Репортажа: Седум децении развој на СБОТ „Св. Еразмо” – големата реконструкција ги става ортопедијата и кардиологијата под еден кров
ЈЗУ – Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо” од Охрид, деновиве, наполни (но, не прослави, не одбележа!) 70 годишна зрелост. Тоа е редок јубилеј, за кој, пак, можевме да прочитаме на два-три портала од Охрид, како и на ФБ-страницата на д-р Миле Миќуновиќ, кој долги години мина во институцијата, а паралелно е и еден од нејвредните нејзини хроничари.
Претпоставувам дека тоа било поради ангажираноста на персоналот во сегашнава актуелна здравствена ситуација, поради зголемениот број на ковид – болни (таму е префрлено геријатриското одделение со цел да се ослободи простор во Општата болница во Охрид), за што можеме да имаме разбирање, но не и оправдување
Можело да се најде време и во скромни услови, со мал број присутни, но и со присуство на највисоките претставници на нашиот здравствен систем и владата, да се одбележи јубилејот. Не слушнавме дека некој од високите владини и државни авторитети, испратил, барем, телеграма.
Тоа, сепак, требаш да се направи во името и во чест и слава на основачите, сега одавна заминати од овој свет. Исто така и тогашните политичари – за разбирањето и поддршката, како потсетување на една мала армија од лекари, медицински сестри, техничари и друг помошен персонал, кои лечеле, или излекувале илјадници пациенти од нашата земја, Албанија, Косово, како и сите поранешни републики на Титова Југославија.
Некогаш, болницата ја имаше грижата на југословенскиот претседател, маршалот Јосип Броз Тито
Болницата ја имаше грижата и од самиот маршал – Јосип Броз Тито, кој за секоја Нова Година, на болните деца, кои имаа и настава тука, им испраќаше корпа мандарини, кои, како што барем објавуваме ние постарите “дописничари”, беше ги набрал лично, на островот Ванга, на Јадранското Море.
Ова беше добра прилика да се потсетиме на првите раководители: Петар Мостро, Ангеле Гере Ангелески, кои оставија силен печат врз развојот. Потоа на оние од средната генерација: Митко Савев, Ѓоре Василески, Наум Стоилкоски, Прокопие Поп Стефанија, професор д-р Јордан Камнар, Никола Размоски, се до последната генерација: Томислав Петрески – Оскар, Митко Тилев, Ацо Велески…
Низ болницата минаа стотици медицински сестри, од Елка Хрисула, до незаборавната Везирка, која, според мене, мене како известувач и хроничар, остави посебен белег. Беше синоним, метафора за ред и дисциплина. Она што д-р Каваева, соработничката на Б.И.Ленин, беше во делот на хигиената во општото здравство, посебно педијатријата, Везирка беше страв и трепет – за се. Кога таа ќе поминеше низ ходницците и одделенијата, како да поминал генерал пред чета млади војници. На многумина од раководителите им беше незамислива десна рака, а самиот ја паметам најповеќе од времето на директорот, др Ангеле Гере Ангелески, охриѓанец по потекло од мијачкиот крај.
Сестра Везирка – “везеше” ред, дисциплина, уредност и хигиена
–Хигиена, ред, третман, дури и културно забавен живот низ емисии преку разгласот кои ги уредувавме и реализиравме ние – пациентите, си споменува поетот од Охрид Смиле Наумоски – Брсјак.
На хроничарите, не им избегнува податокот дека оваа болница, едно време, беше своевидна Галерија, украсена со оригинални платна на големиот охридски и светски ликовен уметник, Вангел Наумоски – Нав Муан.
Како што забележа Д-р Миќуновиќ, без свој доктор, со двајца надворешни доктори,но, како резултат на вредните здравствени работници, болницата прерасна во современ здравствен гигант. Во својот досегашен развој Болницата имаше повеќе од 50 свои врвни специјалисти од повеќе дејности, субспецијалисти, како и примариуси, доктори на докторски студии, доктори на медицински науки, свој професор,свој човек со титула на академик на претсижни европски медицински асоцијации.Од некогашните 2 медицински сестри, сега нивното јато е зголемено на стотици, со средно, вишо и високо образование.
Покрај докторите и медицинските сестри, во легендите ќе влезат и лица што немаат директен допир со медицината, но, на еден или друг начин, им помагале на пациентите. Вработените, но и не само тие, ќе го паметат времето кога раководител на кујната, беше фронтменот на староградскиот ансамбл “Биљана” од Охрид, Кузман Поп Стефанија.
Во повеќе деценискиот стручен, кадровски и економски развој, во болницата се создаваат услови, покрај лекувањето на коскено – зглобната туберкулоза, успешно да се лекуваат и цела низа други ортопедски заболувања како и да се имплементираат нови методи на лекување на акутната траума и последиците на траумата на локомоторниот систем.
Во 1988 година болницата прераснува во “Институт за ортопедија и трауматологија” за да во 1995 година согласно со Законот за здравствена заштита го промени називот во “ЈЗО Специјална болница за ортопедија и трауматологија”.
