Мицкоски: Пендаровски пред избори со ветувања како првпат да се појавува во политиката
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во обраќање пред граѓаните во општините Василево и Босилово, во рамки на претседателската кампања оцени дека актуелниот претседател и кандидат за нов мандат Стево Пендаровски пред избори излегува со ветувања како првпат да се појавува во политика.
– Стево Пендаровски којшто пет години заборави на Македонија, кажува колку било убаво да ја посети оваа или онаа општина, но пет години ниту еднаш не дошол во општина како што е Василево и да праша со какви проблеми се соочуваат граѓаните, а сега пред избори ќе дојде и ќе ветува како првпат да се појавува во политиката. Сега ќе дојде и ќе ви ветува ќе ви збори небаре првпат се појавува во политиката и како да не е повеќе од 30 години активен во македонската политика како советник на претседатели, премиери, министри, пратеник, претседател. Нема функција која што Стево Пендаровски не ја извршувал и сега ќе дојде и ќе каже извинете ние згрешивме, ве молам гласајте не и ако и овие четири-пет години повторно грешиме е тогаш дајте ни шут карта. А 30 години заборавил што правел, потенцираше Мицкоски.
Според Мицкоски, изборот на 24 април и на 8 мај е меѓу, како што рече, човек како Пендаровски кој отворено кажува дека е претседател само на оние што го гласаат и професорката Гордана Силјановска Давкова којашто е неприкосновен борец за граѓаните и светски признат експерт цитирана од светски правници“.
– На 24 април бираме за овој човек којшто јавно вели дека нема намера да биде претседател на сите граѓани туку на „нашите“, оние коишто гласаат за мене, така му е и паролата, пораката од кампањата „Нашиот претседател“ значи тој е претседател само на тие коишто гласаат и сега не само што е тоа напишано, туку мора и да се дообјасни на митинзи, па вели ако не ме гласате очи да не ви видам. Еве вчера, слушајте го. Јас не можев да верувам дека тоа го зборува претседателски кандидат. Е тој е од едната страна кандидатот, а од другата страна ја имате професорката Гордана Силјановска Давкова, жена која што ја познавам долго време. Можам да кажам дека таа е беспрекорен борец за Македонија, беспрекорен борец за граѓаните на Македонија. Никогаш таа не ги дели граѓаните по верска и етничка припадност, космополит човек, познавач на правото, на Уставот, европски признат стручњак, светски признаен стручњак, потенцираше Мицкоски.
На митингот во Босилово Мицкоски посочи дека „на овие избори се одлучува дали Македонија ќе биде онаква каква што сакаат граѓаните да ја видат или пак онаква каква што Али Ахмети му сугерираше на Димитар Ковачевски со три клучни збора – Како до сега“?
-На овие избори одлучуваме дали Македонија ќе биде онаква каква што мојата, вашата, нашата генерација сакаше да ја види или пак ќе биде Македонија онаква каква што Али Ахмети му сугерираше на Димитар Ковачевски со три клучни збора, а тоа се како до сега? Овие избори кои што следат се Македонија горда, Македонија повторно твоја или пак како до сега во која СДС се ништо повеќе од еден обичен измеќар на ДУИ, а државата, нашата Македонија ја водат Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи и останатите стотици разбојници од ДУИ кои од Македонија направија сопствен вилает, рече Мицкоски.
На митингот во Босилово говореше и носителот на изборната листа во четвртата изборна единица, Александар Николоски, кој притоа потсети дека поставил неколку прашања до Пендаровски, на кои не одговарал.
-Го прашавме, а не одговори каде ја донира сопствената плата нели се фалеше ќе ја донира, до денес не одговори дали после 12 мај кога официјално му завршува мандатот дали ќе користи претседателски бенефиции, а тие се претседателска пензија доживотно во висина на претседателска плата, кабинет, простории, возач, обезбедување платени од државата, кажа Николоски.
Предизборниот карван на ВМРО ДПМНЕ по Босилово и Василево продолжи во Радовиш, а централниот настан ќе се одржи во Струмица.