Видлив воздух, невидливи луѓе

Македонските власти тврдат дека 45 проценти од аерозагадувањето во главниот град Скопје доаѓаат од домаќинствата. Извештај на Светската банка додава неколку проценти плус во таа оценка. Го пренесуваме гласот на невработени лица, невидливи за државата, кои живеат во импровизирани живеалишта во централниот дел од Скопје и на минусни температури се принудени да се греат на отпад.

Неџмедин Усеинов е еден од стотина жители, кои живеат во импровизирани живеалишта во централниот дел од Скопје, а кои се невидливи за државата. На температури околу нулата тој и неговите соседи се греат на пластика, алишта, мебел, врати, палети.

„Еве какви дрва носиме: од овие креденци, од кујни, од тие палети“, објаснува невработениот Неџмедин Усеинов, покажувајќи ни стар мебел и врати. „Ама има и со нафта палети и тие смрдат внатре кога ги палиме. А, ние да имаме услови, некој да ни помага, да си земеме дрва. Две-три дрва ќе ставиш по два-три саата држат. Ама немаме услови ние за тие дрва. Ние сами излегуваме по контејнери и ако има дрва ќе палиме дрва. Ако немаме дрва, што наоѓаме – пластики, алишта палиме. Никој не ни помага. Немаме помош од никого. Се разболе еве и ќерка ми од што по некој пат палиме пластики, палиме алишта. Еве сега прима инхалација. И сега се трудам малку повеќе. Носам палети, носам дрва, а некој пат се ставаме во ќебиња, оти немаме“, додава Усеинов.

За само два часа греење на жителите им треба една вреќа со алишта, бидејќи тие бргу горат. „Еве, еве што носиме. Овие за горење ги носиме. Реално ти кажувам за горење ги сечам за да фатам оган“, објаснува Усеинов покажувајќи ги старите алишта и текстили што се користат за греење.

Освен лакирано дрво и алишта, жителите горат и тврда пластика. Во земја во која не се селектира отпадот, пластика лесно се наоѓа. „Овие такви ги гориме“, вели Неџмедин Усеинов, покажувајќи пластични анбалажи од сладолед и течен прашок за алишта. Тој и неговите соседи живеат во импровизирани живеалишта од даски веднаш до Термоелектраната и топлана во Скопје.

„Нема ни помош, да ти кажам, немаме ништо. Овде имаме едно мало (ќумбе, н.з.) и сѐ си дими кога спиеш. Сѐ дими внатре. Не можеш ни да дишеш, ќе добиеш некоја болест. Овде палиме, ако имаме дрва, а ако немаме ставаме наши работи“, објаснува Алмир Бериша и додека става стари лакирани даски и ткаенина во ќумбето додава: „Еве вака ставаме што имаме работи. Ако нема дуго, ќе извадам патики, кондури – стави внатре и пали. Види колку сум палел.

Само да не се запали мојава куќа“, го покажува Бериша олукот и неколкуте квадратни метри куќа од шперплочи.

Исчистениот отпад дома се враќа како загаден воздух

Неговиот сосед Неџмедин и партнерката доброволно потпишале да го напуштат прифатниот центар во Визбегово заедно со децата, бидејќи таму често имало физичко и вербално насилство меѓу бездомниците. Тој е еден од преку 102.000 невработени лица во државата и преживува од контејнери или чистејќи подруми, тавани и отстранувајќи отпад од покуќнина. Граѓаните така се ослободуваат од тој отпад, но со негово горење на друго место отпадот им се враќа назад во форма на загаден воздух.

На другата страна од градот, во скопско Батинци е депонијата Дрисла, која во минатото често беше посочувана како извор на загадување поради палење медицински и друг отпад. Иако ни беше ветено интервју, него не го добивме. На сајтот на депонијата, во документ од февруари минатата година, стоди дека и инсенераторот од 2001 година, кој беше често присутен во медиумските извештаи дека одамна не ги исполнува ЕУ-стандардите, се користи за согорување на медицински отпад, лекови со поминат рок, хартија и растенија.

Во селото Батинци бевме во септември минатата година и можевме да ја почувствуваме силната миризба од депонијата.