Продолжуваат нозе и раце по методот на академик Илизаров од Русија
Во текот на своето постоење, уште од самите почетоци, болницата “Св. Еразмо” воспоставила трајни релации со бројни реномирани институции и професионалци од светски ранг, како што се Научно истражувачки центар за реконструктивна ортопедија и трауматологија „Илизаров“ од Курган – Русија и неговиот основоположник, академик проф. д-р Гаврил Абрамович Илизаров, потоа соработката со Институтот “Кало” од Берг Плаж, Франција, што значеше престои на проф. д-р Шопен и слично.
Во тоа време, пред триесетина години, методот на академик Илизаров беше единствен во светот. Станува збор за продолжување на екстремитетите, во најчест случај, нозете преку посебна техника на двострано затегнување на коските.
Процесот на продолжување на коските трае до девет месеци, додека ефектот е до 10 сантиметри продолжување. На нозете се ставаат метални шипки, всушност затегнувачи, кои ги кршат коските и на тој начин доага до продолжување на коскеното и мускулно ткиво.
Мегу другите, хирурзите, спасија двајца Полјаци, 30-годишна девојка и 33-годишно момче од Варшава, применувајќи го методот на рускиот академик, после доживеана сообраќајка, со тешка општа состојба, поради неколку отворени фрактури и сериозни васкуларни повреди на долните екстремитети.
За Либертас, ова го потврдува еден од хирурзите (Александар Стевоски),кој не сакаше да говори повеќе во свое име, припишувајќи им го успехот на лекартите и другиот медицински персонал од двете интервентни екипи.
Илизаров беше професор по медицински науки, дописен, а од 1991 година редовен член на Руската академија на науките. Во 1981 година прогласен е и добива орден Херој на социјалистичкиот труд, 1985 – Заслужен лекар на СССР, во 1965 – Заслужен лекар на РСФСР, 1978 – Лауреат на Ленинова награда.
Работниот капацитет на болницата е 237 болнички кревети (вон стандардни услови), а оптимален – 205 болнички кревети. Бројните медицински оддели располагаат со модерна опрема од висока технологија: две операциски асептички сали со комплетна инфраструктура и инструментариум и една нова сала со намена за септичка ургентна трауматолошко – ортопедска медицина, со пропратна инфраструктура (за реанимација и интензивна нега) со опрема и инструментариум.
Има триесетина кревети за интензивна нега и реанимација со потребна инфраструктура, блок со 4 одделенија за физикална терапија – со протребна опрема, еден голем и уште еден мал, детски базен со комплет апарати за физикална терапија и тн.
Во рамките на болницата постојат 20 апартмани со телевизор, интернет, телефон, посебен режим на исхрана и посебен медицински третман во однос на медицинската нега и рехабилитација.
На располагање на пациентите им стои проверен и префесионален стручно медицински кадар од вкупно 42 лекари, мегу нив и доктори на медицински науки, 8 доктори се на специјализација и 2 доктори на општа практика, кои секојдневно се соочуваат со здравствените предизвици и успешно лекуваат илјадници пациенти. Моментално болницата има 253 вработени.
Благодарејќи на развиената стручна соработка со еминентни стручни лица и реномирани институции од светски ранг, болницата “Св. Еразмо” успева постојано да биде во тек со најновите искуства и достигнувања, применувајќи ги најновите методи од областа на ортопедијата и трауматологијата, како и примена на сите официјални медицински протокли и патеки донесени од страна на Министерството за здравство.
Што се однесува до локацијата, оваа здравствена јавна установа може да се пофали дека е една од ретките во светот, поставена на самиот езерски брег, на средината помегу Охрид и Струга, на само 5 километри од аеродромот во Охрид. Од аспект на здравствениот туризам, тоа е повеќе од оптимум.
Во тек е обемна реконструкција – се гради простор и за Заводот за кардиоваскуларни заболувања
Моментално се врши комплетната реконструкција, за што се планирани 215 милиони денари. Проектот опфаќа реновирање и адаптација на постојниот објект на болницата, но и нов простор за потребите на Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Охрид.Исто така, брзо растечка здравствена установа.
Целта е со оваа реконструкција да се овозможи сериозно унапредување на стандардите и условите за работа, како и зголемување на капацитетите за дијагноза и третман на пациентите.
Комплетната реконструкција ќе опфати површина од вкупно 5.623 метри квадратни, кои ја даваат функционалната целина на објектот (2.191 метар квадратен на приземјето, 2.061 метар квадратен на прв кат, 1.370 метри квадратни на втор кат).
Првата фаза од проектот опфаќа доградба на централната-стара болничка зграда и карабината. Предвидено е да се реновираат и реорганизираат амбулантите, лабораторијата, стерилизацијата, и другите дијагностичките содржини. Ќе бидат комплетно реновирани операционите сали со интензивната нега, како и болничките оддели со оформување тоалети во секоја соба.
Исто така, со доградбата на централната-стара болничка зграда, предвидено е во карабината да се имплементираат содржините кои се потребни на Заводот за кардиоваскуларни заболувања, и тоа, адултната кардиологија со амбуланти, дијагностика и дневна болница, односно интервентна кардиологија со интензивна и полуинтензивна нега (која содржи оперативен блок со операциона сала за пејс-мејкер, ангиографска сала, сала за радиофреквентна аблација), како и простории за персонал
Како што знаете, стапката на кардиоваскуларни заболувања во изминатиот период е во пораст во глобални рамки и претставува водечка причина за смртност кај населението, така што од исклучително значење е да се унапредат условите за пружање третман кој е од животоспасувачки карактер.
Веле Митаноски