Професори од УКИМ поднесоа пријава до Антикорупциска против ректорката Ангелова

Сомневање за злоупотреба на службената положба и овластување за лична корист, на штета на репутацијата, интегритетот и работењето на најстариот државен Универзитет се дел од причините поради кои група професори од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ( УКИМ) поднеле пријава против ректорот на Универзитетот, проф. д-р Биљана Ангелова, до Државната комисија за спречување на корупцијата.

Според нив, ректорот Ангелова и додека работела како проректор го прекршила законот со што била дел од надзорен и управен одбор, што е спротивно на законот.

Во писмото испратено до медиумите, а кое го пренесува и новинската агенција МИА, потпишано само од професори на УКИМ, без да се наведат кои се потписниците, е истакнато дека таа во нејзиното повеќегодишно работење има создадено простор за злоупотреба на службената положба и овластување за лична корист, на штета на репутацијата, интегритетот и работењето на најстариот државен Универзитет.

Со оглед и дека претходно, седум години, лицето Биљана Ангелова беше проректор за финансии, инвестиции и развој, пријавата ја доставивме со голема загриженост дека тонењето на Универзитетот се случува поради личните и бизнис-интереси на актуелниот ректор, а претходно проректор, спротивно на законот“,
се вели во писмото.

Професорите посочуваат дека, како што навеле во пријавата, проф. д-р Биљана Ангелова повеќекратно има постапено спротивно на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Според пишувањето на професорите, во февруари 2014 година таа како директор на Економскиот институт при Универзитетот била потписник на иницијативата за повторно кандидирање на проф. д-р Ѓорѓе Иванов за претседател на Република Македонија. Потоа додаваат и дека истата година е именувана за претседател на Комисијата за доделување државни ордени и признанија во кабинетот на претседателот на Република Македонија.

„Истата 2014 година, повторно како директор на Економскиот институт при нашиот државен Универзитет, Биљана Ангелова учествуваше во формирањето на приватна Академија за банкарство и информатичка технологија. Со повикување на нејзината тогашна функција на институт на државен Универзитет стана член на Управниот одбор и на Академскиот совет на приватната Академија во кои партиципираат структури од банкарскиот сектор. Оваа приватна Академија остварува профит наплаќајќи ги своите специјализации, при што посебен таргет се студентите. Конкретните специјализации не биле понудени преку државниот Економски институт каде лицето Биљана Ангелова беше директор, туку преку приватната Академија“,се вели во писмото.

Според писмото, професорите посочуваат и дека во 2016 година се поврзале двете активности на Биљана Ангелова.

„На нејзин предлог како претседател на Комисијата за доделување на државни ордени и признанија, Претседателот на Република Македонија доделил Орден за заслуги за Македонија на Народна банка на РМ, а таа има добиено согласност од страна на Народна банка на РМ по првпат да биде член на Надзорниот одбор на ХАЛК БАНКА АД Скопје. Во конкретната ситуација, Биљана Ангелова требала да се изземе од давање на предлогот и од гласање по истиот, и од морални причини. Оваа согласност за орган на управување во банка ја доби непосрено откако веќе беше избрана за проректор на Универзитетот“,

пишува во писмото.
Дополнително, професорите тврдат дека во периодот од 2014, и пред добивање согласност од Народна банка на РМ, со членувањето во органите на приватната Академија, за приватниот интерес, Биљана Ангелова директно соработувала со раководно лице во Народна банка на РМ кое имало важна улога во постапката за издавање на согласност за член на Надзорен одбор на ХАЛК БАНКА АД Скопје.

Според сознанијата на професорите кои ги посочуваат во писмото, Ангелова и лицето од Народна банка на РМ (раководна позиција важна за издавање на согласноста на Ангелова) биле членови на Управниот одбор кој ги застапува и финансиските интереси на приватната Академија.

„Она што за академската заедница е особено страшно е што Биљана Ангелова, од позиција на проректор и сега ректор на Универзитетот вршела и врши настава и на приватни т.н. академии. Меѓу другото, Ангелова е обучувач на ’Прогресив академија’ која е регистрирана како фондација, формирана од МАКПРОГРЕС ДОО Виница, во чиј Управен одбор членува лицето Ангелова. Според јавно достапните податоци, надоместот за упис на оваа приватна т.н. академија изнесува 1 900 евра. Евидентно е и заобиколување на Законот за високо образование“,

пишува во писмото.
Како што велат професорите, со цел да биде заштитен интегритетот на Универзитетот, и јавно од Државната комисија бараат за секој од наводите да постапи во согласност со своите надлежности и јавно да извести за својата одлука.

„Истовремено јавно ги повикуваме и сите други надлежни институции во државата да ги имаат предвид наводите во пријавата на кои укажуваме и да постапат во рамките на своите надлежности за да се заштити Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје“,пишува во писмото.

Професорката Биљана Ангелова од Економскиот институт на 15 септември годинава и официјално ја презема ректорската функција на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

На свеченото примопредавање на должноста ректор на УКИМ, Ангелова истакна дека ѝ е чест да се биде ректор на најголемиот, најстариот, најзначајниот државотворен универзитет на Македонија, кој, како што рече, е универзитет кој повеќе од седум децении негува традиција на врвен квалитет во високото образование и во науката.
Во мај беше избрана за нова ректорка на УКИМ и дојде на местото на Никола Јанкуловски, кој два мандати беше прв човек на УКИМ. Ангелова е втора жена ректор на УКИМ по Радмила Кипријанова.

Back to top button
Close