„Ова не можат луѓето да го поднесат, па почнаа да се исселуваат во странство и само доаѓаат овде во лето 15 дена на одмор. Има многу луѓе што се исселени. Многу луѓе барале азил во друга држава затоа што немаме воздух, затоа што имаме загаден воздух и затоа што палат медицински отпад, донесуваат хемиски материјали од разни фабрики, отпад од хемиски фабрики и се фрла како шут“, објаснува Сених Браховиќ, жител на селото Батинци.

Браховиќ објаснува дека петнаесетина години забележува аерозагадување и миризба на стопена пластика. „Секоја вечер се пали. Секоја вечер или сабајле рано, кога не може народот да види“, тврди Браховиќ.

Граѓаните во меѓувреме и протестираа, па по три месеци отидовме да провериме дали има некаква промена.

„Секаде реагиравме. Значи, нема каде не испративме документи. Испративме до градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Испративме документи до министерката за екологија. Никој не нѐ прими. Никој досега не нѐ прими“, вели Браховиќ.

Тој и неговите соседи побарале информација од Катастар колку е оддалечен центарот на Скопје од депонијата Дрисла.

„Центарот на градот е оддалечен пет километри воздушна линија. Значи, Аеродром е оддалечен три ипол километри, Драчево е оддалечено два километри воздушна линија. А, експертот за воздух кажа дека до 30 км наоколу депонијата Дрисла може да го носи тоа загадување. И се плашиме дека тоа загадување е канцерогено“, вели Браховиќ.

Жителите на Батинци побарале анализа на водата и почвата во селото. Од лабораторијата им било кажано дека не можеле да се испитаат посакуваните анализи на канцерогени параметри, затоа што уредот за анализа ќе се расипел. Во Батинци има една бела чешма што Сених ја направил во чест на својата мајка, која ја загубил поради канцер, а во моментов од истата болест е болен и неговиот татко.

„На главната улица во 100 куќи, каде најмногу се акумулира тој воздух, таму за последните 10 или 12 години има изумрено околу 25 луѓе и моментално девет се болни од таа страна. Само на главната улица. А, ова село брои околу 2.500 куќи“, објаснува Сених Браховиќ.

И политичарите и нивните роднини дишат ист воздух

Активен мониторинг во депонијата нема. Во селото се поставени неколку од стотината мерни станици во Скопје купени од Холанѓанецот Александер Долстра, кој од пред скоро четири години живее во Скопје и се обидува да ги открие изворите на загадување. Покрај индустријата и државните институции, коишто се греат на мазут, нафта и дрва, тој ги посочува домаќинствата како извор на аерозагадување. Податоците од мерните станици одат и во апликацијата AirCare, на градскиот советник од „Зелен хуман град“, Горјан Јовановски.

„Имаме делови, какошто се Лисиче или Сарај, како што е населбата Бардовци, од каде што често гледаме многу силни извори на загадување, коишто понатаму го опколуваат цело Скопје. Доколку гледаме на мапа на мерните станици може многу убаво да се види како и од истокот и од западот доаѓа загадувањето и на крајот го преклопува центарот на Скопје, каде што да речеме има најмалку извори на загадување во самата срцевина на градот“, објаснува Јовановски.

Членот на Советот на Град Скопје нагласува дека загадениот воздух го дишат и политичарите и нивните роднини, но и покрај тоа тој не гледа реални чекори и мерки за решавање на аерозагадувањето во македонскиот главен град.

„Во источниот дел, а и во делот околу Сарај има многу домаќинства, коишто се загреваат на дрва. Може да се тоа влажни дрва. Може да е тоа ѓубре. Бидејќи луѓето едноставно немаат финансиски средства за да си дозволат подобар начин на загревање. Мора да се интервенира и од страна на градот, но и од државата за да им се помогне на овие луѓе да имаат многу поголема енергетска независност, многу подобар начин на загревање, многу подобри фасади. Буквално сите работи коишто треба едно домаќинство да ги има за да не загадува“, нагладува Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“ и додава:

„Еве две години не е поставена ниту една мерна станица од страна на Градот Скопје, за коишто имаме обезбедено буџет и постојат пари, но не се поставени. Целосно е поништен тендерот и тие станици воопшто нема ни да се набават веќе, бидејќи имаме добиено, како Град Скопје, донација на волонтерски мерни станици, за коишто иницијално градот самиот се противеше да ги постави. Донацијата е прекрасно нешто и треба многу повеќе вакви, но доколку сме обезбедиле буџет за поставување на официјални мерни станици, коишто градот ќе ги контролира, зошто тие пари да не се вложат во поставување на дополнителни мерни станици“.

