Уставниот суд дозволи да се гради на просторот на „Треска“
Отфрлена е иницијативата за оценување на уставноста на Деталниот урбанистички план (ДУП) за Буњаковец во кој спаѓа и просторот на „Треска“ во Скопј од страна на Уставниот суд. Од граѓанската иницијатова „Шанса за Центар“, коишто стојат зад поднесената иницијатива заедно со адвокатката Сузана Јошевска, денеска соопштија дека одлуката била донесена без расправа.
-„Треска“ тресна на Уставен. Уставниот суд, без расправа и повикување експерти, ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на планот за „Буњаковец“, во кој спаѓа и просторот на „Треска“. За жал се потврди правилото „Устав може да се смени, ама ДУП никако“, објави оваа Граѓанска иницијатива.
Уставниот суд се уште не соопштил вез основа на кои аргументи донел таква одлука.
Во иницијативата се тврди дека оспорената одлука за конкретни измени на ДУП Буњаковец 2 е во спротивност со Генералниот урбанистички план, односно дека границата на ДУП-от не е усогласена со опфатот на градската четврт планирана со ГУП, како и дека нумеричките податоци на ДУП-от се неусогласени со оние од ГУП-от. Подносителите наведуваат дека поради овие околности се прави груба повреда на член 11 став 7 и член 15-б од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Подносителите во иницијативата наведуваат дека донесената одлука за ДУП е во спротивност со владеењето на правото содржано во членот 8 од Уставот, како и дека е во спротивност со членови од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Од „Шанса за Центар“ наведуваат дека на таа локација сега ќе има над 1 милион метри квадратни бруто изградена површина за домување наместо 400.000 што ги дозволува ГУП-от.
-Ќе има над 60 отсто изграденост за домување наместо 22 проценти колку што дозволува ГУП-от, над 33.000 жители наместо 12.500, над 9.300 просечен број на семејства наместо 3.400. Ќе има 0.36 метри квадратни зеленило по жител или ич. Густина на изграденост со планираните висини со кои не се обезбедува минимален стандард за нормално хумано живеење или доволна аерација и минимални 2 часа осонченост. Уште подолги листи за чекање за запишување во градинка, училишта. На здравје нека се наполитанките, велат од иницијативата „Шанса за Центар“.
Во локацијата на поранешната фабрика „Треска“ веќе на големо се градат првите згради според планот донесен во 2013-та година во општина Центар.