Државен архив: Директори се менуваат, мувлата останува
„Овде е жива болест да работиш“, ни кажа вработена додека шетавме низ долгиот ходник на Државниот архив на Македонија.
Капиталниот и репрезентативен објект, кој „овозможува современ начин на чување на архивските документи“, како што во 2013 година го опишаа поранешниот премиер Никола Груевски и тогашниот директор на Архивот Зоран Тодоровски, се распаѓа. Најмногу од прокиснувања кога врне дожд или паѓа снег. И тоа е така уште од самото вселување на институцијата во новиот објект покрај Вардар, пишува Призма.
Тоа го тврдат вработените со кои разговаравме, но не и директорот.
„Не прокиснува година и пол“, нѐ уверува Емил Крстески додека се правда дека е многу зафатен и затоа не може да нѐ прими и да разговара со нас. Тој наскоро заминува како амбасадор на Македонија во Чешка.
БИРН го посети Архивот. Всушност, таму воопшто не е тешко да се влезе. Условите во кои работат, оставиле трага на луѓето. Малодушни се и како да кренале раце од сѐ.
На вратата ќе ве дочека незаинтересиран чувар, кој нема да ве соочи со прашањата што ви ги поставуваат кога ќе влезете во друга државна институција- кои сте и каде одите. Лесно ја поминувате пријавницата и стигнувате до металниот лифт.
И со него се качувате до Државниот архив, каде што се чуваат сите важни документи за државава од 12 век до денес.
На седмиот кат, каде што е сместена оваа институција, ве дочекува долг тесен ходник, чии ѕидови се прошарани со дупки и со мувла. Некаде водата течела и врз разводни табли за струја.
…