Го прекршивме ли Преспанскиот договор?
Дали го прекршивме Преспанскиот договор со изгласувањето на “Измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата“, по скратена постапка. Прашање за милион долари, ми го поставија повеќе луѓе деновиве. Ајде да почнеме по ред за да ни стане појасно.
Секако дека требаше, всушност беше и неопходно со оглед на новонастанатата ситуација, да се донесат овие измени на Законот за безбедност на сообраќајот со што се продолжи рокот за важење на возачките дозволи и околу тоа немам ништо против, но овде се поставува прашањето што требаше и што треба сега како држава да правиме понатаму со оглед на нашите меѓународни обврски по однос на Преспанскиот договор, секако и во однос на средување на ситуацијата внатре во државата со евентуалниот поголем хаос кој може да настане. Дали со ова продолжување на важноста на овие документи до крајот на годината го прекршуваме договорот или не?
Еве да се потрудиме некако поедноставно за граѓаните да објасниме што значи оваа ситуација, а всушност овој текст верувам ќе биде од корист и за претставниците на Владата кои некако фатени во овој временски цајтнот создаден од една хаотична ситуација брзаат и притоа грешат во нивните одлуки и изјави кои ги даваат по однос на ова прашање.
Согласно, правните правила и принципи на Виенската конвенција за договорно право чија што страна на овој договор сме и ние од како сме ја ратификувале, (1999) година, државата не може да се повика на своето внатрешно право како оправдување за непочитување на обврските од договорите. Согласно Преспанскиот Договор (член 1, став 10), ние сме се обврзале во еден период од 5 години (технички период) по стапување на сила на овој договор, (2019), да ги промениме сите официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба како и документите за внатрешна употреба но кои може да се користат и надвор од државата. Тука секако спаѓаат и патните исправи, возачките дозволи, сообраќајните дозволи, личните карти, всушност сите оние документи кои сега ги чекаме, односно тоа значи дека не сме ги завршиле обврските по основ на овој дел од договорот. Имено, со продолжување на нивниот рок на важност до крајот на годината ние сме прекршиле дел од одредбите на Преспанскиот договор, (член 1, став 10). Но во меѓународното право не постои можност делумно да прекршите одреден дел, одредба од договорот, туку тоа значи дека со прекршување на одредена одредба од договорот го прекршувате договорот во целост. Она “оправдување“ кое сме го ставиле во текстот на Измените на “Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата“, дека “доколку не го промениме рокот на важност на документите го кршиме уставното загарантирано право на слободно движење, па повикување на одредени конвенции од областа на заштита на човековите права, па можноста граѓаните да не тужат пред Судот за човекови права во Стразбур“, сето ова е упатено како оправдување до другата договорна страна (Р.Грција) заради тоа што не сме ги завршиле нашите обвски, но тоа едноставно не е нивна грижа, сето ова што може да настане а што сме го набројале е само наш проблем (настанат поради неисполнети обврски) кој не ја засега другата страна. Тоа во меѓународното право не е основа да се повикувате и оправдувате зошто не ги почитувате одредбите од договорот, ниту пак претставува битна и суштинска промена на околностите, но тоа подолу ќе го објаснам. Но како сега понатаму?
Секако дека Виенската конвенција за договорно право разгледува и вакви слични ситуации и нуди одредени можност како да постапите како страна во договорот а при тоа да не бидете обвинети или да се најдете во ситуација да одговарате пред меѓународниот суд на правдата за прекршување на договорите. Тука пред се би ги упатил претставниците на Владата да се консултираат повеќе, да ја земат во предвид и да ја разгледаат Виенската конвенција за договорно право и да бидат повеќе упатени во оваа област, а не да настапуваат во јавност од една страна сигурни во себе но од друга страна со едно многу површно познавање на работите од оваа материја.
Согласно Виенската конвенција и правните правила и принципи на меѓународното право договорите може да се менуваат само со нов договор, односно може да се изменуваат и дополнуваат само спогодбено во согласност на двете страни, односно со постоење согласност за изменување или нов договор меѓу двете страни, што е во овој случај неизводливо и безпредметно затоа што сега не би преговарале повторно со Р.Грција. Но официјалните и највисоки претставници на Р.Грција не се ниту малку адресата на која ние треба да се обраќаме и да бараме “прошка“ за неисполнување на обврските од договорот. Тоа ниту нашиот претседател и премиер не можат да го направат со другата страна, односно со Р.Грција па дури тие (Грците) и да сакаат, едноставно што може да направат Грчките претставници? Затоа таа идеја дека претседателот, премиерот или амбасадорите меѓу себе ќе се договараат за толерирање и ќе си простат взаемно за непочитување на одреден договор, не постои такво нешто. Постои само можност на другата страна да и ги објасните причините за неисполнување на обврските и тие во духот на добра волја да се согласат “молчешкум да протестираат“ до 31.12.2024 година. Тоа значи дека не може да се дополнува меѓународен договор, да се менуваат делови од договорот или да се спроведуваат само одредени делови од договорот без взаемна согласност. Ние во никој случај не може да ја продолжиме важноста на нашите документи вон нашата држава по наведениот рок (12.02.24) затоа што би бил потребен целосно нов договор со Р.Грција. Ние само можеме да ги ублажиме последиците од прекршување на договорот од наша страна (со донесените измени и дополни на законот за безбедност на сообраќајот). Како ќе го направиме тоа?
