Село МРАЛИНО
Трифун Костовски
Почитувани читатели, изминатите колумни објавувани за време на викендите, пишував за места и градови кои ги посетував и доживував на свој начин.
Денешната колумна ќе ја посветам на село Мралино, во близина на меѓународниот аеродром Скопје , во подножјето на Скопска Црна Гора – Општина Илинден.
Причина за посетата на Општина Илинден е долгогодишното пријателство со моите сограѓани од местата Илинден, Кадино и Мралино. Она што е восхитувачки за мене е што оваа општина можеби е една единствена каде мигрирањето на младата популација е минорна.
Општината Илинден важи за една од носечките слободни зони во Република Македонија каде Владата на Република Македонија промовира услови за капитални инвестиции исклучително важни за нашата земја.
Граѓаните на Општина Илинден ги краси трудољубие, тие се работливи и поврзани со земјоделието и сточарството на ниво на традиција, но и економско опстојување. Илинденците, како нашите револуционерни предци, упорно и истрајно делуваат за општо, колективно добро. Со години наназад и покрај турбулентниот економски колапс на своите производи од земјоделството и сточарството им обезбедуваат сигурен пласман во главниот град.
Втората предност, која ја нуди Општина Илинден, се релативно ниските општински давачки за капитални инвестиции, вклучително и изградба на згради, институции и приватни куќи.
Воздушна линија меѓу селото Мралино во Општина Илинден и Општина Аеродром во Скопје е неполн километар, а комуналните давачки во Општина Аеродром се три пати повисоки од тие во Општина Илинден.
Сообраќајната поврзаност на Општина Илинден со Град Скопје е многу ефикасна во споредба со општините кои припаѓаат на Град Скопје. Со еден збор Општина Илинден има визија за иднина и убеден сум дека многу бргу ќе биде дестинација каде жителите на Скопје ќе посакаат да живеат. Денеска едно тивко, организирано и чисто место за живеење е вистински предизвик.
Поводот за денешната колумна, посветена на село Мралино, е прославата на црквата „Покров на пресвета Богородица”, одржана на 14 октомври. На овој стар православен христијански празник, бевме поканети од мојот пријател Орце, со прекарот „Петле” ,да бидеме дел од овој настан.
Прекрасниот сончев ден уште повеќе ја облагороди, ја стопли атмосферата меѓу гостите кои дојдоа да го чествуваат овој ден во дворот на Црквата Покров на Пресвета Богородица.
Тоа што немаше место за паркинг и се бараше столче или клупа повеќе, само ја потврди потребата на луѓето да бидат присутни на верскиот празник. Благопријатно беше да се слушаат автентични македонски песни, кои некако нѐ поврзуваа со далечното минато и долговековната христијанска традиција. Традиционална домашна ракија, голтки вино и пиво за здравица, како и ненадминливиот вкус на македонското гравче, беа мевлем за душа.
Огромната трпезарија сепак беше мала за да ги собере сите вљубеници и дегустатори на грав, па затоа ручекот мораше да се послужува во три последователни групи на гости.
Почитувани читатели, сакам да ви го приближам и претставам мојот пријател и другар Орце- Петле. Орце е средовечен човек, по професија касап, препознатлив како карактерен и силен човек. Неговите добри атрибути го красат и негово семејство.
Живее во с.Мралино опкружен со големо семејство и дели заедништво со пет чичковци и четири тетки. Често умее да каже: „еснафлукот го добивме од мојот дедо и за нас луѓето од фамилија клуч не постои”. Заемна почит, доверба и разбирање всушност е клучот за среќно семејство. Од мене, респект до небо! Многу е драгоцено и симпатично кога се гледа отстрана, кога целото семејство ја слави славата Митровден. Замислете, десет семејства од исти род, слават иста слава во исти ден.
За Орце сѐ уште се раскажува еден настан пред повеќе од 15 години, кога како приватен касап одел и купувал стока по сточните пазари низ Македонија. Вообичаено, сточните пазари во Македонија функционирале само за викенд деновите, а Орце бил да купи стока на сточниот пазар во Куманово. Сведок бил и видел со свои очи како младо разјарено бикче од половина тон крева една баба во воздух. Тој веднаш го фатил бикот за рогови, го кутнал на земја и убил со нож.
Ова не е приказна туку вистина, како Орце со висина од 165 цм и околу со 70-80 килограми тежина, но со вештина на касап, успеал да се справи со бикот од половина тон.
Инаку важи за скромен човек и бивши фудбалер. При нашите фудбалски средби, сите се плашевме кога тој ќе тргне да шутира. Има прецизен и многу силен удар, со еден шут и бик би соборил.
Орце за нас скопјаните, кои сакаме да јадеме свежи јајца од кокошки или патки кои колват по дворовите, е правиот избор за здрава храна. Кога и да го прашаме дали има фарма, тој вели не, затоа што имаме по дворовите многу кокошки и патки за кои и не знаеме каде ги снесуваат јајцата. Често се случува или да ги нагазиме или да бидат далеку сокриени од очите на нас, луѓето. Впрочем ја имаат фармата насекаде, пердувестите жители ја имаат својата слобода.
Почитувани читатели, селото било и останало извор на здрава храна која и денес се користи во урбаните средини. Жално е што селата и нивите се запуштија низ цела Македонија, затоа што ќе имаме се помалку здрава, органска храна и во таков дефицит сѐ поскапа.
Нема да додавам идилични приказни за местото и улогата на селото, бидејќи за жал, се во фаза на изумирање. Во интерес на нашето опстојување мора да го стопираме овој процес . Селото за македонски услови сѐ уште е неопходно и потребно за нашето секојдневие. Нека селото Мралино ни биде за пример!