Макрон: Ако сака мир, Европа треба да се подготви за војна

Европа треба да се подготви за војна, ако сака мир, изјавил францускиот претседател Емануел Макрон, посочувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин доколку ги победи украинските трупи во двегодишниот конфликт, нема да застане со освојување само во Украина.

„Ако Русија победи во оваа војна, кредибилитетот на Европа ќе се намали на нула“, рече Макрон во интервју за француските ТВ канали Франција 1 и 2, пренесува Ројтерс.

 

Макрон ги повика Европејците да не бидат слаби и да бидат подготвени.

Минатиот месец, тој предизвика бурни реакции во француската и европската јавност, откако рече дека во иднина не ја исклучува можноста за распоредување на копнени трупи во Украина. Од неговата изјава многу лидери се оградија, додека други, пак, особено оние од источна Европа, му изразија поддршка.

„Ако Русија победи во оваа војна, кредибилитетот на Европа ќе се намали на нула. Денес, одлучувајќи да се воздржите или да гласате против поддршката за Украина, треба да знаете дека таа не избра мир, но не ја исклуи и можноста на пораз. Тоа е поинаку“, рече тој.

Главната опозициска партија на Макрон, екстремната десница на Марин Ле Пен, беше воздржана во парламентот на гласањето за безбедносниот договор што Франција го потпиша со Украина, додека тврдокорната левичарска партија „Франција Непоклонети“ гласаше против.

„Ако војната се прошири во Европа, Русија ќе биде виновна. Но, ако решиме да бидеме слаби, тоа веќе би било избор на пораз. И јас не го сакам тоа. Важно е Европа да не повлече црвени линии, што ќе сигнализира слабост за Кремљ и ќе го охрабри да продолжи со својата инвазија на Украина“,рече тој.

Макрон посочи дека Франција никогаш нема да започне офанзива против Русија и дека Париз не е во војна со Москва и покрај тоа што, како што рече, Русија започнала агресивни напади врз француските интереси во Франција и надвор од неа.

Тој додаде дека Украина е во тешка ситуација на терен и е потребна посилна поддршка од нејзините сојузници.

Макрон се надева дека еден ден ќе биде време да се преговара за мир со рускиот претседател, како што рече, кој во иднина и да биде тој.

Францускиот претседател минатиот месец рече дека земјите кои ја поддржуваат Украина не треба да ја исклучат опцијата за испраќање свои војници на фронтот.

Неговата изјава предизвика низа одговори од сојузниците кои претходно најавија дека немаат намера да испраќаат војници во Украина.

Back to top button
Close