ВИДЕО: Првиот брод со 200 тони храна за Газа исплови од Кипар

Брод натоварен со речиси 200 тони храна за Газа утрово испловил од Кипар, јавуваат светските медиуми додавајќи дека станува збор за пилот-проектот за отворање нов поморски пат за доставување хуманитарна помош за населението во Газа кое се соочува со глад поради војната меѓу Израел и Хамас.

Бродот со хуманитарна помош на невладината организација „Опен армс“, според „Гардијан“, бил забележан како испловува од пристаништето Ларнака на Кипар влечејќи баржа со околу 200 тони брашно, ориз и друга храна.

Мисијата, во најголем дел финансирана од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), ја организира хуманитарната организација „Светска централна кујна“ (World Central Kitchen), додека шпанската организација го обезбедила бродот за транспорт на помошта.

Местото каде што точно ќе се вкотви бродот по пристигнувањето на Газа не е соопштено.

„Нашата цел е да воспоставиме поморски автопат со чамци и бродови снабдени со милиони оброци кои постојано ќе се упатуваат кон Газа“ја пренесува Би-би-си изјавата на основачот на „Светска централна кујна“, Хозе Андрес, и главниот извршен директор Ерин Гор.

Иницијативата, како што пренесува британскиот национален сервис, се реализира одвоено од планот на Соединетите Американски Држави (САД) за изградба и управување со привремено пристаниште во близина на брегот на Газа, преку кое треба да се овозможи брза испорака на хуманитарна помош по морски пат.

Дека западните земји се обидуваат да отворат поморски пат за снабдување на Газа со хуманитарна помош во петокот најави и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Во заедничка изјава потпишана од ЕУ, САД, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати и многубројни европски земји се додава дека поморскиот коридор може да биде дел од континуираните напори за зголемување на протокот на хуманитарна помош и комерцијални стоки за Газа преку сите можни маршрути.

ЕУ тестира поморски коридор од Кипар до Газа за испорака на хуманитарна помош

Хуманитарните организации имаат намера да однесат помош директно во Газа, која е затворена од надворешниот свет откако Израел ја започна својата офанзива како одговор на нападот врз Израел од страна на Хамас на 7 октомври.

Поради недостиг на пристанишна инфраструктура во Газа, од хуманитраната организација соопштија дека се обидуваат да направат импровизирана платформа за истовар на помошта со материјал од уништените згради и урнатини во Појасот.

Од организацијата велат дека имаа собрано уште 500 тони помош на Кипар, која планираат да ја испратат во Газа.

Во меѓувреме Израел е постојано на цел на критики дека не прави доволно за да го олесни влезот на хуманитарна помош за околу 2,3 милиони луѓе во Појасот Газа.

По пет месеци војна, ОН соопштија дека четвртина од луѓето во опколената палестинска територија се на работ на глад.

Напорите на хуманитарните агенции да достават хуманитарната помош таму каде што е најпотребна беа попречени од логистички причини и долга бирократија наметната од Израел, пишува „Гардијан“.

Во врска со иницијативата на хуманитарните организации за достава на помош по морски пат од израелска страна, според весникот, ги поздравиле ваквите напори со напомена дека пред да го напуштат Кипар товарот на бродовите ќе биде проверен од израелски претставници.

Back to top button
Close