Мојот пријател Валериј
Трифун Костовски
Почитувани пријатели, денес ќе пишувам за мојот пријател Валериј Колосов, генерален директор на ,,Кривбас руда” од градот Кривој Рог, Украина. Со него имавме долга професионална соработка за купување железна руда и аглоруда во количина од 1,5- 2,0 милиони тони годишно. Градот Кривој Рог е рударски град и богато наоѓалиште на најголемите рудни богатства кои се наоѓаат во Украина.
Си
те комбинати од овој град, а ги има вкупно пет, произведуваат 80% од вкупните потреби на железна руда за украинската црна металургија. Фирмата ,,Кривбас руда” беше единствената која произведуваше аглоруда, суровина без која не може да се одвива технолошкиот процес за производство на челик.
Поставеноста на градот е мошне интересна за анализа. Имено, градот се развивал етапно, следејќи ги првин железните жили кои се предмет на експлоатација, но денеска веќе е долг 150 километри и широк 12 километри.
Како најголем добавувач на железна руда во Полска и Чешка, овој реон беше многу значаен за мојата бизнис стратегија.
Експлоатацијата на рудата низ целиот Кривој Рог се одвиваше во отворени ископи и јамски. ,,Кривбас руда” беше единствениот комбинат каде повеќе од 95% рудата се вадеше со јамски ископувања.
Овие ископи достигнуваа длабочина до 700-800 метри под земјата. Во тие времиња работата на рударите беше многу тешка. Безбедноста беше приоритет, меѓутоа многу често се случуваа и несакани незгоди.
Господинот Валериј Колосов беше и остана вистински колос од човек. Висок скоро 2 метри, тежок блиску 140 килограми со длабок баритон глас, беше навистина маркантна личност.
Ја паметам првата средба со него, кога ме дочека на аеродромот во Киев, на функцијата заменик-генерален директор. Допатував со цел да потпишеме договори за купување на аглоруда во 1993 година. Кривој Рог се наоѓа оддалечен од Киев цели 400 километри. Патувавме со комбе цели 8 часа, бидејќи автомобилот беше стар, а патиштата лоши.
Вообичаено моравме да застанеме, да се освежиме и земеме каков-таков оброк, бидејќи патот беше навистина долг и тежок.
Во тие времиња не само Украина, туку низ целиот бивши Советски Сојуз немаше хотели, мотели и ресторани покрај централните патишта кои ги поврзуваа овие урбани средини. Застанавме во една мала шумичка јужно на 150 километри од Киев и како добри домаќини сервираа оброк кој штош требаше да го консумираме. Типичен домаќински оброк. Сланината во Украина ја викаат „сало”. За разлика од нашата сланина, низ чија белина ќе се прошара и некоја црвеникава боја на месо, во украинската сланина-сало од месо немаше ни трага. Храната која ја јадевме беше пакувана во хартија од весници. При самото сервирање, кога го одмотуваа нивното сало, на убавата белина од салото можев да прочитам цел текст залепен од весникот.
Нормално, тоа не им пречеше, а не гледав причина ниту мене да ми пречи. Почитувани читатели, повкусна сланина од таа што ја јадев во далечната 1993 година во животот немам вкусено!
Валериј го воочи мојот апетит за сланината и од тогаш па сѐ до 2007 година ми испраќаше посебно подготвена украинска сланина-сало како новогодишен подарок.
Со Валериј заемната доверба се воспостави речиси истиот момент при нашата прва средба. Мислам дека ручекот по пат, залиен со вотка, ги отвори сите хоризонти на доверба и соработка. Ја имав поддршката од најголемиот комбинат во Полска ,,Хута- Катовице”, а тоа за секој производител на железна руда многу значи.
Дружењето со Валериј го практикувавме во Кривој Рог, како гостин во нивниот комбинат, па во Виена, местото Сандански во Бугарија и бањскиот ресорт во Австрија Тацмансдорф. Валериј секој пат беше присутен на нашите кометалски и божиќни прослави кои ги практикувавме со сите вработени од претставништвата во Катовице, Киев, Кривој Рог, Губкин, Скопје и Лугано.
Валериј беше горд на соработката и успесите, бидејќи заедно растевме во бизнисот, тој со комбинатот, јас со фирмата Кометал… Комбинатот во Кривој рог производството го удвостручи благодарејќи на мојата финансиска поддршка со авансни плаќања за идни испораки.
Добро го паметам неговиот гест при прослава на мојот 50 ти роденден. Роденденот го славев во Сандански, Бугарија, каде меѓу другите гости беше поканет и Валериј. Големите врнежи на снег и лошото време не го поколебаа Валериј да дојде со возило од Кривој Рог во Сандански. Неговиот подарок и денеска за мене е светиња. Ми подари прекрасно изработен нож во сребрена фолија опточена со драги камења и ми рече: ,,ова е копија од ножот на Тарас Буљба”.
Прославата на мојот 50-ти роденден ја удостои со прекрасен говор, посветен на мене, моето семејство и мојата фирма. Ваквите говори Украинците ги именуваат со „тоуст”. Маркантен човек, со прекрасен глас и со избрани зборови ми го честиташе јубилејот, одржа говор кој траеше цели 3 минути при што во салата владееше целосен молк. Громогласниот аплауз на сите присутни на овој настан беше вистинската потврда дека не само мене, туку и останатите присутни беа трогнати од начинот на кој Валериј ми ја изрази почитта.
Валериј со сопругата се родители на Наталија, нивната ќерка со која денес живеат во Кривој Рог, настојувајќи да најдат каков-таков мир поради војната која денеска беснее во Украина. Неговата прва реченица за оваа војна беше:
„ Ја ње понимају почему војна”? Мојата желба и порака до Валериј е мирот да завладее во Украина и животот да го живее на достоинствен начин.
Биди ми жив и здрав Валериј!