Цена платена со животи

Европската агенција за животна средина, која е агенција на ЕУ, кон крајот на минатата година објави дека во 2021 година 4.980 смртни случаи во земјата се припишуваат на ПМ2,5 честичките, а други 600 на загадување со азот диоксид и озон. ПМ2,5 честичките имаат јадро од јаглен на кое се налепени тешки метали, хемиски или органски соединенија и се сметаат за најопасни, бидејќи стигнуваат до секоја клетка во организмот. Озонот, пак, ги оштетува само белите дробови.

„Тоа е како изгореница од сонце. Континуирана изгореница од сонце во вашите бели дробови, бидејќи тој ги гори клетките. И тогаш ќе имате мутација. Тој може да создаде лузни на ткивата. Тој делува навистина само на белите дробови, а не на другите делови од телото. И затоа луѓето имаат потешкотии при дишењето, кога имаат озон“, објаснува Франк Хамес, извршен директор на IQAir и експерт за аерозагадување.

 

„Губиме 5.600 луѓе годишно од ова, коишто бројки се накачуваат. Беа 4.000 порано. Сега сме 5.600. Едноставно не се важни другите проекти. Не се важни другите проекти, кога имаме толку големо губење на човечки животи, а не се наоѓаме во воена состојба“, нагласува Горјан Јовановски. „Институциите знаат да зборнат на темата загадување само кога е најзагадено. Само во зима. Дојде и сега ќе збориме, сега е загадување, чекај – сега итни мерки, бесплатен јавен превоз. Тоа воопшто нема да го реши проблемот, ниту на долг рок, ниту на краток рок. Ако ние низ целата година не работиме на спремање за сезоната со загадување, џабе ни е кога ќе дојде тогаш да сме активни и тогаш да се бунтуваме“, нагласува Јовановски.

Цената на аерозагадувањето е повеќекратна: економска, социјална и цена што ја плаќа здравствениот систем. Загадениот воздух и појавата на магла во земјава влијаеле во минатите десет години по 20 летови годишно да бидат пренасочени, откажани, или вратени назад.

Неџмедин и неговите соседи авионите ги гледаат само на небото. Пред зајдисонце, тој успеа да најде парчиња дрво во контејнерот за да може да го згрее домот. Таму веќе оганот го распалува бремената Нертена, која иако е во деветтиот месец од бременоста, не била воопшто на лекар.

„Ми пречи, ама нема што да правиш. Ми паѓа мака, мирисот ми смета. Не само на мене, и на моите деца им смета. Ама нема што да правиш. Тоа е сиромаштија. Нема никаква помош од никого и мора да запалиш. Едвај ги хранам моите деца и немам пари да одам на лекар секој месец да платам по 600 денари“, нагласува Нертена Демировска.

Со Неџмедин го измеривме аерозагадувањето во живеалиштето. Вредноста над 500 според американскиот стандард за квалитет на воздух покажа дека живеењето во таква средина е ексремно опасно и е десет пати над нормалните вредности, а во тој момент нивото на ПМ2,5 честички беше 152 пати над годишната вредност според Светската здравствена организација.

„Еве, од што палиме оган, ми се разболеа децата. Значи, примаат инхалација. Што немаме дрва. Значи, што да кажам? Многу загадување има внатре. И така ми се разболеа децата“, вели Неџмедин Усеинов. Прашан дали некој дошол да ги праша него и неговите соседи како се греат, Усеинов вели: „Не, никогаш. Значи, никој не нѐ прашал досега“.

Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева

Извор: Нота

Овој текст и документарниот филм „Пази! Видлив воздух“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe.

Поврзано:

Најавената пријава од Арсовска против Усје и по една година ја нема

Трицифрени милионски штети поради аерозагадувањето во Македонија

 

 

 

 

Back to top button
Close