Фриден: Не смееме да ги изгубиме луѓето од Западниот Балкан
Европа е континент на мир, стабилност и просперитет и затоа е многу важно да се осигураме дека нема ги изгубиме луѓето од Западниот Балкан и ЕУ мора да посвети внимание на тоа што се случува во регионот, изјави денеска луксембуршкиот премиер Лук Фриден при пристигнувањето на Самитот на ЕУ.
– Тие луѓе со години чекаат да се придружат на Европската Унија. Тие нема да ни се придружат утре, но преговорите им даваат надеж. Тоа е елементот што ги поттикнува реформите во овие земји и верувам дека на среден рок сите овие земји треба да се придружат на ЕУ, истакна Фриден.
Според него, проширувањето е важно за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста на европскиот континент, па затоа треба да се поддржи овој процес.
– Тој процес треба да биде базиран на заслуги, но не смееме овие луѓе да ги оставиме сами и да се посветуваме само на Украина, додаде Фриден.
Затоа, според него, важно е лидерите на ЕУ денеска да ја поддржат препораката на Европската комисија и да донесат одлука за отворање на преговорите со Босна и Хецеговина.