природниот феномен бидејќи влажноста се чувствуваше во просториите каде престојувавме. Таков впечаток за време на нашиот престој на островот Кос немаше, влагата како да исчезна…
Вообичаениот порив да ги анализирам местата низ кои поминувам, од аспект на нивната култура, наследство и просперитет, и овој пат ќе си земам слобода да ги споделам со вас.
Туризмот во светски рамки, денес се третира како една од најразвиените стопански гранки.
Имав можност да направам компарации каков беш туризмот во Турција пред 30 години и каков е денес.
Турција сериозно се зафати со предизвикот да биде туристичка дестинација. Со низа поволности низ целото нејзино крајбрежје, посебно на Медитеранот и Егејот форсираше изградба на големи и квалитетни ресорти наменети за туристи.
Турција важеше и важи како дестинација за нискобуџетни туристи и убеден сум дека на тој план мошне умешно и квалитетно ја развива оваа стопанска гранка.
Ако пред неполни три децении Турција отпочна со туризмот нудејќи квалитетно сместување, храна и услуги, со цени достапни на поголем процент од туристите, имам впечаток дека на тој план денес стагнира.
Летниот туризам со ресорти е најзастапен токму во Турција. Жално е што ниту една од светски водечките дестинации на Медитеранот како Шпанија, Франција, Италија, Малта, па дури и Хрватска не го прифатија овој тип на индустриски туризам. Имам чувство дека погоре споменатите држави сакаат да ја задржат таа ситна нишка на слобода кај туристите во деновите кога сакаат да се одмараат, релаксираат, шетаат и уживаат.
Сметам дека во актуелниот турски индустриски туризам недостасува кадровска политика.
Многу тешко ќе сретнете келнер или средно рангиран функционер во ресортот кој зборува англиски или било кој светски јазик. Присуството на приучен кадар се чувствува во секојдневната комуникација во овие ресорти и што е најважно, сите ниско профилни работници се емигранти од Сирија, Иран, Ирак, Пакистан, Авганистан.
Само пред десетина години така-наречената „зелена пролет” ги разори северно-афричките и мало-азиските арапски држави, при што Турција беше заштитена. Војната сама со себе ги носи најтажните мигови во човештвото.
Турција со нејзината местоположба има прекрасни услови за регрутирање на човечки ресурси.
Јасно е дека и во Турција голем дел од младата популација се иселува во високо развиените европски земји, како што впрочем се случува низ целиот Балкан.
Архитектурата во самиот Бодрум и неговата околина, согласно мојата перцепција, е неразбирлива. Повеќе од 90% од ново изградените огромни населби се куќи со приземје и кат, ама најчуден е фактот што сите тие куќи наликуваат една на друга, што кај секој турист не може да изнуди восхит, туку напротив, зачуденост поради таквата луцидност за унификација.
Убеден сум дека Турција како држава ќе го увиди овој недостаток и ќе преземе мерки да го промени овој ретрограден туризам.
Островот Кос, само 7 километри оддалечен од Бодрум, го покажува токму спротивното. Разиграна автохтона, автентична градежна култура и едуциран кадар, не само во угостителството туку во сите институции кои имаат допир со туристите. Возбудата од овој остров се чувствува и во самиот воздух. Самите граѓани на овој остров и Република Грција го направија авангардна дестинација за сите луѓе кои се определиле да се посветат на медицината. Чест е на секое медицинско лице во светот да го посети овој остров и да го запише своето име во Хипократовата градина, со што ќе потврди дека дадената Хипократова заклетва ќе ја практикува во целост…
Имавме можност да ги видиме имињата на нашите кардиолози д-р Жан Митрев и д-р Тања Анѓушева.
Жителите на овој остров имаат вграден систем за одбрана од националистички пориви. Во рестораните, кафитериите се деклариравме како Македонци од Македонија и прекрасно искажаното добредојде од нивна страна ни остави впечаток дека навистина треба од нив да учиме.
Добрососедските односи меѓу Грција и Турција не се на највисоко ниво и ние туристите тоа го почувствувавме, чекајќи во марините и терминалите по 2-3 часа од грчка или турска страна. Две држави – две култури.
Јас и моите пријатели заклучивме дека во секој поглед од нашите соседи Грција и Турција треба да учиме и да научиме како треба да си го направиме животот достоинствен и убав.
Само седум километри делат две култури! Во едната владее исламот, а во другата христијанството. Во првата стагнирање, а во втората експанзија на туризмот. Но и двете инспиративни. Од нив може многу да се научи, што е и целта на патувањето.
Трифун Костовски