Во Виенската Конвенција за волја на вистината од страна на (Комисијата за припреми на конвенцијта, 15 седница, 1969 год.), се разгледувале овие прашања во делот околу “Престанок на договорот поради невозможност или битна промена на околностите под кои што е склучен договорот. Овие прашања сепак се однесувале околу основите за престанок или суспендирање на договорите, што секако не е наша намера во оваа ситуација, ниту да отстапиме ниту да го суспендираме договорот со Р.Грција. Затоа веднаш да нагласиме дека правните правила согласно Виенската конвенција не ни оставаат многу голем простор да се “оправдаме“ за неисполнување на нашите обврски. По долги разговори и дебатирање во (Комисијата за припреми) околу тоа што претставува поимот “битна промена на околностите“ како основ за престанок или суспензија на договорите, (член 61 и член 62) од Конвенцијата, како и долги дебати околу тоа што претставува поимот “суштински промени“ на дел од одредбите на договорите кои можат да бидат основа за престанок или истапување од договорите, сепак постои одредена можност на која може да се повикаме и да ја објасниме ситуацијата, но само да ја објасниме. Затоа што и во дебатите во рамките на Комисијата мнозинството на експерти и правници биле на мислење дека смислата и духот на оваа Конвенција треба да биде во функција на заштита на начелото на обврзност од почитување на договорите и во таа насока привремената измена или застој на несуштински и не толку битни делови за самата суштина на договорот не би требало да претставуваат пречка за понатамошно продолжување на важноста на договорот по завршување на истите. Во таа насока предлагам да се земат во предвид и да се разгледаат членовите (61 и 62) од Виенската конвенција.
Но ова не го решава нашиот проблем во целост затоа што ќе повторам дека ниту имаме намера, ниту пак сакаме да отстапиме од договорот.
Е сега има друг проблем, Промена на битни или суштински околности како основ за запирање на договорот согласно Виенската конвенција, кои таму ги навеле нашите предлагачи на Измените на законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (неможноста да се стигне со вадење на лични документи поради немање на капацитети на државата, и новонастаната потенцијална ситуација што може да настане со прекршување на човековите права на нашите граѓани) не спаѓа воопшто во условот (согласно оваа конвенција) на “промена на битни и суштински околности за неизвршување на обврските од договорот“. Тоа согласно правните правила и принципи на Виенската конвенција се третира така што се вели “ договорната страна која е самата виновна за настанување и промена на битни и суштински околности поради кои не може да ги исполни обврските од договорот не може да се повикува на тие околности како основ за престанок или запирање на примената на договорот. Тука ги советувам претставниците на владата да не се држат многу до овој основ што го навеле како правило во меѓународното право а тоа е промена на битни и суштински околности, туку да го употребат овој основ само од аспект на молба и разбирање до другата страна, верувам дека ќе не разберат.
Но да не должиме многу и да бидам разбирлив за граѓаните.
Решението е во тоа да ја известиме другата страна, Р Грција, како и другите држави (трети страни) затоа што се работи за меѓународен договор кој го прифатиле и други страни иако не се обврзани да го почитуваат, дека не може да ги исполниме обврските по основ на овој договор (одредена негова одредба) до наведениот датум од 31.12.2024 година. Да се повикаме на сите овие членови од Виенската конвенција кои ги набројав (член 61, 62, 71, 72), но само како олеснување, иако за волја на вистината во овој случај не може да истераме правна битка согласно правилата на Виенската конвенција, но во духот на добра верба и почитување на договорите да ја објасниме ситуацијата во која се наоѓаме и едноставно од другата страна да побараме разбирање за да не бидеме обвинети пред меѓународната јавност. Верувам дека другата страна, Р. Грција молчешкум ќе го прифати ова, всушност и кој би бил другиот избор, верувам дека нема да изрази протест веројатно околу ова прекршување на договорот, а ние како држава со сите капацитети во наредниот период до 31.12.2024 верувам ќе успееме да си ја средиме работата внатре со неопходните исправи и документи.
м-р Глигор Стоименов