Перел: Учиме да се сакаме себеси само во релации со други луѓе

Разговор со Естер Перел, семеjна системска психотерапевтка

Неколку клучни поенти од разговорот со Естер Перел, семеjна системска психотерапевтка

Што би им рекле на луѓето кои моментално се сингл и би сакале да стапат во врска, што треба да бараат кај идните партнери, дали прво треба да поработат на себе, па потоа да влезат во врска, како гледате на тоа?

– Неодамна напишав текст – мала критика на таа денес многу популарна премиса „прво сакај се, па потоа…“. Затоа што, во принцип, учиме да се сакаме себеси во контекст на односи со други луѓе. Оваа идеја дека прво работиме на себе, подготвувајќи го тој мал совршен пакет што потоа го внесуваме во врската, е големо заблуда. Тоа е интерактивно – потребна ни е одредена количина на самосвест што ја постигнуваме со самите себе, но треба и да бидеме во релации со други луѓе, бидејќи луѓето се тие кои ни помагаат да станеме самосвесни. Така вежбаме, а и другите луѓе ни покажуваат кои сме! Стануваме свесни за себе во рамки на однос, не дека седиме, медитираме и се прашуваме: „Кој сум јас? Кој сум јас?”. Тоа е релациски, системски поглед на животот до кој секогаш ќе се придржувам, поради тоа сум и системски семеен психотерапевт. Навистина сум малку уморна од таа премиса, од тој императив „прво поправи нешто во себе, па дури потоа стапи во врска“ – врските ни помагаат да станеме тоа што сме. Тоа се случува и во односот меѓу децата и нивните родители.

Следно, наместо да се фокусираме само на „која е вистинската личност за мене?“, зошто да не се запрашаме „кој сакаме да бидеме“? Треба да се прашам и кој сакам да бидам како партнер/ка? Каков партнер/ка сум бил/а досега? На кој начин постоев во тие врски? Не само „најдете ја вистинската личност“. И што значи тоа, „пронаоѓање на вистинската личност“? Има многу луѓе што ќе ги сакаме, но тие не се нужно луѓето што ќе создадеме заеднички живот. Дали бараме љубовна приказна или бараме животна приказна? Многумина имаат љубовни приказни, но знаат дека нема да создадат животна приказна со таа личност, бидејќи тука се вклучени многу фактори, треба заедно да поминеме низ многу проблеми, предизвици и болки…

Можеме ли да имаме животен партнер, а сепак тоа да биде и љубовна приказна?
– Секако. И треба да се стремиме кон тоа нашиот животен партнер да биде и љубовен партнер, Но љубовната приказна сама по себе не мора да биде и животна приказна. Се работи за различни состојки во една врска. Различни вредности. Постојат работи кои не се неопходни за да имате прекрасна љубовна приказна. Таа може да постои во сопствената изолирана капсула, но тоа е вон реалноста, без прашања од типот дали можам да го постигнам ова и она со оваа личност. На пример дали можам да остарам со неа, дали можам да ја однесам кај моите родители, дали споделуваме слични вредности? Животното партнерство подразбира и слични вредности, а не само споделување на чувства. Кога ја бараме вистинската личност, прашањето не е само „кој ме привлекува?“, туку и „со кого можам да градам живот?“.

– Колку заеднички вредности треба да има еден „пар за цел живот“?
Најважните. Не е до бројката, има такви кои ни се навистина важни. На пример, ако сте личност која ги цени односите со луѓето, која го гледа присуството на луѓето во вашиот живот како нешто важно и свето, а притоа сте со некој кој не верува во заедница или не знае како да комуницира, претпочита самотија, се потпира на себе, не сака луѓето да му доаѓаат дома итн., тоа може да биде проблем. Работев со еден пар, тој сакаше да има друштво, таа не сакаше никој да ѝ влезе дома – си помислив, леле, ова ќе биде тешко. Тие се екстремен пример, целиот негов живот е ориентиран околу луѓето, целиот нејзин живот е насочен кон тоа да не биде околу луѓе. Сега се поставува прашањето – дали нејзе ја привлекува нешто што тој има да понуди, и дали тој го привлекува нешто што таа има да понуди? Тогаш овие различни вредности може да се комбинираат и да се надминат.

Друго нешто што можеме да се запрашаме, за љубовните, или деловните, или какви било релации – дали јас и другата личност сме фокусирани на независност или поврзаност? Ова е можеби една од најважните работи. Тука се и религиозните и спиритуални вредности, потоа тие за структурата на релацијата, дали некој сака поструктуиран, порепетитивен живот, додека другиот можеби е ориентиран кон истражување, патување итн. Потоа децата – дали сакате семејство или не сакате семејство? Ако сакате деца, погрижете се да најдете некој кој исто така сака деца, бидејќи во спротивно ќе се обидете да убедувате некого во спротивното…? Не треба да ги споделуваме апсолутно сите вредности, само треба да имаме сличен поглед на животот, визија – дали сакате да живеете во куќа, дали двајцата мислите дека е важен економскиот статус, дали сакате и двајцата да живееш во пошироко семејство? На пример, можеби навистина ги цените домаќинствата со повеќе генерации, а вашиот партнер е на ставот „Не сакам толку често да ги гледам твоите родители“. Тоа се суштински прашања – пари, чувства, религиозни убедувања, поглед на животот… Значи, не се работи за една вредност, тоа е збир на вредности кои ја сочинуваат визијата за животот“.

извор: Белешки од психотерапија
превод: Лени Фрчкоска

Back to top button
Close