Кога и адвокатите плачат – приказна за судењето за масакрот во Белградското училиште Рибникар

Судијката воздивна и сe обидуваше да ја задржи присебноста. Ова беше само еден од потресните моменти на судењето во кој првпат плачев додека бев на новинарска задача.

Во текот на два дена во декември, родителите на децата убиени на 3 мај во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград дадоа исказ пред Вишиот суд во Белград.

Како никој во судницата, вообичаено лица студени и оптоварени со строги судски процедури, да не беше подготвен за зборовите на родителите на Ана Божовиќ, Андрија Чикиќ, Катарина Мартиновиќ, Ангелина Аќимовиќ, Ема Кобиљски и чуварот Драган Влаховиќ, кои сведочеа за безнадежноста на тоа сончево утро на 3 мај.

Со недели се закажуваше фотографирање за училишниот алманах, учениците со нетрпение го очекуваа, но наместо тоа беа убиени.

Убиени беа девет деца и еден чувар, уште шест се ранети, а за ова дело е осомничен 13-годишен ученик од ова училиште.

 

Првиот и последен бакнеж на роденденот

Нинела Радичевиќ, мајката на Ана Божовиќ, ученичка во петто одделение, која беше убиена додека беше на училиште, вели дека денеска и е благодарна на својата пријателка која ја убедила да оди и лично да ја идентификува нејзината ќерка.

На роденденот на Ана, во мај, „ја облековме онака како што сака: панталони, маица, џемпер, патики. Му реков на мојот сопруг Иван „Те молам, не предлагај да носи фустан, ќе се налути“, вели таа и се насмевнува низ солзи.

„Тоа беше последен пат кога го бакнав моето дете, прв и последен пат на 6 мај, со разлика од 12 години“, вели таа низ липање.

Додека зборуваше мајката на Ана, јас за прв пат плачев во моите 11 години работа како новинарка. Се запрашав дали претерувам, а потоа пред мене гледам мажи чии рамења се тресат од тивко плачење, а до нив полицајка како ги симнува очилата и си ги брише солзите со марамче.

Повеќечасовните рочишта со кратки паузи се одржуваа во пространата трапезоидна судница на Палатата на правдата. Левата страна на салата со тавани високи речиси шест метри ја исполнија обвинители, петнаесетина родители и двајца адвокати, пред кои се екрани и микрофони. Од десната страна, обвинетите ги застапуваа само две адвокатки опкружени со морничаво празни клупи.

Судијката Бојана Чогуриќ сама на голема маса како зад катедра зад која има место за пет нејзини колешки, внимателно ги слуша родителите, повремено со големо разбирање потсетувајќи ги како треба да се изјаснат.

 

“Заглушувачка тишина“

А тишината знае да биде заглушувачка, особено онаа која во последните седум месеци ги замени звуците на пијаното на Андрија, единственото дете на Сузана и Милош Чикиќ.

Обидувајќи се со сите сили да не прсне во солзи, Милош во судницата вели дека денес е се потешко да се најде причина да се стане од кревет. Нема на кого повеќе да се чека.

Особено гласна е и тишината којаностанала по малата балерина Катарина Мартиновиќ.

-Беше дете на мимикријата – ја опиша татко и Зоран.

Нивното семејство од пет години со три ќерки негуваше љубов и „бескрајна нежност“, вели Миjана, мајка на Кате.

“И тоа е уништено засекогаш” вели тивко додека постарите сестри на Кате плачат во првиот ред.

Кога, неколку дена по трагедијата, ја вадела облеката од плакарот, и паднало парче хартија со порака на Катарина.

„Напишала „Те сакам најмногу на свет. Ката“ и нацртала срце, а такви пораки ми оставаше во тетратките со белешки.

Секој ден ја бакнува сликата на својата најмлада ќерка, понекогаш дури и се насмевнува, бидејќи се чувствува нежно и горда што и е мајка. Сведочењето го завршува мирно.

Додека родителите се менуваат на судската говорница, ме обзема впечатокот дека сите семејства живееле со многу љубов.

