Како анксиозноста на родителот може да влијае на децата

Како и со повеќето други проблеми со менталното здравје, се верува дека интеракцијата на генетските и социјалните фактори е одговорна за развојот на анксиозноста. Логично, примарната семејна средина е „најповолна“ за нивна соработка. Преку практиката, дојдовме до заклучок дека повеќето луѓе кои работат на надминување на зголемената анксиозност имаат барем еден член од нивното потесно семејство со зголемена анксиозност.

Анксиозноста која се пренесува од колено на колено може да ја промени својата форма – ако мајката, на пример, има социјална анксиозност, тоа не мора да значи дека и детето ќе се соочи со ваков тип на анксиозност. Може, на пример, да развие панично растројство или нешто друго од спектарот на анксиозни нарушувања.

За дете (а подоцна и возрасниот човек) кое расте со еден или двајца родители кои имаат анксиозни нарушувања, растењето и созревањето може да биде потешко. Да речеме, детето нема да оди во насока на независност и зрелост на личноста ако родителот постојано ги решава неговите проблеми, за тоа да не чувствува непријатност, и им придава преголемо значење.

Доколку детето влезе во конфликт со некој од неговите врсници на училиште, не е препорачливо премногу загрижениот и заштитнички настроен родител веднаш да интервенира, да го предупреди класниот раководител, директорот итн. за да го одбрани своето дете и да докаже дека тоа не е виновен. Доколку таквиот пристап на родителите се повторува од проблем во проблем, детето ќе создаде слика за себе дека не е во состојба да се справи со животните предизвици и дека само неговите родители знаат да му ги решат проблемите. Факт е дека во повеќето случаи децата сами ќе најдат решение за конфликтот, без интервенција на возрасните. Затоа, детето треба да знае дека секогаш може да ви се обрати за секој проблем, но и дека вие, всушност, ќе му помогнете да го најде вистинското решение, а нема да преземете на себе да му го решавате проблемот за да ја избегне секоја непријатна емоција. Важно е да сфатите дека всушност вие сте тие кои веруваат дека непријатните емоции се непожелни, недозволиви, неподносливи.

Исто така, ако сте склони, на пример, често да му кажувате на вашето дете: „Не плачи“ за вие да го избегнете чувството на тага и непријатност бидејќи нешто го мачи, детето го прифаќа ставот дека покажувањето емоции е погрешно и затоа почнува да ги потиснува. Постои голема веројатност дека на овој начин во одреден момент детето ќе развие некои од анксиозните нарушувања.

Забележливо е и дека вознемиреноста на родителите на луѓето кои доаѓаат на психотерапија, за да работат на модифицирање на блокирачките уберенија, во повеќето случаи не се третира и не се препознава како вознемирувачка, како за нив, така и за нивните деца. Некои од нив тоа го гледаат како позитивен дел од воспитувањето. На пример, мајката која поминала низ развод и уште неколку тешки врски по разводот, може да чувствува дека ќе ја заштити својата ќерка од ова во иднина ако и „помогне“ да разбере дека сите мажи се себични, манипулативни, егоцентрични, и слично, и со тоа верува дека ја подготвува за животот.

Исто така, таткото кој е перфекционист и премногу строг кон себе, може да смета дека „воената дисциплина“ и поставувањето на највисоки можни, ригидни барања кон сам себе, преку тоа ќе ги мотивира децата да се развијат во одговорни, успешни и дисциплинирани личности кои нема да си дозвочуваат грешки и пропусти. Родителите на дете кое било отфрлено од неколку врсници во нивното соседство може да развијат верување дека тоа секогаш ќе се случува насекаде, а со цел да го „заштитат“, можеби ќе почнат да мислат дека е подобро да не се обидува да се дружи затоа што ќе бидат повреден.

Во првиот случај, постои веројатност да се развие недоверба кај мажите, што ќе доведе до проблеми со приврзувањето, до страв од заљубување, напуштање и повреда, додека во вториот случај, ќе се развие страв од грешки и неуспех, а кога ќе се случат, лицето може да почне да се доживува себеси како губитник и да чувствува силна вина поради нереализираните очекувања. Во третиот случај, детето може да се развие во насока на личност која верува дека сите луѓе се лоши и/или дека е чуден, различен, дека секогаш ќе биде неприфатен и погрешно разбран и дека треба да се помири со ова, што може да го доведе до асоцијалност.

Со оглед на тоа што во сржта на анксиозноста се катастрофичните интерпретации, доколку тие не се стават под контрола и отворено му се пренесуваат на детето, постојат големи шанси самото дете да усвои некои од општите дисфункционални верувања како што се:

Светот е опасно место

Треба да држам сè под контрола за да избегнам да бидам повреден/а бидејќи е страшно да се биде повреден/а

Не треба да чувствувам и покажувам тага/ лутина/ страв…

Подобро е да не ризикувам – полесно ми е да не пробам нешто отколку да направам грешка

Не треба да им верувате на луѓето (или на одредена група луѓе: жени/мажи/личност од различна вероисповед/личност од одредена професија и слично

Сè мора однапред да се испланира, недозволиви се неизвесноста и неорганизираноста

Подобро е да останам дома и да ја избегнам можноста нешто лошо да ми се случи

Ако се препознавате во некои од овие верувања – добрата вест е што тие можат успешно да се модифицираат и да се заменат со нови, функционални начини на размислување и однесување. Исто така, важно е да се фокусирате на сегашноста – на она што можете да го направите овде и сега за вашето здравје, наместо да се фокусирате на она што не било адекватно во минатото (начинот на кој ве воспитувале). Ако, пак, се препознавате како вознемирен родител, обидете се да работите на себе – на тој начин ќе направите најмногу за вашето дете.

м-р Анѓела Златковиќ, специјален педагог и советник за КБТ

Извор: najboljamamanasvetu

Превод: Либертас

Back to top button
Close