Скопје ќе ги почне преговорите со ЕУ кога ќе го измени Уставот, вели новата бугарска еврокомесарка
„Во случајот со Северна Македонија, имаме обврски за промени во уставот, имаме два протоколи на Договорот за добрососедство и пријателство кои мора да се исполнат. Правилата се јасни. Нема и не може да има исклучоци од страна на Комисијата. Нема шанси Комисијата да ја врши работата на земјите кандидати“, вели Иванова во интервју за бугарската национална телевизија (БНТ)
Северна Македонија ќе ги започне преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ) кога ќе ги исполни критериумите и ќе го измени својот Устав, вели новата бугарска еврокомесарка Илиана Иванова во интервју за БНТ на првиот ден од стапувањето на функцијата во Европската комисија (ЕК).
Говорејќи се односите со С Македонија и прифаќањето на земјава во ЕУ, Иванова е категорична дека не се можни исклучоци.
„Проширувањето е другиот важен приоритет што беше споменат минатата недела. Критериумите се многу важни и важат за сите со еднаква сила. Сите земји кои се на пристапниот пат преземаат конкретни обврски. Во случајот со Северна Македонија, имаме обврски за промени во уставот, имаме два протоколи на Договорот за добрососедство и пријателство кои мора да се исполнат. Правилата се јасни. Нема и не може да има исклучоци од страна на Комисијата. Нема шанси Комисијата да ја врши работата на земјите кандидати“вели Иванова во интервјуто за бугарската национална телевизија.
Илиана Иванова е нов еврокомесар за иновации, истражување, култура, образование и млади. Нејзиното именување на функцијата беше одобрено од Европскиот парламент на 12 септември со 522 гласа „за“, 27 „против“ и 51 „воздржан.
Таа беше номинирана за член на Европската комисија на предлог на Бугарија на местото на Марија Габриел, која во мај се повлече од должноста за да ја преземе функцијата вицепремиер и министер за надворешни работи во новата влада на Бугарија.
Македонија лани во јули формално ги почна преговорите за членство во Европската Унија со што започна скрининг процесот за усогласеноста на македонското законодавство со она на Унијата. Сепак, услов за одржување на Втората меѓувладина конференција и отворањето на пристапните Кластери и поглавја се уставните измени со кои Бугарите и делови од други народи треба да бидат вметнати во Преамбулата на Уставот.