Мицкоски: Проверуваме документи за злоупотреби на Онкологија во 2023 г., ако се точни лично ќе ги презентирам во јавноста
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека од свиркачи добиле информации за злоупотреби на Клиниката за онкологија кои се однесуваа на оваа година.
Доколку проверките на материјалите покажат дека станува збор за точни наводи, Мицкоски најави дека со нив наскоро ќе излезат во јавност.
Одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на Општина Лозово денеска, лидерот на најголемата опозициската партија рече дека Анкетната комисија во Собранието на површина изнесе шокатни информации.
„Морам да кажам дека преку свиркачи добиваме многу сведоштва, документи и еден таков случај, документиран прилично темелно и јасно, добивме пред неколку дена. Го истражуваме, го анализираме. Се однесува за сега, не за минатото, бидејќи Анкетната комисија го опфаќа периодот до 2021 година, зборувам за сега 2023 година“рече Мицкоски.
Според него, ако тоа што го добиле се потврди како точно тогаш, како што рече, „може да каже дека имаме работа со монструми, не со луѓе коишто и покрај ова што се случува продолжуваат со злоупотреби коишто имаат нечовечки размери“.
„Планираме со ова да излеземе во јавност доколку ова што го достави свиркачот се потврди како точно и имаме намера да му отвориме на Обвинителството сериозна работа бидејќи гледаме дека со истрагата во Министерството за внатрешни работи се калкулира, се препелкаат, тогаш ние имаме намера да ја преземеме работата во свои раце и да одиме до крај“изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Прашан дали може да откриени некои детали за овој нов случај поврзан со Клиниката за онкологија, лидерот на најголемата опозициска партија рече дека сè уште проверуваат и прашање е на часови или денови кога лично тој ќе презентира случајот во јавност.
„Ако се потврди ова, излегуваме во јавност и тоа лично јас ќе излезам“изјави Мицкоски.
Инаку, собраниската Анкетна комисија која треба да утврди политичка одговорност за случувањата на Онкологија продолжи со работа и денеска. Пред неа сведочеше в.д. медицинската директорка на Клиниката, д-р Виолета Клисарова.
Таа во своето обраќање пред Комисијата кажа дека најсериозен проблем со кој се соочила во управувањето со ресурсите е нивната ограниченост наспроти големиот број на пациенти кој секој ден се зголемува.
Клисарова посочи дека оваа календарска година Клиниката има повисок буџет и се внимава месечните нарачки на лекови да бидат во рамки на одобрените, иако се случуваат и отстапувања. Додаде дека постојано се во координација со ФЗОМ и прават постојан притисок за одобрување дополнителни средства.