Просечната новинарска плата во приватните медиуми е 470 евра, во јавниот сервис 620 евра

 

Media interview – group of journalists surrounding VIP

Новинарите во Македонија работат во лоши услови и со ниски плати и ова прашање и понатаму предизвикува загриженост, се констатира во Извештајот на меѓународната мисија за проценка на слободата на медиуите, која се одржа од 5 до 7 јуни 2023 година во организација на Здружението на новинарите на Македонија. Општата оценка е дека повеќето новинари имаат договори на определено време или договори за дело, а просечните плати во медиумите се под просечните во државата и изнесуваат 28.860 денари (приближно 470 евра). Згора на тоа, платата на околу третина од младите новинари е значително пониска од оваа сума. Од друга страна, вработените во јавниот радиодифузен сервис се во подобра позиција бидејќи нивната плата изнесува во просек 38.120 денари (околу 620 евра)

– Со непочитувањето на работничките права на новинарите од страна на многу приватни медиуми се остава простор за притисоци од раководството, сопствениците и политичарите. Ноќните смени и прекувремената работа ретко се плаќаат, а правото на отсуство често се занемарува. Мисијата за проценка на состојбата смета дека е проблематично што нема колективни договори во ниту еден приватен медиум. Генерално, ситуацијата ги погодува особено младите новинари и тие што работат во дигиталните медиуми, кои често работат без договори. Новинарките дополнително се соочуваат со малтретирање. Ваквите притисоци главно остануваат скриени, а новинарите се воздржуваат отворено да зборуваат и ретко поднесуваат пријави кога им се прекршени работничките права или кога се малтретирани – се вели во Извештајот.

Несигурноста на договорите, се додава, честото непочитување на работничките права и општо ниските плати во никој случај не придонесуваат за привлекување нови таленти во медиумскиот сектор и во новинарството. Тоа се влошува со фактот што земјава страда од значителен одлив на мозоци кон земјите на ЕУ, па не е изненадувачки што само деветмина студенти лани дипломирале на факултетот за новинарство.

 

 

Мисијата, која беше сочинета од претставници на пет водечки европски организации за слобода на медиумите, во извештајот констатира дека е постигнат напредок во последниве години, но земјата и натаму закрепнува од сериозно нарушената слобода на медиумите во претходната деценија. Постигнатиот напредок може лесно да се урне па затоа има уште многу работа за да се надминат системските предизвици.

Во врска со безбедноста на новинарите, документот наведува дека Македонија е релативно безбедна во споредба со земјите во регионов. Извештајот нотира дека со измени на Кривичниот законик нападите врз новинарите се препознаваат како напади врз службени лица, дека е назначен специјален обвинител одговорен за кривичните предмети што вклучуваат напади врз новинари, како и дека со измените на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета во 2022 година се ограничи можноста моќните актери да поднесуваат непропорционални и несериозни тужби.

– Како позитивен пример за раскрстување со практиките од минатото е дека високите функционери и членови на извршната власт јавно не ги оцрнуваат или навредуваат новинарите како реакција на критики, а се развива и култура на осуда на нападите врз новинарите. За жал, овој позитивен тренд тргна во обратната насока во 2023 година. Некои политичари се непријателски настроени во своите изјави или одбиваат да се занимаваат со прашања што содржат критика, а кога има такви примери, не се презема одговорност – се вели во Извештајот.

Според мисијата за проценка, информативниот простор во Македонија е сочинет од крајно спротивставени страни, поради што јавноста ја губи довербата во новинарството, а тоа, пак, е директна закана за безбедноста на новинарите.

– Во однос на медиумскиот екосистем, новинарите сега работат во поотворена и послободна клима отколку во претходната деценија. Сепак, состојбата на независното новинарство и уредничката слобода и натаму е проблематична. Клучен проблем е што многу сопственици на медиуми, особено во традиционалните медиуми (национални ТВ станици), имаат различни основни бизниси, кои често зависат од тендери од министерствата и од институциите, создавајќи имплицитни или експлицитни табу-теми – се вели во Извештајот.

Тужбите за клевета против новинарите се значително намалени, но во последно време има пораст. Во 2012 година, за време на поранешниот премиер Никола Груевски имало околу 330 тужби против новинари за клевета, па бројката се намалила на 39 во 2017 година, на 33 во 2020 година и 20 во 2021 година. Во 2022 година, пак, бројот на тужби за клевета и навреда во кои една од странките е новинар или медиум изнесува 54, а во јули 2023 година имало 27 активни тужби против новинари.

– И покрај загриженоста за овој неодамнешен пораст, нема индикации дека таквите судски спорови се користат системски, како оружје, во корист на моќни политички или деловни интереси, за да се замолчи и заплаши известувањето во корист на јавниот интерес. Ваквата состојба во многу се разликува споредено со некои други земји во регионот – се вели во документот.

Врз основа на своите наоди мисијата за проценка на состојбата со медиумите даде повеќе препораки за подобрување на безбедноста на новинарите и за зајакнување на слободата и плурализмот на медиумите, а како краткорочен приоритет предлага да се направи јавен фонд за поддршка на медиумите врз основа на објективни критериуми и со целосна независност, а во согласност со постоечките европски стандарди. Мисијата предлага да се задржи строгата забрана за државно рекламирање во медиумите и да се става јасен воден печат на комуникациските материјали од владата со цел изворот да ѝ биде јасен на јавноста.

Понатаму, мисијата дава и десетина други предлози, меѓу кои и да се подобрат работните услови на новинарите со зајакнати одредби за работничките права во Законот за медиуми, да се почне процес на потпишување колективни договори со кредибилниот синдикат, да се подобри одговорноста на политичарите за непријателски изјави и однесување кон новинарите, да се ревидираат правилата за концентрација на сопственоста за да се подобри медиумскиот плурализам и уредувачката независност, повторно да се воведат гаранциите за независен избор на главни уредници и директори на редакции, со закон да се наметне целосна транспарентност на партиско-политичкото рекламирање во медиумите воопшто итн.

.

Back to top button
Close