Израелската војска ја нападна болницата „Ал Шифа“ во Газа

Израелските сили извршија напад врз болницата „Ал Шифа“ во Газа во текот на ноќта, а според извештаите, се слушале силни пукотници и тенковски активности, јавува Би-би-си.

Израелската армија денеска соопшти дека повторно распоредува војници во областа на болницата „Ал Шифа“ во градот Газа, јави ДПА.

Во тек е „прецизна операција“ во областа на болницата „Ал Шифа“, објавија израелските одбранбени сили (ИДФ) во објава на Телеграм рано утрово. ИДФ соопшти дека разузнавачките служби укажале дека високи членови на палестинската група Хамас ја користат тешко оштетената болница „за спроведување и промовирање терористички активности“.

„Пред почетокот на операцијата, војниците добија инструкции за важноста на мерките на претпазливост, како и за мерките што треба да се преземат за да се избегне штета на пациентите, цивилите, медицинскиот персонал и медицинската опрема“,соопшти ИДФ.

Од пациентите и медицинскиот персонал не се бара да ја напуштат болницата. Војската соопшти дека „ќе продолжи да дејствува во согласност со меѓународното право и против Хамас.

Според сведочењата на очевидци во областа околу болницата владее паника.

Во снимен разговор со неговиот брат објавен на група Ватсап, еден маж рекол дека биле опкружени со тенкови

„Се криеме во шаторот. Слушаме пукотници во близина на комплексот“,рекол тој.

На снимките објавени на социјалните мрежи се слушаат пукотници околу болницата. Сведок од болницата, Мухамед Ал-Саид, изјавил:

„Има мртви и ранети во болницата, а војниците уапсија неколку млади луѓе. Ситуацијата овде е катастрофална“.

Министерството за здравство на Газа информира дека комуникациите биле прекинати, а луѓето биле заробени во одделот за хирургија и одделот за итни случаи во една од зградите.

„Има жртви, вклучително и мртви и повредени, и невозможно е да се спаси некого поради интензитетот на пожарот и пукањето на сите што се приближуваат до прозорцитесоопшти Министерството, обвинувајќи ги израелските сили за „уште едно злосторство против здравствените установи. “

Американската влада, исто така, го поддржува тврдењето на Израел дека Хамас ја користел најголемата болница во Појасот Газа како команден центар и складиште за оружје.

Израелската војска упадна во болницата „Ал Шифа“ во средината на ноември и покрај широките меѓународни критики. ИДФ соопшти дека таму откриле комплекс од тунели на Хамас.

Пронајдено оружје и терористичка инфраструктура во болницата „Ал Шифа“, тврди израелската војска

Израелската војска започна офанзива во Газа откако вооружени лица на Хамас убија околу 1 200 луѓе во јужен Израел на 7 октомври и зедоа 253 заложници. Министерството за здравство на Газа соопшти дека оттогаш повеќе од 31 300 луѓе се убиени на палестинска територија.

Back to top button
Close