Таткото на Анџелина, Анѓелко Аќимовиќ низ солзи зборува за својата ќерка која го учела хип-хоп.

Пред трагедијата со автомобил се упатил до трговскиот центар, каде што и сега кога заминува, гледа во таванот барајќи ја ќерката и плаче „но да не го види никој“, вели со паузи.

Анџелина сакала да биде моден дизајнер. Таа почина 12 дена по пукањето во училиштето.

Додека ги слушаа другите, Драган и Нина Кобиљски, родителите на убиената Ема, се држеа за раце, понекогаш потпирајќи ги брадата на шише со вода.

На Ема за прв пат по смртта и купила модерни патики, бидејќи секогаш ја учела својата ќерка дека материјалните работи не носат среќа и дека желбата за нови џорданкк или нов iPhone само покажува незрелост, тивко вели Нина Кобиљски. Ја научила својата ќерка да „биде човек“, а горда е што тргнала напред и се обидела да го спречи напаѓачот.

-Таа отсекогаш била „борец“, иако предвреме родена, успеа да ја надмине секоја препрека и да стане здрава, висока тинејџерка – опиша Нина Кобиљски.

„Трчаше во прегратката, како да ја прегрнува љубовта пред себе. Во текот на своите 13 години, Ема научи се што е важно во животот, да сака, да знае дека е сакана, да простува, да се исправа кога греши, да се грижи“, гордо опишала мајката.

За прв пат се исфенирала вечерта пред трагедијата, поради фотографирањето. Ставила сјај за усни и маскара и, гушкајќи ја својата помала сестра, отишла на училиште. Мајката ги испратила.

-Тоа беше последен пат кога ја видов Ема- вели таа.

Она што следеше беа бескрајни часови на неизвесност и чекање пред училиштето да ја прегрне нејзината ќерка „затоа што сигурно била многу исплашена“. Од првичната гужва на крајот пред училиштето останале само родителите на убиените деца, сфатила подоцна. Дури по четири часа во полициска станица го дознала тоа поради што за малку се онесвестила, раскажува низ липање.

Судијата нуди пауза, но Нина Кобиљски одбива.

„Исто ми е (без разлика дали е) 29 декември, февруари или 2030 година“ вели таа.

Сите се тука, само таа не е

Времето што минува не е сојузник во борбата со болката, напротив, вели Нинела Радичевиќ, станува се потешко.

-Животот продолжува и јас го разбирам тоа, но вие поминувате покрај зградата каде што Ана се дружеше со децата и сите се таму, само неа ја нема – вели таа.

На ист начин се чувствува и мајката на Анџелина, Наталија.

„Кога на родителите на убиените деца ми велат „животот продолжува“, ги погледнав во очи, а нивните очи беа мртви, ниту една мајка не може да продолжи. Нема како да разбере некој што не го доживеал“, рече Аќимовиќ со низок глас, кој едвај се слушаше дури и преку микрофонот.

Додека родителите зборуваат, во публиката нема мрморење, ниту вообичаена препирка меѓу адвокатите и судиите. Само неколкумина буричкаа по торбите барајќи марамчињата кои, изгледа, сите ги стегаа во раце.

Краткото сведочење на родителите на убиениот чувар Драган Влаховиќ, кои и покрај староста и лошата здравствена состојба дојдоа со ќерките, потресе многумина.

„Мојот Драган беше многу храбар човек, не сум сигурна дека јас таков го одгледав, се мислам дека Господ таков го испрати“, вели мајката додека нејзиниот сопруг го бришеше челото со памучно марамче.

За време на паузите, родителите се прегрнуваат, поддржувајќи се едни со други. Иако ги знаат приказните, многумина повторно плачат слушајќи ги. Како што рекоа, се разбираат и во тишината.

Никој не можеше да ги задржи емоциите и солзите во судницата.

„Ова се двете најпотресни рочишта што ги застапував во мојот живот, а во текот на мојата 18-годишна кариера имало илјадници“, изјави адвокатот Огњен Божовиќ по судењето.

Наташа Ангелковиќ

Извор: BBC

Превод: Лени Фрчкоска

Back to top button
Close